Амела Мемиш Апостоловска е мајка на две дечиња, жена чиј животен пат добил сосема нова длабочина во моментот кога на едното од нив, малиот Леон, му бил дијагностициран аутизам.
Прогнозите што ги добивала не биле охрабрувачки, а надежта – тивка и кревка. Но, наместо да се помири со ограничувањата, таа одлучила да верува, да учи и да се посвети безрезервно.
Денес, Леон е целосно вербален, социјален и интерактивен – резултат што многумина го нарекуваат чудо, а Амела го гледа како спој на знаење, љубов и вера. Во емисијата Мој збор таа отворено зборува за патот низ кој поминала како мајка и психолог, за улогата на психологијата како нејзина вокација, но и за духовноста, силната вера во Бог и мајчинската посветеност што, како што вели, биле клучни во напредокот на нејзиното дете.
Ова не е само приказна за аутизмот, туку и за истрајноста, надежта и моќта на родителската љубов која одбива да прифати дека „неможно“ е конечен одговор.


















