Во Соединетите Американски Држави е забележан нагол пораст на заболени од грип, при што нов сој на вирусот веќе доведе до смрт на пет деца. Најновите податоци покажуваат рекордно висока активност на грип во 32 сојузни држави.
Центар за контрола и превенција на болести информира дека активноста на грипот е „многу висока“ во поголемиот дел од земјата. Бројот на хоспитализации е зголемен за 54 отсто во споредба со претходната недела, а секое трето тестирано лице добива позитивен резултат на грип.
Особена загриженост предизвикува новата варијанта H3N2 подтип К, позната како „супергрип“, која најсилно ги погодува децата. Иако симптомите личат на оние кај другите соеви, лекарите предупредуваат дека текот на болеста е значително потежок. Најчесто се јавува висока температура што трае пет до седум дена, како и упорна кашлица која го отежнува дишењето.
Портпаролката на Американското здружение за белодробни болести, Џуанита Мора, објаснува дека температурата предизвикана од овој сој често не реагира на вообичаени лекови како парацетамол или ибупрофен. Премногу високата температура може да доведе до оштетување на клетките и ослабување на функцијата на органите, вклучително и мозокот.
Покрај високата температура, новиот сој предизвикува влажен и упорен кашел, повраќање, пролив, како и болки во зглобовите и мускулите. Здравствените власти апелираат на внимателно следење на симптомите и навремено јавување кај лекар, особено кај децата и ранливите категории.


















