За остварување на квалитетна врска, љубов и задоволителна-квалитетна сексуалност внатре во брачниот однос, меѓу партнерите потребна е не само одредена емоционална зрелост туку и способност и подготвеност за квалитетни односи, добра комуникација меѓу истите, и секако и нешто друго: што го нарекуваме избор на брачен партнер!

Тоа, исто така, е составен дел на засновање или склучување на бракот. Денес бракот добива карактеристики на интерпесонална, емоционална и интимна заедница на две индивидуи и неговиот квалитет и траење се повеќе зависи пред се од она што се случува внатре во еден брачен однос. Надворешните фактори се помалку учествуваат во неговото одржување. Во таа смисла изборот на брачен партнер добива ново, поголемо значење!
Бракот како рамноправна заедница на слободни луѓе од различен пол би морала да биде на ист начин заснована а тоа значи слободно, без притисоци од страна, одговорно, врз база на слободно и самостојно одлучување на оние кои во него влегуваат. Навистина, практиката не покажува секогаш така. Слободата и самостојноста при тоа често се загрозени, а, одговрното однесување многу пати и го нема. Изборот на брачниот партнер не смее да биде препуштено на судбината, на случајот. Тоа би било не само неодговорно, туку и ризично. Тоа значи дека и бракот му се препушта на ризикот и случајноста. Во една статија сретнав една малку комична компарација дека луѓето постапуваат повеќе одговорно при купување чевли или на пример автомобил, од колку при изборот на идниот брачен партнер!

Кога купуваме автомобил се распрашуваме за неговата потрошувачка на бензин, за големината на багажникот, за можноста за набавка на резервни делови дури и сериозно размислуваме за бојата на автомобилот. Влегувајќи во брак често за партнерот знаеме помалку, отколку за автомобилот кој го купуваме. Најглавно е да се сакаме и партнерот да ни се допаѓа. При тоа се тешиме дека се ќе биде добро, главно ние да се сакаме. Очигледно дека при ова бракот им го препуштаме на судбината, на случајот, што никако не може да биде основа за добар и квалитетен брак.

Изборот на брачниот партенер не би смеело, не не би требало туку не би смеело, да им биде препуштен на други луѓе околу нас, без оглед дали тоа се нашите родители, пријатели, роднини па и стручњаци (разни советници и посредници). Треба да сме свесни дека во бракот ќе живееме ние а не тие. Резултатите од таквиот избор ќе го почувствуваме ние на сопствената кожа а не тие. Порано тоа беше вообичаен начин на склучување на брак а некаде и до дендешен ден на ист таков начин се влегува во брачна заедница.

Изборот на брачниот партнер треба да биде сериозна животна одлука, која не може и не смее да му се препушти на друг, без оглед на тоа колку тој ни го посакува доброто или колку е стручен за таа работа. Тоа е само наша одлука која мораме исклучително сами да ја донесеме. Значи изборот на брачниот партнер можат да извршат самите партнери во меѓусебна непосредна комуникација и договор. Најправилна метода е „направи го тоа сам”.
Меѓутоа, тоа воопшто не е еднставно и лесно. Тоа е комплицирана работа која, повторно ќе нагласам, треба да ја извршат исклучително партнерите и нивно основно право е сами да одлучат дали ќе склучат брак и со кого тоа ќе го направат.

Не би можело такасативно или по некој редослед да се набројат факторите кои влијаат при изборот на брачниот партнер, но факт е дека сите наши животни и егзистенцијално важни одлуки, а тука спаѓа и изборот на брачниот партнер, ги донесуваме под големо влијание на нашето минато и доживувањата од детството, за што ние не сме ни доволно свесни а сметаме дека се во животот правиме логично и разумно. Тоа влијае на потиснатото и заборавено минато, кое меѓутоа живее во внатрешноста на нашата личност и го претставува она несвесното, кое вилаје на нашата сегашност, па и на нашите одлуки во неа.

Токму ова ја комликува проблематиката на изборот на брачен партнер и на некој начин ги ограничува слободата и рационалноста на таа постапка. Понатаму, ако се потестиме за се она што зборувавме околу вљубеноста, за тоа дека при вљубеност отсуствува рационалното размислување, дека субјективно се оценува партнерот т.е.свесно ги потиснуваме неговите маани, а ги глорифицираме неговите добри и позитивни страни итн., а изборот на брачниот партнер обично се одвива токму во оваа фаза на вљубенсот, очигледно дека тој избор не е извршен во соодветни услови и време. Токму во тој чин на вљубеност (која дефинитивно е посакувано чувство и состојба) таа несвесна компонента за која зборував пред малку, е многу силно присатна и активна. Се ова не наведува на заклучок дека изборот на брачниот партнер во овие опишани околности, не одговара на сериозноста и далекусежноста на одлуката која се носи.

Меѓутоа, теба да истакнам дека не би требало изборот на брачниот партнер да се смета за пресуден и за одлучувачки фактор за успешноста на една брачна заедница или пак, да одлучува за натамошниот тек на еден брак. Тоа вреди само тогаш ако бракот се смета за нешто на кое не треба да се работи и нешто што само од себе се развива и креира. Треба да се земе предвид дека бракот и брачната заедница е развоен процес на кој треба активно да работат и двајцата брачни партнери од самиот почеток, средниот период на брачното живеење па до неговата зрелост во позните години. Тој треба да се негува и оджува континуирано. Ако тоа не се прави тогаш навистина за неговиот тек одлучува исклучително само изборот на брачниот партнер. И друго, без оглед дали е направен соодветен избор или не, дали почетокот е добар или лош, бракот треба да се сфати како предизвик, како шанса можеби, но не мора да се искористи, од која може да се извлече максимум како за себе така и за брачната заедница воопшто. Од ова што до сега е кажано дали би можело да се даде теоретска основа за тоа како малдите да се подготвуваат за таа, за нив, многу важна животна одлука?

Како прво, кај изборот на брачниот партнер не е единствено важно кого сме го избрале туку дали сме подготвени со него да почнеме да развиваме и да одржуваме еден квалитетен однос, а тоа значи однос на кој и двајцата ќе работиме, кој и двајцата ќе го усовршуваме и кој нема да го запоставиме. Проблемот не е во тоа дали и двајцата моментно си одговараме еден на друг, туку дали сме подготвени активно да работиме на постојано меѓусебно прилагодување. Токму таа подготвеност за одржување на квалитетен однос е најважната компонента на квалиетниот избор на брачниот партенр.

Понатаму, со самото определување за одреден партнер треба да се почне и да се усовршува една отворена меѓусебна комуникација. Бракот е долгорочен однос меѓу двајца и со себе нужно носи проблеми, конфликти, различни мислења и несогласувања. Бракот во кој се ова го нема е мртов брак. Ова го покажува и докажува и едно анкетирање во САД, кое браковите ги подели на несреќни, просечно среќни и среќни. Кај тие што спаѓаат во првата поделба имаше најмалку, кај оние во втората нешто повеќе а тие кои влегле во третата поделба се соочувале со најмногу проблеми, конфликти и кавги. Она по што сите се разликувале е токму начинот на кои ги решавале проблемите. Значи она што ги правело среќни или несреќни зависело од квалитетот на нивната меѓусебна комуникација. Значи, со оној кого го избравме треба да знаеме да разговараме, да комуницираме, и да знаеме заеднички да ги решаваме проблемите.

За бракот не е доволно само младите да се сакаат (секако тоа е еден од најважните предуслови), но многу е поважно да знаат меѓусебно да комуницираат, да разговараат. Исто така, при изборот на брачен партнер и при склучувањето на бракот многу е важно да има отворени и искрени изјаснувања во врска со меѓусебните очекувања и потреби внатре во идниот брачен однос. При тоа е важно да постои подготвеност за отворена и чесна заемна игра, со отворени карти, без страв од откривање на „слабите страни”, без заткулисни и притаени стварни мотиви за влегување во брачната заедница и без желба за еднострана победа над брачниот партнер. Уште на самиот почеток треба за тоа отворено да се разговара. Само така може да се спречи претварање на бракот во меѓусебно искористување, злоупотребување, ескплоатирање, што нужно води кон фрустрираност и незадоволство, било на едниот или на двајцата брачни партнери.

Понатаму, секој партнер во бракот го внесува своето недовршено и конфликтно минато, кое се испреплетува во брачната сегашност и го оптоварува нивниот меѓусебен однос. И за тоа треба уште на почетокот да се разговара, да се препознава и да се решава а не да се потиснува и премолчува!

А, се ова спаѓа во работењето за одржување на добра брачна релација и однос. На крај можеме да заклучиме дека изборот на брачен партнер е многу компликуван и комплексен феномен. Кој често бега од нашата контрола како и на логиката и рационалното мислење. Тој престанува да биде пресуден за квалитетот на идниот брак ако постои заедничка подготвеност за активно учество во одржувањето на квалитетен однос, негувањето на отворена и јасна комуникација, како и настојување да се препознаат внатрешните, често не до крај свесни мотиви и потреби кои секој од партнерите ги носи во брачната заедница.

Бракот самиот по себе, нема да го реши тоа. Тоа мораат да го направат брачните партери. Подготвеноста за тоа е поважна од и од најдобриот и најадекватен избор на брачен партнер/сопатник!

Автор: Душко Миновски