Јован Јованов е еден од најпознатите македонски композитори. Со својата работа изврши големо влијание во унапредување на македонската музика за што говорат и бројни домашни и меѓународни признанија потпишани со негово име и презиме.

Јованов во моментот живее во Канада и веќе неколку години успешно се занимава со музичка продукција.

За „Мој збор“ Јован Јованов ги открива своите искуства како композитор, своите видувања за македонската музичка сцена во иднина, го коментира општественото уредување на Македонија во однос на уметничкото творештво, но и открива неколку лични позиции во однос на доживување на уметноста, општеството, другите луѓе, Македонија и сл.

Интегралното интервју со Јован Јованов, во продолжение:

  • Јован има завршено Музичка Академија и е еден од најпознатите композитори во Македонија. Пред твоето иселување од Македонија имаше можност да ги почувствуваш популарноста, славата, признанијата кои пристигнуваа од секаде, но ти сепак се одлучи својата музичка кариера да ја посветиш на творештво кое има само уметнички импликации и се врзува со квалитет, а не со квантитет. Дали и во твојот случај се потврдува изреката дека вистинскиот уметник се води од поривот да создава, а не од личен интерес, за слава пари и популарност?


-Првите стихови ги напишав кога имав 10 години. Од тогаш музиката и компонирањето ми станаа моја прва љубов. Од 16 години веќе почнав да заработувам и живеам од музика. Од тогаш љубовта ми стана работа. Тоа беа годините кога со групата „Магија“ постигнав популарност, доживеав успех кој не беше секојдневен за моите врсници. Животот ми се смени комплетно. Учев и работев. Одев на часови а одев и на состаноци. Имав визија и план и го правев тоа што го сакав. Додека студирав го отворив и моето прво студио за создавање и снимање на песни. Бев најмлад кантавтор што победил на Макфест во 1998 година и најмлад композитор што ја претставувал Македонија на Избор за песна на Евровизија во 2004, со песна во изведба на Тоше Проески. Започнав и соло кариера но, 90% од моето творештво беше за други изведувачи. Уметноста кон создавањето на музика со модерниот звук беше мојот приоритет.
-Отворив и продуценска куќа и бев менаџер на Слаткаристика, Next Time, Елвир Мекиќ, Тони Зен и други. Огранизирав преку 30 концерти на познати Балкански Sвезди. Со тек на време осетив дека повеќе сум насочен на бизнис а не на музика. Се повеќе се одалечував од мојот сон и мојата мисија. Тоа и беше една од големите причини зошто пресеков се. Ги затворив моите две фирми и решив да заминам и да се посветам на тоа што најмногу го сакам. Во 2014 заминав во Холивуд да учам за саунд инжинер. Сакав да го усовршам моето знаење и да го запознаат правиот музички бизнис.
-Квалитетот е најважен. Секоја песна треба да се прави со љубов и со голема страст. Публиката тоа го чувствува. Јас сум професионалец и имам многу сериозен пристап кога е во прашање создавање музика. Луѓето на кој им е поважно популарноста и парите од самата музика генерално не успеваат. Музиката е јавна професија и со самиот успех нормално е да дојдеш до некоја популарност и пари но тие доаѓаат на крај како шлаг на торта. Ама ако нема тортата добра содржина нема ни да дојдеш до шлагот.

  • Македонија е мал простор за тебе и се одлучи да направиш голем чекор со твоето заминување и моментално живеење и работа во Канада. Сепак самите уметници, луѓе, компетентни и стручни можат да придонесат за вистински и суштински развој на нашата културно-уметничка сцена, па и воопшто на нашето општество. Немаше ли што да се направи со твојот младешки ентузијазам тука и што најмногу ти ги разочара очекувањата па мораше да заминеш од Македонија?


-Јас секогаш сонував за многу поголеми работи и поголеми достигнувања. Тоа што постигнав успех на млади години во Македонија ме задржа да останам и толку години таму. Јас никогаш не чувствував дека тоа мене ми е последна дестинација за мојата кариера. Беше само прашање на време кога ќе заминам. Јас во Македонија до мои 32 години оставив повеќе од 500 композииции. Повеќе од 100 композиции беа доста слушани и познати на пошироката јавност и работев скоро со сите наши познати изведувачи. Имам околу 33 награди на наши манифестации и фестивали и три пати бев претставник на Македонија за изборот на песна за евровизија како автор. До 2015 година на „Јутјуб“ моите најгледани композиции вкупно имаа повеќе од 150 милиони прегледи. Ми требаше нови предизвици нови возбуди, -затоа заминав. Во Македонија си станав досаден и на самиот сабе.

  • Која е разликата да се работи ангажирана и неангажирана уметност и кои се придобивките за уметникот од едната наспроти придобивките од другата?


-Едноставно кажано, уметноста станува ангажирана кога ќе започне да реагира на некои социјални ситуации. Таа во тој контекст извршува одредена интервенција и ја насочува публиката кон она на што реагира. Во популарната музика има но се ретки текстови што предизвикуваат и истражуваат негативните аспекти на социјалната реалност, дејствуваат во системот или укажува на можни алтернативни модели. Јас имам работено на музика на текстови од Слаткаристика кој го постигнале тој ефект кај публиката. Но генерално тоа не е толку чест случај во популарните музички жанрови.

  • Може ли да не запознаеш повеќе со твојата моментална работа и продуцкија? Што работи Јован Јованов сега во Канaда?

-После една година живење и студирање во Холивуд во 2015 година добив иселенична виза за Канада и се преселив во Торонто. Тука работам исто што и работев во Македонија. Имам свое студио за снимање и миксање на песни, создавам музика, аранжман (продукција). Работам со канадски артисти. Посветен сум максимално на ова подрачје и фокусиран да постигнам поголем успех. Во исто време сиве овие години создавам конекции за наскоро да се префрлам со живеење и работа во Холивуд. Тоа е мојата желба од дете и работам на тоа.

  • Да имаш магично стапче со кое можеш да смениш три работи на македонската музичка сцена, или да создадеш нови, кои би биле тие?

-Да имам магично стапче ќе го искористам за мене. Доста работи јас во животов сум сменил и создал за македонската музичката сцена и без стапче.

  • Хитовите „Ќе ми треба магија“, „Итно ми требаш ти“, „Сега јас си заминувам“ и многу други се чини дека засекогаш ќе бидат забележани во генерацијата кое растеше токму со овие хитови. Дали и ти имаш носталгија по тоа време и дали можеби токму таа носталгија може некогаш повторно да те врати пред истата публика чија младост ја одбележа токму твојата работа?


-Убави спомени ми будат тие времиња. Многу генерации пораснаа со песните што ги создавав за мене а и за други изведувачи. Често пати некој ќе ми пише на социјалните мрежи дека некоја песна го потсеќа на некое убаво време. Тоа ме прави среќен. Како изведувач не осеќам дека воопшто треба да направам нешто ново. Мојата публика веќе е возрасна. И да имам нови песни, таа секогаш ќе ги сака моите стари хитови што ја потсеќаат на некое време. Генерално луѓето ја сакаат таа музика што ја слушале додека биле млади. А новите генерации си имаат нови ѕвезди и нови хитови што ќе го одбележат нивното време. Јас како автор и музички продуцент работам со млади пеачи и се надевам дека некој од нив ќе остават белег. Но за жал не повеќе во Македонија.

  • Можеби си космополит и секое место на светот го сметаш како свое и сите луѓе за ближни, но дали понекогаш ти недостасуваат некои работи од Македонија, луѓе или места и што чувствуваш кога после подолго време ќе се вратиш во Скопје?


-Македонија како држава со нејзиното уредување мислам дека никогаш нема да ми фали. Никогаш не сум не ни гледал како дел од неа. Јас воопшто не го чувствувам секое место како свое и не би можел сегде да се прилагодам. Генерално Северна Америка ја сакам и едино место во светов што ми се допаѓа е Калифорнија. Само таму се гледам како дома. Веројатно во претходниот живот сум живеел таму.
-Инаку, нормално е дека ќе ти недоставаат драги луѓе од Македонија. Другари, пријатели, роднини со кои си поминал дел од животот, секогаш ќе ти фалат и ќе сакаш да споделиш со нив разни искуства и моменти. Сите прекрасни луѓе од Македонија што некогаш биле дел од мојот живот сум радосен кога ќе ги видам или кога ќе ги најдам на социјалните мрежи. Исто така слушателите и подржувачите на мојата музика, оние кој биле дел од мои настапи и дозволиле да бидам дел од нивниот живот преку мојата музика.

Повеќе за творештвото на Јован Јованов може да следите на линкот подолу:

www.jovanjovanov.com

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ