Бранко Прља е македонски писател и графички дизајнер чие што творештво се смета за основоположничко на неколку жанрови во македонската книжевност. Тој е основач на жанрот „измислени вести“, а пишува и дистописки книги и едукативна проза.

Неговата раскошна креативност која наоѓа медиум и простор во неколку форми на уметничка експресија беше повод за редакцијата на „Мој збор“ да дознае повеќе за неговото творештво, но и неговите позиции како мислител во однос на општествените современи случувања, особено кон оние кои се директен производ на пандемијата предизвикана од КОВИД19.

Интегралното интервју на Бранко Прља за „Мој збор“ во продолжение:

  • Бранко Прља е основач на неколку книжевни жанрови во рамките на македонската книжевност. Во тие жанрови обично се наоѓа експлицитна или имплицитна и длабоко проткаена критика на појавите од современието чии сведоци сме. Што е прво во случајот формата или содржината, односно дали самиот жанр како таков го повлекува изборот на содржините или можеби самите појави за кои пишуваш (содржината) ти наметнува избор токму на таква форма, јазик и жанр да ги претставиш?


-Како дете велев дека кога ќе пораснам ќе бидам научник, тоа не се оствари, но ден-денес не поминува ден, а да не прочитам еден или повеќе текстови поврзани со научни откритија, технологија и слично. Можеби таа научна тенденција преовладала во мојот пристап кон пишувањето. За мене пишувањето е експеримент кој го правам со себеси, со својата свест и со перцепцијата на читателите. Отсекогаш ме интересирало која е границата до каде може да оди текстот во однос на формата и кога ќе откријам некоја за мене нова форма на изразување, тоа го доживувам како голема возбуда, речиси како повторно заљубување. Во однос на самото прашање што е прво: формата или содржината, зависи. Некогаш формата е прва, како кога во младоста пишував многу куси приказни на ливчиња со големина на кибрит. Тогаш сакав да видам дали можам да искажам една целосна идеја или приказна на толку мал простор, каде што самото физичко ограничување те тера да размислуваш за секој збор. Во други случаи, како со романот „Воскресение.мк“ идејата дојде прва, идејата дека Македониум е вселенски брод, објект изграден од вонземјани, и приказната беше родена многу пред да ја напишам, т.е. пред да се решам за формата во која ќе биде напишана.

  • Како дистопичар знаеш да ги пренесеш сите аспекти на едно дистопично општество како антипод на утопијата. Но што за тебе е „утописко општество“ и дали може да ни кажеш кои се основните идеали, вредности и изгледот на поединците и односите во едно утописко општество?


-Веќе го споменав романот „Воскресение.мк“. Иако е наследник (т.е. втора книга во дистописката трилогија) на романот „Апокалипса.мк“, тој всушност има утописка основа. Се работи за една паралелна Македонија, која по самодеструктивната фаза на т.н. Нова Македонија, „воскреснува“ како Препородена Македонија. Оваа нова земја е како дете на лоши родители кои не само што сака да ги заборави, туку сака да ги исправи сите нивни грешки. Така, оваа нова држава е фокусирана на науката и научните достигнувања, а на второ место е екологијата, во сите аспекти на живеењето, од еколошки и штедливи згради (со примена на сончева енергија, самовентилација, тули кои сами се поправаат…), интегрирани во околината (ненарушување на природен тек на ветрот, фокус на социјалната улога), до исклучиво електрични или магнетски возила кои трошат помалку енергија, а ја обезбедуваат од органски отпад. Во ова општество се почитуваат идеите, надарените индивидуи автоматски напредуваат и заземаат високи позиции кои ги добиваат само ако работат на пронајдоци за доброто на сите. Тоа е утопијата во која би сакал да живеам. Се разбира, во романот работите тргнуваат наопаку и сонот станува кошмар, но кога не би било така дејствието би било здодевно. Се разбира, сите сакаме да слушаме убави нешта, но не привлекуваат страшните, така било отсекогаш.

  • Ти си автор на неколку „многу кратки раскази“. Која е техниката да добиеш исклучителна смисловна густина на мал простор (да се пренесат многу пораки, со само неколку зборови)?


-Малку ја начнав темата претходно со моите експерименти на ливчиња со големина на кибрит. Тоа беше вежба која ја правев долго време пред воопшто да почнам да пишувам раскази во таа форма. Се разбира, како и секој друг писател, читав многу и се инспирирав од најдобрите како Данил Хармс, Емброуз Бирс, Џани Родари, Давид Албахари, Иштван Еркењ и други, но и од извори како зен приказните, бајките на Езоп, суфиските приказни, па дури и нашите македонски народни приказни, нешто што може да се почувствува во мојата прва книга „За секого по нешто, за некого ништо.“ Техниката се стекнува само со многу вежба, а тоа го правам секојдневно. Исто така, добар совет за младите писатели е периодично да се обидат да напишат расказ во стил на некој познат писател, едноставно да го ископираат неговиот стил. Ако доволно упорно ја прават таа вежба, наскоро ќе го пронајдат и својот стил.

  • Дали твоите кратки раскази ги гледаш како производ на времето во кое живееме со однос на тоа дека тие заштедуваат време за читање и осознавање, побрзо преку нив се доаѓа до целта и значат економизација на време во ера каде што владее верувањето што го постулираше Бенџамин Франклин дека „Времето е пари“?


-Апсолутно. Дури и во подолгите форми кои ги пишувам секогаш го негувам тој стил кој што го нарекувам „фрагментираност“. Не се работи толку за немањето време, токму ние во модерното општество губиме многу повеќе време пред серии или на мобилни телефони, отколку што го правеле тоа луѓето, да речеме, на село кои не застанувале од работа. Значи, според мене главниот проблем не е времето, туку вниманието. Нашиот опсег на внимание е многу мал, како што вели мојот чест соработник (на проектите како еколошкиот и општествено корисниот „Дај, не фрлај“ или порталот „Арно“), Владимир Карер, „модерниот човек не чита текстови, туку ги скенира“. Навистина, ако го замислиме човечкото око како „скрола“ по екранот, тогаш ќе сфатиме колку нема внимание. Постои цела наука за тоа која се вика Оптимизација на текст или SEO (Search Engine Optimization) која се однесува на начинот како пораката да добие најмногу органска посетеност без реклами со употребување на клучни зборови. Мислам дека како писатели би требало да размислуваме во такви термини, иако тие не се однесуваат на литературата, но не смееме да заборавиме дека и ние буквално се бориме за секој читател во денешната пренатрупаност од информации.

  • Како пандемијата влијае врз твоето творештво? Дали е инспирација за реетаблирање на нови појави во уметноста, дали ја користиш како антиципација на некои промени што не очекуваат во иднина како последица на пандемијата, или можеби се целосно опстуктивни за твоето творештво?

-Мојата дистописка трилогија е завршена и време е за нови авантури. Секако, во денешното стресно време не би ни сакал да пишувам нешто што би го насловил како „Апокалипса“ – кому му треба тоа!? Се разбира, пишаниот збор отсекогаш сум го сметал за поле на експериментирање и продолжувам да го правам тоа. За среќа, креативноста не ме напушта и наскоро планирам да издадам неколку книгички од мојата серија фактопедија, каде што на интересен и хумористичен начин се обработуваат некои содржини кои инаку не би биле интересни, од историјата, науката или екологијата. Обично книгите ги темпирам околу два настани во годината, едниот е саемот на книгата, а другиот е Новата Година. Тоа го правам за да си зададам рок кој морам да го остварам, независно од се. Така полесно се работи и не се смислуваат изговори. На тој начин се трудам да имам барем две изданија годишно. Оваа година не го завршив изданието за саемот затоа што не се одржа од очигледни причини, со што можеме да кажеме дека пандемијата влијаела негативно на мене. Но, наместо да издадам едно издание, работам на неколку, па можеби ќе ги издадам сите наеднаш, ќе видиме.

  • Ако се погледнеш во овој момент во огледало, кои три зборови ќе си ги кажеш сам на себе или три збора со кои се комуницираш за себе а се дел од твоето „себеприкажување“ во секојдневието?

-Не сум сигурен дека ги имам тие три збора. За мене постои само еден збор, па затоа ќе го повторам три пати: работа, работа и само работа. Работам за себеси, затоа што не знам поинаку да функционирам, работам за моето семејство и работам за другите луѓе зашто сакам да ја збогатам нашата култура и да ги инспирирам помладите да го продолжат тоа што можеби јас не сум го доработил доволно добро. Затоа се трудам да бидам активен не само како писател, туку и како еко-активист, уредник на порталот „Арно“, графички дизајнер со можеби некои поинакви изданија какви што нема на пазарот, или како новинар. Сето тоа ми се чини како добар придонес за нашата култура која е богата и има многу луѓе кои сакаат и можат, но можеби немаат услови или немаат доволно мотивација. Би сакал да им порачам да не се откажуваат и да работат искрено, а трудот ќе вроди со плод.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ