Тенденција е на ликовната критика да класифицира и категоризира, па така ликовниот опус и делото што ни го остави великанот на македонската уметност Владимир Георгиевски (1942-2017, роден во Скопје) ни ги открива неговите ликовни интересирања кон ренесансното и византиското сликарство.

Како редовен професор на Архитектоснкиот факултети на Факултетот за драмски уметности во Скопје, тој создал голем број на цртежи, слики, скулптури, театарски сценографии и костимографии, каде што главна преокупација е човекот и неговата судбина, отсликуваќи го во неговата онтолошка убавина како духовно исходиште на неговата слика. Воглавно, тематс и содржинските мотиви во неговото творештво се: светото тројство, Адам и Ева, распетието и оплакувањето, потоа мотиви на стари чевли, свирачи, леб, камења, суви лисја, шпанскиот балгородник Дон Кихот, Достоевски, Бах и Бетовен.

Имено, во почетната фаза од неговото творештво доминантен и главен иконографски лајт мотив е темата на Распетие во кое со антрополошка и метафизичка нота го разработува прашањето за човековата егзистенција низ историјата, и смислата на таа егзистенција на која ирационално и е доделен крстот за распнување. Иако може да се означи ова сликарство како религиозно, сепак повеќе е метафизичко со потрага по божественото и Бог, т.е. може да се согледа како еклектичко сликарство поради препознатливите симболи и мотиви (пиета, распетие, положување во гроб – тријада).

Овој сликар базично поаѓа од легендата за првиот грев како негов филозофски прамотив, но и тука тргнува од темната линија од моментот кога е напукната нашата блага и сеуште паганска хармонија. Всушност, таа пукнатина со текот на времето расте како онтолошки понор во кој човекот е фрлен и кој на крај е вообличен во суштинска слика на гробот како слика на судбината („Ругање на Христос”, „Светло распетие”, „Распетие со свирачи”, „Спуштање од крст”, „Реквием”, „Пиета”, „Свето јагне”, „Адам и Ева” и сл.). Со неверојатно мајсторство за перспектива и светло-темно, Георгиевски со потегот на четката ја потврдува својата индивидуална ликовна експресија исполнета со богата емотивна и трагична доживеаност.

Тој индицира едно егзалтирачко сликарство, во кое зрачат сакрални мотиви со извесна универзална сугестија на мистичност и густа палета на светло жолто, окерно, сино и црвено која постепено потемнува.

Серијата „Свирачи”, „Чистачи на чевли“, „Продавачи на цвеќе“ и сл., изработени во техника акварел, молив во боја и гваш, фигурите ја надминуваат физичката егзистенција и преоѓаат во надреален простор збогатен преку тонови на бледо-жолта и меко-зелена боја. Притоа, на пример се добива впечаток дека свирачите се ослободени од гравитацијата на земното, како некоја заумна сила да ги води кон трансцедентен простор во една поинаква нематеријална егзистенција од искусената дотогаш. Во оваа насока при една од неговите многубројни изложби тој ќе  изјави цитат од Ерих Фром:

Да се биде според Фром, е да се страда, а да се има е нешто материјално, во моментот задоволство. Но, да се биде творечка личноста е вистинска Голгота, тоа значи да се оди кон сопственото распетие.

Присуството на гротеската, иронијата и сарказмот Владимир Георгиевски ги слика во платната и цртежите со наслов „Во рибарница”, каде што рибата е претставена како симбол на страдање од страна на агресивниот инстинкт и бескрупулозниот егоизам на човекот кон природата. Иако наизглед се има предвид за чиста сликарска реторика, сепак во неговите циклуси пулсира контемплативна сликарска медитација, која преку сцените од најгрубата реалност, метафизички размислува за судбината на човекот и светот до кој се допира тој.

Она што се нарекува суптилен сликарски херметизам овој уметник го постигнува во своите необични мртви природи, со барокни драперии на чаршавот, каде предметите иако густо обоени и со презаситен колорит, како да испливуваат од внатрешна светлина, ослободувајќи ги од нивната материјалност со цел да ја запре нивната минливост и да им даде статус на вечност.

Овие дела остануваат и понатаму отворена тема за нови варијации и ликовно изразување на неизразеното, движењето на линијата и распоредот на светло-темните партии секогаш ќе бидат инспирација за идната пластична форма, за проучување на истата и можностите кои произлегуваат од неа.

Автор: Марија Стојческа