Младиот ликовен уметник Крунислав Стојановски (роден 1969 во Скопје) со изложби на повеќе циклуси од својата богата ризница, се презентира на македонската ликовна сцена како автор со голема продуктивност.

Тој неуморно, во ширина ги развива своите тематски преокупации во разни технички и ликовно-идејни варијанти. Главното внимание и интерес на овој уметник е насочено кон општествените проблеми и човековата судбина, третирајќи ги на експресионистички начин со нагласени карикатурално деформирани изрази на лицето и слободно движење на линија формирајќи една графичка арабеска.

Поврзувајќи го со различни типови на експресионистичка уметност во Европа конкретно во поглед на употребата на густа паста и немирен потег со четка, творештвото на Стојановски може да се објасни низ една реченица на Ворингер, која гласи:

Се станува загадочно и фантастично. Зад видливиот изглед на работите се крие карикатура, зад безживотноста демне таинствениот сенишен живот и така се постоечко станува гротескно.

Всушност, стравот од егзистенцијален колапс, тој мунковски крик на ерозија на човековата душа кој настанал како резултат на војната,  длабоко го вознемируваат овој автор. Тој гест на протест го отсликува во серијата на безлични портрети изработени во техника акрилик на платно кои носат наслов „Лица” во кои нагонски ја нагласува деформираната психа и судбината на човекот. Во овие творби очигледна е неговата тендеција за тематско-симболично раскажување на едно темно време на духовни стеги.  

 Во периодот на својот престој во Финска, во циклусот на дела креирани во комбинирана техника  под наслов Калевала и „Кристали”, го иницира значењето на формата кое е стилски блиско на асоцијативната апстракција и енформелот. Во овој циклус уметникот освен користењето на акрил и масло, употребува и несликарски материјали  како што се: кварц, струганици, терпентин и песок.

Впроечм, овие т.н. арт брутовски дела се трансформираат во органски и биолошки форми кои сугерираат некаква генеза на универзумот и на нашите верувања во единственоста на создавањето и постоењето.

Мошне обемен во својот технички дискурс на изведбата, потаму следуваат дела во кои крајниот производ на делото е знаковна психичка импровизација. Станува збор за апстрактни дела блиски на Џексон Полок и надреалиситите, во кои освен акционото сликарство, може да се забележи и еден психички автоматизам на спонтано движење на раката во облик на една тантелесто-испреплетена агресивна линија со статични вибрации на волуминозни форми („Енергии”, „Земја” и „Релјефи”). Во релјефните апстракции, покрај тоа што акцентот е ставен на една доминантна боја, која има психолошки конотации како во светот на Василиј Кандински во кој треба да се ужива како и во музиката, важен фактор е и метафизичкото значење на црвената боја на органски и неоргански еруптивни форми.

Воочлива е констатацијата дека Крунислав Стојановски навистина е уметник кој предизвикува тактилни и внатрешни чувства при набљудувањето на овие платна кои со својата онирична убавина асоцираат на животот со сета негова природна убавина (корали, риби, џунгли, амеби, клетки, микроорганизми, вагинални облици и сл.).

Неговото барање постојана складност на сликата: трајност и убавина, ги бришат границите меѓу фигуративното и нефигуративното, меѓу цртежот и бојата. Така на пример, во некои колористички созвучја има директни асоцијации за поврзување на традиционалното (плетен народен тепих) и современото (баркодот), во кои прави експериментално истражување во воспоставувањето на геометриски ред. Имено, во циклусот „Меандри, на необичен начин се проткајуваат бои и форми со разно иконографско значење, каде се сретнуваат современото и старото во ликовно-естетска, техничка и психолошка смисла.

Крунослав Стојановски формата ја изразува со импулси низ една своевидна внатрешна неопходност, така што остава впечаток на непосреден израз, во боја, линија и облик. Станува збор за навистина репрезентативни творби, кои ги отворија границите  на креирање простори со нови и смели појави што на ликовната уметност и даваат нова димензија и слободно толкување во интерпретацијата.

Автор: Марија Стојческа