Постојат бројни социјални односи, но уште од времето на Аристотел во неговата „Никомахова етика“ пријателството се претпоставува како врвна етичка вредност.

Идеалот за пријателството се менувал, а историскиот дијахроницитет во промена на претставите за пријателство можеме да ги согледаме во романите и другите книжевни остварувања кои се предмет на социолошка анализа.

Од пријателството може да се дедуцираат многу други социјални односи, но ретко кој социјален однос може да прерасне во пријателство, освен познаништвото.

Во продолжение неколку карактеристики на пријателскиот однос:

silhouette of two person sitting on chair near tree

  • Пријателството е висок чин на алтруизам 

Ниче има книга која се нарекува „Раѓањето на трагедијата“ истиот наслов може да се примени и во овој контекст и да кажеме дека „Раѓањето на личноста“ сосема ги има сменето социјалните односи.

Откако личноста почнува да се воведува како концепт во прво религискиот, а потоа и уметничко-политичкиот дискурс, пријателскиот однос од егоистичен се претвора во целосно алтруистичен.

Ако порано на пријателот не му била дадена слободата да ве одбие, денеска почитувањето на неговото време, одлуки и ставови е предуслов за градење на стабилна пријателска врска.

Во суштина пријателите се личности кои го жртвуваат своето време, бидејќи давајќи му го на пријателот сметаат дека прават добро дело.

Времето денеска е една од најценетите категории, осовено откако се прифати постулатот дека „Времето е пари“.

Чувството на сатисфакција по направеното добро дело е поголемо отколку која сте во т.н. ангажирано пријателство.

Сублимирано: Човек е посреќен кога нешто дава отколку кога нешто зема!

  • Од пријателството може да се роди љубов 

Современиот љубовен однос се заснова на пријателство помеѓу две личности.

Пријателскиот однос во љубовта и во бракот на жените им ја има донесено рамноправноста.

Тоа може да се види и во начинот на додворувањата. Жените веќе не се објект на додворувањата, ниту постојат ангажирани додворувања во кои мажите имаат слобода да упатуваат зборови, досетки, подароци кон жените, а женскиот пуритански морал ја предизвикува да остане што подолго имуна и да покаже разумност во целата игра.

Денеска додворувањето е интимен чин во кој учествуваат двајца, ако додворувањето не е возвратено од страна на жената, тоа се смета за манијакално и абнормално, секако и обратно.

Брачните партнери исто така градат пријателски односи. Тие рамноправно ги искажуваат своите мислења и заеднички носат одлуки. Односот на господар и жена која му служи и поговорките дека „мажот е главата на куќата“ од денешен аспект се смешни и бесмислени.

Сублимирано: Пријателскиот однос е столб на секој љубовен и брачен однос. Секој љубовен однос може да се сведе на пријателски односи и од секој пријателски однос да настане љубовен однос.

  • Пријателството е најискрен и најдлабок однос 

Додека љубовта се заснова на чувствителноста, пријателството се заснова на разумност.

Да се одржи долг и траен пријателски однос не е воопшто лесно, но пријателскиот однос е вистинско уживање.

Тоа е најрамноправниот однос во кој немате интерес да му се допаднете на пријателот, не ви е страв од неговите осуди, ги прифаќате како добронамерни дури и да ги има, пријателот не го гледате ниту како авторитет, ниту како потчинет и на него можете да му се исповедате буквално за се!

Од таа причина пријателството е најискрен однос, но и најинтимен. Бидејќи она што можете да му го кажете или да го признете на пријателот ја зајакнува интимноста во тој однос.

Сублимирано: Со пријателот ве врзува хоризонтална врска, а тоа ви дава слобода да бидете потполно свои, без страв дали некому ќе му се допаднете или како некој ќе ви суди.

  • Пријателствата унапредуваат

Токму поради димензијата на искреност, пријателствата ви овозможуваат подобро да се погледнете себе си, да ги коригирате своите постапки, да ги преиспитате своите ставови и што е најважно да имате уште некој со кој ќе ги ставите на тест.

Пријателствата се дијалектичен однос во кој вашето „јас“ се движи во „не јас“ и на крај се враќа во синтетизирано јас, со големо Ј.

Пријателствата овозможуваат вашето јас да патува, да расте, да се деконструира и да се реконструира.

Сублимирано: Вложувањето во пријателства, е вложување во себе!

Автор: Магдалена Стојмановиќ за „Мој збор“