Ако децата немаат сексуалност до пубертет и ако половите разлики се истакнуваат кога ќе се појави интересот за спротивниот пол како последица на работата на ендокринолошкиот систем, што е проблемот да се прифати неутрално воспитание на момчиња и девојчиња?

Симон де Бовоар во „Вториот пол“ истакнува како машки и женски се раѓаме, но мажи и жени стануваме.
Ако конзервативците тврдат дека половите разлики не се само општествен конструкт и се врзани со природата на машкото, односно женското зошто се плашат од деконструкција?

Суровоста на општеството оди дотаму што девојчињата се силуваат да носат стегната долга коса исплетена во плетенки, фустанчиња во кои не може да дишат и при тоа внимаваат да не им се гледа меѓуножјето, момчињата се силуваат да ја покажуваат својата сила ако некој ги закача да возвратат со „тешка песница“.

Се само да се биде што поблиску до прототипот на маж и прототипот на жена.

Ако конзервативците тврдат дека мора да постои разлика во воспитание на момче и воспитание на девојче, тогаш треба да признаат дека половите разлики се истакнуваат уште во раното детство (Фројд) и да ја прифатат детската сексуалност како факт. Ако ја прифатат детската сексуалност, тогаш зошто толку голема фама околу сексуално образование во училиштата?

Ако пак, истите тие не ја прифатат тезата за постоење на полови разлики кои се конститутивни низ секуалноста и исклучиво преку запознавање и привлечноста кон спротивниот пол, тогаш зошто имаат проблем воспитниот пристап да ги израмни момчињата и девојчињата и да не се внимава на тоа дали момчето си игра со коли, а девојчето со розеви барбики?

Од друга страна пак либералите мора да признаат дека слободата е „flatus vocis“, што воопшто значи да се биде сексуално слободен? Да се зборува отворено за сексот, да се практикува под било кои услови на волја, слободно да се покажува сексуалност? Зарем отвореното зборување за сексуалноста и сексуалното практикување не е повеќе одраз на сексуална фрустрација отколку на слобода? Дали фрустрираниот треба да го лечиме со слобода или со ограничувања? Ако на фрустриран му дадете пушка тој може да убие, ако му ја одземете пушката му ја одземате и шансата да убие!

Добро е што во една аморфна интелектуална средина како што е Македонија се водат расправи за полово воспитание и сексуално образование!

Автор: Магдалена Стојмановиќ