Еве и јас нешто во чест на Верче Белчовска, но од поинаков агол од тој што е доминантен:
Младо и здраво девојче на 20 години, со животот пред себе, прегазено на пешачки од млад возач кој побегнал.
Колата изгледа не била “бесна”, возачот кој ја прегазил исто нешто неинтересен за обработка од јавноста, ма дури ни за да предизвика голем револт што ја здувнал, наместо да ја пренесе својата жртва до болница, нешто што живот може да значи. Ма гарант некој “небитен”, а штом е таков, имаме разбирање, сигурно е некој просечно “како нас”. А и она како жртва непозната, јавно непрофилирана сограѓанка, и тоа исто беља работа.
Оттука, нашата редовно хиперморална и турбо доблесна јавност, особено ревносна кога тоа треба да се сигнализира по социјалниве мрежи, реши да ја слави нашата нова хероина само како кадавер чии органи биле донирани, а со особена нагласка на нејзиното срце, тоа впрочем е многу јако емотиконче за профил-фотки правење. А многу веројатно и оти органодонаторството е новата “кул” кауза за такви морални себеувеличувања и за сигнализирање на сопствената хуманост и прогресивност.
Ова, самото по себе, не е проблем, дотука и океј ми е. Впрочем, како што луѓето знаат да ефектуираат лоши работи со почетно добри мотиви, исто може и обратно, од лоши или погрешни мотиви да ефектуираат нешто добро. Утилитаристички гледано, главен е крајниот ефект, дали тој е добар, а поттикнување на ваквиот облик на органодонаторство секако дека е. И, дефинитивно, нешто што никогаш не треба да се зема здраво за готово, и нешто за што секогаш треба да се искажува длабока почит и огромна благодарност.
Проблемот почнува од тоа што никаде ја нема темата како Верче станала кадавер за донирање органи. Гуглам, гуглам, ја нема, онака попатно едвај. Не е опака и смртоносна болест, не е несреќен случај, не е авионесреќа, не ја каснала змија, не ја удрил гром, не ја удавила некоја подводна струја, не е некоја друга виша сила. Нејзината смрт не била неизбежна во некакво вообичаено разбирање на зборот.
Е каде е ТАА тема како паралелна тема со минимум иста по тежина важност?! Жртвите на ТАКВИТЕ сообраќајќи се чествуваат со тоа што ќе се збори и за ТОА, а не само заради тоа што последователно би станале кадаври чии органи се донирани, така е или не?
Млади живот на 20 години, прегазени на пешачки од возачи кои побегнале, преставува врвна трагедија и изгор за блиските, но и криминал, огромен проблем и огромен срам, предизвикани од човечки фактор и (не)сторување, а за што ова општество и држава треба да вложуваат максимални напори да бидат елиминирани. Ние сме исклучок, а не правило, во Европа, каде ова се рационализира со “секому може да му се случи”. Не, обратно, шансите да ве удри гром треба да ви станат поголеми отколку шансите да ве прегазат на пешачки премин!
И само така целосно и вистински ќе се чествува Верче, со фокусирање на тоа да нема други како неа! Се разбира, освен ако пак нешто, онака по нашите афинитети за екстреми и постојано утнување на вистинската мера, уште повеќе на вистинските теми, (преќутно) сме си дошле до генијална идеја дека утепани во сообраќајќи здрави и млади на 20 години се нашата шанса за развој на органодонаторството и за спасување на други животи на тој начин?!
Фејсбук објава на Каролина Ристова – Астеруд