Човекот е суштество чие постоење се врзува со сликата. Човек има инхерентна потреба да создава слики, привид, слика за себе (углед), спектакл или престави за појавите и стварите што ги воочува. Поради блиската врска што човекот ја гради со сликите, во литературата често се забележува и опис на човекот како „визуелно суштество“. Нашиот визуелен апарат создава најголем број од впечатоците со кои располагаме, па не е ни чудно што телевизијата е омилен медиум на денешниот човек, а визуелните уметности се во постојан подем. 

Токму поради тоа што човекот е суштество на и од сликата, често е склон да создава слики кои не ја репрезентираат суштината и содржината на прикажаното. Би рекле „една слика илјада зборови“ ама во народната мудрост е забележана и синтагмата „не е се така како што изгледа“. Човек може да одглуми најголем број од емоциите кои ги манифестира – радост, тага, задоволство, па дури и сложени состојби на човечкото битие како што е среќата. Тој е неограничен извор на симулации, експерименти, тестирање на границите на можност и судирање со границите на сопствената егзистенција.

Среќата е идеал, посакувана состојба. Таа е дури забележана и како право во законодавството на САД и други земји од западниот свет. Секој човек има право на среќа. Но може ли секој човек да биде среќен? Одговорот е едноставен, некои луѓе не можат да бидат среќни затоа што се зафатени глумејќи ја сопствената среќа. Да се демаркира што е среќа, а што не е среќа, не е едноставна задача.

Ако прашате 100 луѓе на обично анкетно прашање што е среќа, ќе добиете 100 различни дефиниции. Субјективната среќа е прашање на субјективна замисла за тоа како таа изгледа. Објективните дефиниции за среќа, се среќаваат често во науката. На пример во психологијата се користи номенклатурата на Дарвин кој открил дека постојат 6 универзални емоции кои се манифестираат на идентичен начин кај сите луѓе без разлика на тоа при која култура тие припаѓаат.

Но среќата не е состојба која може да се дефинира самостојно и да не ги вклучи другите состојби. Секако дека теориски е изводливо да се даде една дефиниција на среќата, но таа би била апстрактна и би се соочувала со недостаток на практична имплементација на поединечни и партикуларни примери.

Затоа во овој кус есеј ќе се обидам да дадам дефиниција на среќен човек во корелација со другите вредности и филозофски позиции:

Среќен човек ја разбира слободата во рамките на своите одговорности 

Да се биде среќен значи да се биде слободен. Но слобода во природната состојба може да ја споредиме како слободата на еден мајмун или слободата на еден лав. Принципиелниот приговор на позицијата дека слободата не подразбира одговорности е иста како приговорот што му го дава Волтер на Русо, кога вели дека ако ја разбираме слободата како отсуство на право на сопственост и одговорност, тогаш веројатно ќе треба да одиме назад кон природата и да чекориме на 4 нозе! (деволуција на човекот кон мајмун)

Среќен човек ја разбира слободата во рамките на своите одговорности. Тој е слободен само додека непрекинато ги обавува своите обврски и ги разбира своите морални должности и со тоа им обезбедува можност на другите од заедницата да ги обавуваат своите обврски и да ги уживаат своите права.

Не ги обвинува другите за своите „лоши денови“ 

Животот на среќниот човек не е исполнет само со убави денови, напротив тој има подеднакво лоши моменти и денови како и несреќниот човек. Разликата е во тоа што лошите денови не му се оправдување на среќниот човек за неговата омраза кон другите, за обвинувањето на другите за неговата несреќа и неговото срце не е гневно.

Среќниот човек се чува себе од контаминирање на неговото срце со омраза кон другите.

Не му дава импулс на злото 

Среќниот човек нема да возврати на лош збор со лош, само поради тоа што неговите општи начела по кои се ориентира го спречуваат да му даде импулс на злото.

Ако некој му нанесе зло, му остава на животот шанса да ги изглади работите. Злите луѓе сами го јадат плодот на злото семе кое го посеале.

Љубовта е посилна од благодарноста

Среќниот човек многу добро ги памети сите убави работи кои сте ги направиле за него. Можеби никогаш нема да ви искаже благодарност со тоа што ќе сака да ви возврати или уште помалку ќе ви искаже благодарност само вербално, но тој ќе ве сака бесконечно, затоа што знае дека љубовта е секогаш посилна од благодарноста! Она што тој може да направи е да ве сака, а животот сам ќе ви ја одреди мерата и заслугата!

Автор: Магдалена Стојмановиќ