Во емисијата „Мој збор“, магистер по црковна историја Илија Орачки отвори длабинска и аргументирана дискусија за разликите меѓу Јулијанскиот и Грегоријанскиот календар, нивното историско настанување и влијанието што го имаат врз црковниот и општествениот живот.

Во разговорот беше опфатен и начинот на кој луѓето низ историјата го мереле времето – од природните циклуси на сонцето и месечината, преку водени и сончеви часовници, па сè до појавата на механичкиот часовник кој го променил секојдневното поимање на времето.

Посебен акцент беше ставен и на прашањето зошто 1 септември во еден долг историски период се сметал за црковна Нова година, а не 31 декември, како и на врската меѓу црковниот календар, земјоделскиот циклус и византиската традиција. Во емисијата се расчистуваат и некои од најчестите заблуди во јавноста – меѓу кои верувањето дека само католиците го слават Божиќ на 25 декември, како и тврдењето дека „католичкиот календар е една недела понапред од православниот“.

Преку историски факти и црковни извори, Орачки појаснува што навистина значи разликата меѓу календарите и како таа настанала, отворајќи простор за појасно и попрецизно разбирање на ова чувствително, но важно прашање.