По години на јавна стигматизација, судски процеси и лична голгота, ова интервју е редок, отворен и длабоко човечки разговор со Гордана Јанкуловска, поранешна министерка за внатрешни работи. Во исповед за Мој збор, таа зборува без задршки за периодот во кој, како што вели, „судењето најпрво се случи надвор од судот“, за политичкиот и медиумски амбиент што ја претходеше судската пресуда, но и за личната цена што ја плати таа и нејзиното семејство.

Јанкуловска отворено говори за затворските денови поминати во КПУ Идризово, за условите и за институционално утврдената дискриминација, но и за внатрешната борба да се зачува достоинството, разумот и човечноста во околности кои, според неа, не смеат да му се случат на ниту еден човек.

Ова интервју не е само осврт на еден судски случај, туку и сведоштво за мајчинството прекинато со присилна разделба, за стравот и пркосот, за молкот на јавноста и за храброста да се истрае кога сите врати изгледаат затворени.

Посебен акцент во разговорот е ставен и на правната битка што сè уште трае пред Европски суд за човекови права, како и на прашањето дали македонското општество има сила да се соочи со сопствените неправди и да извлече поуки за иднината.

Интервјуто што следува не нуди сензација, туку длабоко лична перспектива за правдата, одговорноста и надежта. Зашто, како што запишал Фјодор Достоевски, да се живее без надеж значи да се престане да се живее.

Иако правосудниот систем ве осуди за дел од вашето работење, впечаток е дека значаен дел од јавноста нема изразено негативен став кон вас. Напротив, дел ве доживува како жртва на селективна правда или „жртвено јагне“ на одредени политички процеси, а дел има емпатија кон вас како мајка и семејна жена, особено поради третманот што го имавте во затвор, кој подоцна беше утврден како дискриминаторски од надлежните институции.
Како вие самата се доживувате од оваа временска дистанца? Како го разбирате тој период од животот и дали верувате дека мораше да се случи сето тоа, можеби – како што би рекол иронично Волтер – за некое „повисоко добро“?

-Судењето и осудата најпрво се случија надвор од судот, под притисок на една силна пропагандна машинерија, во услови на јавен линч и стигматизација кон мене и кон секој што беше обвинет во постапката поведена од специјалното јавно обвинителство.

Судот само ја верификуваше и стави свој потпис на пресудата диктирана од наративот на тогаш владеачката политичка елита. Постапката беше брутална и се водеше надвор од сите процесни правила. Начинот на кој се постапуваше кон мене како да беше порака дека она што мене ми се случува може да му се случи на секого, доколку не се вклопува во очекувањата на тогашната владеачка елита, без оглед дали е виновен или не.

Накратко, судењето беше обична фарса со однапред познат исход кој требаше да оди во прилог на креирање на амбиент за да се донесат политички одлуки кои не донесоа никакво „повисоко добро“, напротив голем дел од јавноста никогаш не ги прифати.

Повисокото „добро“ беше промената на уставното име на Република Македонија, за чие остварување беа дозволени сите средства спакувани како борба со криминалот и корупцијата. Впрочем, најдобра илустрација за ова што го говорам беше формалната и неформалната амнестија за 8-те пратеници од тоггашната опозиција која глассаше за промена на уставот.

Се разбира, сѐ можеше да биде и поинаку ако во доминантен дел од општеството стравот не го надвладееше разумот. Од првиот момент пред сите релевантни чинители аргументирано ги покренував овие прашања, но се чинеше дака повеќето од тие кои можеа да реагираат одлучија да молчат најверојатно за да не си го нарушат сопствениот мир или некој вид на комодитет кој го имаа.

За жал, со ретки исклучоци, поразително е што молкот беше присутен кај сите релевантни чинители во општеството – професори, новинари, активисти за човекови права, итн. кои го одбраа конформизот со цел да не паднат во немилост на одредени центри на моќ кои преку своите поданици во судството и обвивнителството правеа нарачки кој да биде кривично гонет и ја диктираа динамиката на прогонот.

Ваквиот молк секако значи соучесништво во неправдата, бидејќи на злотворите им даде одврзани раце и бришан простор да го реализираат прогонот. За ваквата малодушност може да се направи и социолошка анализа која можеби ќе даде одговор и зашто за некого не е проблем кога како народ не ословуваат во демунитив и зашто и после 35 години независност како општество сме таму каде што сме.

Сепак, ќе ја издвојам Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (тогаш предводена од Александар Даштевски како претседател), која покажаа интегритет и констатираше дека во водењето на оваа постапка постои дискриминација по основ на пол и политичка припадност.

 

Редакцијата на „Мој збор“ неодамна го посети Казнено-поправниот дом Идризово. Вработените таму сведочат дека сте се истакнувале со примерно однесување, дисциплина и желба да извршувате општествено корисна работа. Некои од нив ве опишуваат како борец.
Како изгледаа вашите затворски денови и што најмногу ви помогна да го издржите тој период?

 

-Тоа беа години кои најверојатно ќе ги запамтам како најтешки во мојот живот. Сѐ уште не можам да ги најдам зборовите кои објективно ќе го прикажат амбиентот во кој се најдов. Беа тоа субстандардни услови во какви што не заслужува да живее ниту едно човечко суштество, но тоа не беше најлошото.

Најтешко ми паѓаше разделеноста од семејството и неможноста да имаме барем нормална комуникација и контакти, онака како што законот им гарантира на сите осудени во иста правна положба, а мене и на останатите жени не ни беше овозможена.

Но, никогаш не се помирив со тоа, се борев законот да се применува подеднакво за сите и настојував достоинствено да се однесувам без оглед на околностите и амбиентот во кој се наоѓам. Во мојата битка ми помогна мирната совест и желбата да се изборам со сите неправди со кои се соочив.

Не дозволував негативното опкружување да ме промени. Домашното воспитување го стекнуваме од најрана возраст и го носиме секаде со нас. Без разлика каде и со кого сум, настојувам да ги почитувам вредностите во духот на кои ме воспитале моите родители. Да се биде добронамерен, пристоен и да се понуди помош ако на некого му е потребна не бара никаков напор.

 

Надлежниот суд за човекови права утврди дека врз вас е сторена неправда. Постои ли, според вас, начин државата да ве обештети за таа неправда и што очекувате од вашата понатамошна правна и лична борба за вистината?

 

-Постапката пред ЕСЧП сѐ уште трае, но ако успешното заврши очекувам повторување на постапката и правично судење кое за жал нема да ги корегира последиците од претрпените трауми за мене и моето семејство на личен план, последиците на професионален план и нема да го врати изгубеното време и годините кои мојот син неправедно ги помина без мајка.

За таква неправда не постои обештетување. Сепак, препознавањето на повредите на правото на правично судење од страна на ЕСЧП секако дека го сметам за лична сатисфакција, но и еден вид сатисфакција за сите жртви на политички прогон.

Сатисфакција ќе претставува и повикување на одговорност на главните протагонисти кои беа вклучени во политичкиот прогон, бидејќи само така ќе бидеме подобро општество и нема да дозволиме, преку неказнивост на злоупотребите, вакви прогони да се случуваат и во иднина.

Трагично е што и покрај сѐ, мораме да чекаме (и по десетина години) од Стразбург да ни ги реши проблемите предизвикани од дисфункционалното правосудство и меѓудругото индиректно да даде одговор за вистината на прогоните кои што ни се случуваа. Во држави како Шпанија, Португалија, Аргентина, Чиле и слично, по рушењето на фашистичките, авторитарните и/или диктаторски режими, беа создадени комисии за утврдување на вистината.

За жал нашето општество не најде сили за такво нешто и овие прогони како да се заборавија и останаа без формална осуда, а главните протагонисти – инспираторите, нарачателите, помагателите и извршителите се угледни и заслужни граѓани во општеството, на кои не само што влакно од главата не им фали, туку се судии во највискоите судови, обвинители во вишите и републичкото обвинителство, бизнисмени, пратеници и слично.

Евентуалното материјално обештетување не го гледам како примарна цел, во општество каде за многумина материјалното е примарно за мене тоа е прашање од второстепено значење, многу поважна ми е почитта и чистата совест.

Еден од најтешките моменти за секоја мајка е одвојувањето од детето. Што ве мотивираше во периодот кога го оставивте вашето мало дете дома и заминавте на издржување затворска казна? Имавте ли моменти на сомнеж или помисла да се откажете и како психички го поднесовте сето тоа?

 

-Се вели дека Господ не ни дава повеќе товар отколку што можеме да поднесеме, иако понекогаш ни се чини дека не преценил и дека носиме преголем товар. За мене ни во моментите кога не се гледаше излезот и кога сите врати беа затворени, откажувањето не беше опција.

Во еден период, додека бев во Идризово, против мене во три различни кривични постапки беа изречени неправосилни пресуди каде вкупната затворска казна надминуваше 10 години и каде се бараше од мене да надоместам непостоечка штета во износ од преку пола милион евра!

На таквата бруталност и бескрупулозност, одговорив со пркос, борба и упорност која ќе ја илустрирам со стиховите на Nick Cave: “You’ve got to just keep on pushing, keep on pushing, push the sky away”.

Во сите овие години најголема поддршка и помош ми беше сопругот, кој наспроти сите обврски и предизвици со кои како самохран родител се соочуваше, како адвокат ме застапува пред домашните институции и ЕСЧП и вложува натчовечки напори за да успееме.

Но, тука секогаш беше и семејството и еден мал круг на пријатели и блиски луѓе. Сепак најголемата мотивација ми беше синот кој растеше со еден родител уште од 2 годишна возраст. Тој ми беше постојано во мислите и ми даваше сила и енергија за која не бев ни свесна дека човек може да ја има.

Во годините на најтешката задавствена ковид криза, кога и во домашни услови многумина ја губеа битката, едноставно знаев дека немам друг избор и дека морам да го зачувам физичкото и менталното здравје и да ја одржувам интелектуалната кондиција.

Ја зачував сопствената дисциплина која од секогаш сум ја имала, вежбав, читав книги, се трудев да им помогнам на другите околу мене колку што можев.

Дали јавноста некогаш повторно може да ве очекува на политичката сцена, или пак денес имате некоја друга професионална визија и „професија од соништата“ со која би сакале да се занимавате?

-Мојот живот денес е надвор од јавната сфера, многу различен од животот кој го имав кога извршував државна функција и од оваа перспектива не се гледам назад во тој свет, поаѓајќи од моето искуство едноставно не вреди. Многу години поминав во образование и надградба во мојата примарна професија – правото.

Јас сум доктор на науки, а еден дел од студиите го поминав во Велика Британија, таму и магистрирав. Имав различни професионални опции, но одлучив целосно да и се посветам на Македонија. За жал најголемите неправди и лична и професионална дискредитација и деградација ги доживаав од луѓе кои се претставуваа дека работат во нејзино име.

Како одговор на сите откажувања и жртви што ги правев, неуморно работејќи за да придонесам Македонија да стане пристојно место за живеење (како што своевремено велеше мојот професор Ѓорѓе Марјановиќ), најпрвин од луѓе од најблиското опкружување бев незаконски прислушкувана во континуитет 8 години, за потоа јакобинците од Муртино да ги злоупотребуваат овие снимки во конструкција на срамни обвиненија кои резултираа со уште посрамни пресуди.

Во овие години кога Македонија беше злоупотребена од политичката елита на власт, државата во која верував и на која целосно и се посветив стана душман за мене и за сите кои беа политички прогонувани. Сепак тоа не го смени мојот однос кон правото како професија која дава многу можности да им се помага на луѓето.

Како ги доживувате празниците што претстојат? Дали за вас тие се период на радост затоа што конечно можете да го надоместите изгубеното време со семејството, или пак будат болни спомени од минатото кога сте ги поминувале далеку од најблиските?

 

-Изгубеното време никогаш не може да се врати или надомести, ниту пак да се заборави голготата низ која поминавме. Сепак не сакам да бидеме заложници на минатото.

Животот продолжува и треба да се живее со се што ни носи. Се радувам на празниците и благодарна сум за секој ден во кој со најблиските се навраќаме на спомените или зборуваме за новите цели, планови, предизвици и очекувања.

 

Дали во себе носите лутина кон конкретни личности поради неправдата што ја доживеавте, или сте простиле за да го зачувате сопствениот внатрешен мир, со единствена желба вистината да биде позната за идните генерации?

 

-Не ја заборавам неправдата и не можам да простам, но не сакам да живеам заробена во негативни чуства и потреба за одмазда. Секој нека си живее со своите постапки и со својата совест, а историјата ќе суди за улогата на секој од нас. Јас живеам спокојно, со позитивни мисли, а времето и вниманието им го посветувам на луѓето кои го заслужуваат.

 

Иако вашата лична приказна е болна, денес за многумина сте пример и репер во борбата за правда. Докажавте дискриминација во Женското одделение на затворот во Идризово, а добивте и судска пресуда во ваша корист. Дали барем делумно ви носи утеха сознанието дека за некого сте надеж?

 

-За време на издржувањето на казната се соочив со една ситуација која не би смеела да се случи во ниту едно општество кое барем минимално ги почитува цивилизациските норми и законите. Имено, правата и погодностите кои законот им ги овозможува на сите осудени лица во иста правна положба, мене и на другите жени осуденички не ни беше дозволено да ги користиме.

Одговорот дека во КПУ Идризово интерно одлучиле така да работат беше неприфатлив, иако постојано го добивав. Поднесов и претставка до Комисијата за заштита од дискриманицја, која и овој пат иако во комплетно различен состав, повторно утврди дека како осудено лице сум дискриминирана по основ на пол.

За мене запрепастувачки беше фактот што бројни НВО и поединци т.н. заштитници на човековите  права, кои изградија кариери и потрошија милиони за финансирање на проекти од оваа област, никогаш не го отвориле ова прашање, едноставно за нив овие проблеми на жените осуденички биле невидливи.

Но, јас се борев жестоко затоа што сметам дека во секое општеството мора да постојат минимум стандарди кои треба да се почитуваат без оглед за кого се работи. Конечно благодарение на мојата упорност и истрајност, законот почна правилно да се применува и кога станува збор за осудено лице кое е жена.

Паралелно, после речиси 10 години правна битка во судниците се изборив со друго неправедно обвинение и добив ослободителна пресуда, а неодамна и ЕСЧП отвори сериозни прашања за правичноста на судењето како резултат на кое поминав повеќе од 3 години во затвор. Во десетина години, водев битки како за неколку животи, но без разлика на сѐ, да се биде нечија надеж навистина многу значи, тоа е голема привелегија но и одговорност.

За крај, што би посакале од Дедо Мраз оваа година? Дали по сè што преживеавте, во вас сè уште има оптимизам, надеж и вера во подобро утре?

 

-Достоевски рекол: Да живеете без надеж е како да престанете да живеете. Посакувам годинава што претстои заедно со луѓето кои ми се важни да ја поминеме во добро здравје. Да бидеме спокојни и секој нов ден да ни носи по некоја радост или успех на професионален или личен план.

Да живееме со отворен ум, да се менуваме на подобро и да се потрудиме безусловно да помагаме секогаш кога можеме.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов 

Фото извор: Meta

*Забрането е преземање на содржини од Мој збор без согласност на уредникот.