Што доаѓа по пензионирањето – заслужен мир или тивка борба со осаменоста и чувството на бескорисност? За едни, пензијата е нов почеток, време за себе и за оние што ги сакаат.
За други, таа означува повлекување од општеството, губење на улогата и зголемен ризик од занемарување и злоупотреба. Многу постари лица, иако формално „надвор од работниот процес“, остануваат активно вклучени во секојдневието: се грижат за домаќинството, помагаат во одгледувањето на внуците, пренесуваат искуство и знаење. Нивниот придонес често се подразбира, а нивните потреби се ставаат во втор план. Кога ќе посакаат време или грижа за себе, неретко се етикетираат како себични.
Факт е дека старите лица сочинуваат сè поголем дел од вкупната популација. Стареењето е природен процес и иднина што нè чека сите. Прашањето е: каква старост сакаме да имаме? Дали сакаме години исполнети со достоинство, грижа и активност, или старост обележана со осаменост, беспомошност и тивко чекање помош?
Предизвикот е заеднички. Унапредувањето на медицината и здравствената заштита, развојот на социјалните услуги и создавањето поддржувачко општествено милје се клучни за да староста не биде маргина, туку вреден и почитуван период од животот – убав крај на една животна приказна, а не нејзина тешка завршница.


















