Беше божиќ 1943 година.Еден човек седеше сам во хотелската соба на The New Yorker Hotel, погледот му гледаше далеку, знаеше дека тука е крајот. Остана сам, веќе не можеше да црпи информации од јадрото на универзумот , беше невообичаено спокоен за човек кој наскоро треба да замине. Му нудеа по еден долар за секој KWh произведена енергија но одби, му нудеа раскош одби..Избра да умре во беда и сиромаштија. Само белата гулабица која му беше најдобар пријател остана покрај него, нејзините очи чудно светеа, како да знаеше дека тука е крајот…

Му подари на светот наизменична струја, безжичен пренос на енергија,електричен автомобил, радиото и огромен број патенти , но кога слушна дека не му ја доделија нобеловата награда се разочара и увиде дека гулабицата му е единствен пријател. Правеше добро до изнемоштеност, воден од една мисла :

Мирот во светот може да дојде само како природна последица на универзално просветлување.

Во една прилика знаејќи колкава омраза владее со светот ќе рече: „Вашата омраза претворена во електрична енергија би можела да осветлува многу градови.“ Пред да замине го мачеше само едно прашање: Зошто не успеав да го направам светот подобро место за живеење, зошто не успеав од луѓето да направам да бидат подобри и похумани, кој е мојот грев? Кој беше гревот на Никола Тесла?! Назад во времето еден друг човек во 3 век пред Христа, се згрозуваше од животот на Атињаните кои претерано живееја во изобилство и неконтролирано го расфрлаа својот имот.

Го раздаде целиот свој имот, а единствениот негов имот биле една тога, стап, дрвено буре (во кое и спиел) и сад во вид на чаша од кој пиел. Кога еден ден видел како децата пијат вода од своите дланки, сфатил дека ни чашата не му е потребна, па ја фрли. Го правеа луд затоа што на сред бел ден одеше со фенер а кога го прашаа зошто носи фенер, одговори : Барам луѓе! Кога славниот цар Александар Македонски, по доаѓањето во Атина (откако ја освоил) го посетил го затекол како спие. Го разбудил, му се претставил и го прашал дали може нешто да стори за него. Диоген само одговорил:

Тргни ми се не земај ми го она што не можеш да ми го дадеш, мислејќи на сонцето.

Восхитен од таа реакција и едноставност, Александар Македонски рекол: „Да не сум Александар (Велики) Македонски, би бил Диоген од Синопа“. Но, народот Диоген го нарекувал „Canis philosophae” – филозоф куче, не можејќи да ја разбере неговата големина. Кој беше гревот на Диоген за да биде наречен куче? И воопшто кој е гревот на сите талентирани и способни луѓе, та умираат неразбрани, поразени, во очај што не го промениле светот?! Гревот им е „непростлив”!! Тие се огледала преку кои грдите и глупавите гледаат колку се грди и глупави, што би рекол нашиот писател Венко Андоновски, па затоа сакаат да го скршат огледалото! Способните и талентираните, се носители на духовен раст и развој, застапници на правдата и вистината, чисти по срце и душа, и како такви им пречат на грдите.

Затоа на секој чекор се клеветени, омаловажени, палени на клада (Џордано Бруно), затворани (Галилео Галилеј)… А може ли да се запали вистината? Таа немоќна и гола вистина против бескрајните волшебства на лагата, може ли да победи? Може и победува! Сите тие небитни ликови , полни со суета, љубомора,завист и омраза се заборавени, а сонцата на умните и убавите сеуште светат. Оти добрите, талентираните и убавите се како свеќи, ќе се изгорат себеси за да го осветлат светот!

Впрочем талентираните и способните, се промената што сакаат да ја видат, не сакаат никаква слава, немаат никаква гордост и суета, водени се од високи идеали, просветлени, од бога бакнати! А ние завали, „сите сакаме промени а никој не сака да се промени”, „сите сакаме слава ама никој не сака да расте” , што би рекол Отец Наум, ние , човештвото денес, е на раскрсница. Или ќе ги ставиме умните, талентираните и способните на пиедестал, или ќе пропаднеме како човештво, трето нема! Од микрокисмосот во кој живееме , работиме (било која институција) па се до врвните позиции во државите и светот. Оти да не заборавиме, ние, грдите и неспособните и Исус го распнавме а тој ги искупи нашите гревови! Затоа секој својот крст и право на Голгота!! Да живее вистината , убавината и правдата! Epur si muove-Сепак се врти!

Автор: Гоце Кузески

*Авторот е професор по физика