дома прашуваме други колумна Панорама на мотивска разновидност

Панорама на мотивска разновидност

363
0
Во просторот на Даут Пашин Амам при Националната галерија на Македонија е отворена јубилејната изложба 120 години од раѓањето на еден од пионерите и основоположниците на македонското современо сликарство Томо Владимирски (1904-1971). Организирањето на ваков ликовен настан ја потврдува посветеноста на ликовен творец со посебен индивидуален карактер којшто го означува богатото културно милје и традицијата на нашето поднебје.

Со изборот на изложените дела се потврди авторовата разновидна тематска преокупација и инспирација, изразувајќи ги своите внатрешни и интимни вредности. Интересен е фактот што овој пат изложбата е со поинаков концепт жанровски избор на дела, благодарение на која добиваме подетална и појасна перцепција за неговиот креативен процес, карактер, мисли, личност и дело: мртва природа, автопортрети, легенди, скици, фотографии, негови колуми, биографија на авторот, фолклорни мотиви, женски актови, социјални мотиви, урбани претстави, со главен акцент на пејзажите. Имено, поставени се околу 70 дела во техника масло на платно и лесонит, но она што остава посебен впечаток на оваа ликовна изложба е анимираната проекција на неговото творештво и личност. На овој несекојдневен начин и со ваква презентацијата на неговото творештво оваа изложба добива поинкава од класичната, т.е. мултимедијална димензија.

Имено, станува збор за лирска обработка на мотивите, со особено внимание во обработката на атмосферата што го обвиткува пејзажот, природата, фасцинацијата од пределот или деловите од него. Посебно внимание и љубов посветува во обработката на серијалот пејзажи со реката Вардар и Радика, каде што евидентен е експресионистички потег со четката притоа создавајќи нови сликарски вредности и нова визија на мотивот. Од нив пулсира смислата за поетска хармонија што дава посебна визија и однос кон избраниот мотив. Низ еден конструктивен и импресионистички цртеж го проткајува богатото колористичко нијансирање, исликувајќи ги површините од платното со богат придушен колорит, со можности да премине во премногу згуснати компонирани слики.

Потаму, класично изведениот цртеж кој се одликува со цврстина и совесност во постапката е видлив во љубовта кон староградската архитектура, пределот, селскиот и народниот живот на едно бурно време. На моменти, во некои од овие творби постои тенденција за послободно движење на бојата и линијата, на силни колористички партии и ефекти во однос на просторот што го обработува, но сепак тој креативен дијапазон умее вешто да го задржи во една колористичка хармонија. Во женскиот акт се проткајува поетична вокација во заситената атмосфера и флуид, иницирајќи некаква меланхоличност и таинственост во скулптурално изведениот цртеж на женската фигура која знае за свое изолирано постоење. Всушност, во овие актови може да се согледа психолошки момент којшто се појавува во форма на поголем интимизам и реалистичност на мотивот, но претставува и јасен показ дека уметникот ги работел овие творби со емотивна исполнетост и страст.

Томо Владимирски како талент на деликатен колорист и секогаш со сензибилитет за типично македонското, не толку лесно и трпеливо ги пронаоѓал своите колористички созвучја кои ја изразуваат неговата пиктурална мисла и барање. Нанесувајќи слој врз слој боја, тој ги открива скриените вредности на бојата. Но, и покрај деформирање на формата тој останува доследен на реалноста, претставена како засебна сликарска целина која има свои закони и вредности.

 

Автор: Марија Стојческа