Луѓето се склони да сугерираат, имаат мислење или судови за вашите одлуки, дејства, однесување, па дури и за тоа како го живеете или уредувате животот. Во нашата култура е прифатливо, луѓето да ја покажуваат својата пријателска загриженост со тоа што постојано ќе ги коментираат дури и вашите најинтимни одлуки. И покрај тоа што до некои граници овие константни упади на луѓето од вашата средина е дозволиво, сепак во одреден степен ќе почувствувате дека почнува да ви пречи и да ги нарушува вашите лични граници.
Се зависи од природата на односот што го имате со другиот. Доколку станува збор за блиска личност, или припадник на вашето семејство, секако дека поставувањето на границите ќе биде потешко, бидејќи во блиските релации во кои има голема количина на емоции, често остануваме збунети и некои постапки ги „читаме“ или толкуваме многу подобронамерни одошто навистина се. Дури и намерата да е добра, консеквенциалистички ако по долго време изложеност на газење на вашата волја и желба за живеење по сопствени правила се одразува на вашата добросостојба и вашиот однос кон себе, време е да кажете „доста“.
Во прилог неколку техники кои ќе ви помогнат да го зачувате сопствениот идентитет и интегритет и да се заштитите од туѓите токсични влијанија.
- Поставете јасни граници
Поставувањето на граници не секогаш оди лесно, особено ако луѓето долго време биле навикнати да ги туркаат подалеку и да не ја добиваат строгата реакција од вас или не наидуваат на никаков отпор. Во тој случај поставувањето на граници ќе биде тешко и предизвикувачко. Но доколку опстоите во вашите намери да не попуштате пред туѓите убедувања, предомислувања, наведувања и сл. со тек на време ова одлука многу ќе ви се исплати.
На пример доколку сте одлучиле дека секој викенд ќе оделите барем неколку часа за себе, без разлика на обврските кои ги имате кон другите членови на вашето семејство, дозволете си неколку часа да не биде вие „супер херојот“ од туѓите бајки и препуштете ги на друг одговорностите околку грижата за домот. Имате право да се посветите себе си и нема причина да се чувствате виновни поради тоа!
- Научете точно кои ви се одговорностите и должностите
Не прифаќајте другите луѓе да ве „товарат“ со своите обврски и одговорности. Ако колегата на работа „ве замоли“ да му помогнете, а на крајот единствениот кој ги добива заслугите за завршена работа е тој и тоа однесување кон вас континуирано се повторува, научете да кажете „НЕ“.
Нема ништо лошо во тоа да го одбиете предлогот што не ви одговара. На крајот од краевите, сите добро знаеме кога сакаме да направиме добро дело од кое добиваме лична сатисфакција и идеја за личен развој, а кога доаѓаме до стадиум да бидеме експлоатирани поради туѓите потреби.
Не робувајте на општествени убедувања што треба, а што не да правите и добро следете ја својата интуиција и чувство во стомакот. Ако тоа ви вели дека е време да кажете не и да дадете отпор, немојте да го игнорирате!
- Не сте должни да ги слушате туѓите мислења
Без разлика дали некој ви е пријател, близок член на семејството или колега на работа, без разлика колку и да се претпоставува дека е добронамерен, не воздржувајте се да го прекинете разговорот доколку почувствувате дека некој ви ги преминува личните граници и ви укажува на тоа како да се однесувате или што треба да правите во одредени ситуации.
Секако, најдобар начин да си ја зачувате сопствената слобода е да го дистанцирате односот од овие луѓе. Нема потреба да им укажувате како се чувствувате или да им посочувате дека гледате проблем во нивното однесување кон вас. Секој многу добро знае што прави и кои се неговите намери, а со дистанцирањето му станува јасно дека вие сте ги препознале токму неговите намери.
- Важно е да се испочитувате себе, а не другите
Секој човек во животот бил оставен сам пред некое големо животно искушение. Во такви ситуации многу добро сфаќаме дека улогата на другите луѓе во нашите животи е минлива и менлива. Секој чекори по сопствениот пат, а ваша должност е вашиот пат да го чувате од семето на трнчињата, наместо да ги засадувате.
Кога некој нешто ќе побара од вас, направете го само доколку тоа вам ви носи некој импут. Во спротивно доколку сметате дека постапувањето на побаран начин за вас значи да се откажете од сопствената волја и да му угодите на друг, не правете го тоа. Секој однос е двосмерна улица, а дури ни родителската љубов не е безусловна!
- Во животот пуштете ги само оние што вие ќе ги изберете
Кој вели дека односите се детерминирани? Во суштина секој меѓучовечки однос е склон на пропаѓање или стагнација. Доколку не ви одговара нечие присуство во вашиот живот, не е забрането да го отстраните.
Ако ви животот ги пуштате само оние за кои вие одлучувате да бидат дел од вашето опкружување и на нив да го трошите своето време и внимание, ќе имате мирен, спокоен и среќен живот, затоа што нашето расположение и нашите емоции многу често се директна рефлексија на опкружувањето во кое се наоѓаме.
Автор: Магдалена Стојмановиќ