Дијана Неделковска навидум обична жена, чие секојдневие не се разликува многу во начинот на кој го поминува слободното време, освен тоа што речиси половина од својот ден е во салата за тренинг, работи на својот сопртски развој, но и тренира генерации деца на Кик Бокс и Кунг Фу.
Нејзиниот значителен спортски успех е забележан и на домашно и на меѓународно ниво, а како тренер секогаш се гордее со постигнувањето на нејзините ученици. Себе често знае да се претстави како најгордата ќерка на светот, како ќерка на учителот по боречки вештини, сега веќе покојниот Златко Неделковски и да каже дека се што денеска знае во животот го научила од нејзиниот татко.
Таа силна поврзаност и идентификација со нејзиниот татко ја опишува и во нејзината книга „Големиот воин и неговата храбра ќерка“. Навидум обична и скромна, но многу поинаква и посебна.
1. Дали можеш да споделиш некоја мотивациска порака или животна максима која ја користиш како мотивација или се сеќаваш на неа кога имаш тежок ден?
Дијана Неделковска: Она што веќе подолго време ме води низ животот и ме држи цврсто на нозе и во тие некои тешки и лоши денови, се два магични збора, моќно мото, NO RETREAT – NO SURRENDER (нема повлекување – нема предавање!) Доволно силни за да ме задржат цврсто на нозе и тогаш кога е најтешко и да ме потсетат зошто треба да сум јака.
И не случајно ова мото е дел од мојот живот и истото има големо значење во него. Длабока и сентиментална е нашата поврзаност, но за тоа ќе ви раскажам во некоја наредна прилика.
2. Имаш ли најдраг медал во рамките на твојата колекција на медали и признанија за твоите спортски успеси?
Дијана Неделковска: Филозофијата според која се водам низ животот и која еве веќе 36 години се покажала како успешна и истатата се трудам да им ја пренесам и на моите членови во академијата е тоа дека на секој наш освоен медал или признание им даваме одреден временски период за прослава, а потоа продолжуваме со тренинг како никогаш да не сме освоиле ништо.
Од славата при враќањето во реалноста има две патеки. Едната за жал е најчесто користена а води во едно големо ништо!
Медалот кој ми лежи длабоко во срцето е првиот златен медал на Светското првенство во Атина, Р. Грција 2013та година кога за прв пат станав Светски шампион во екстремна самоодбрана, во апсолутна категорија 18+ години мажи и жени. Медал кој го посветив на човекот поради кој сум денес она што сум, мојот покоен татко Златко Неделковски – светски познатиот мајстор за Кик Бокс – татко на огромен дел од боречките вештини и спортови во нашата мала држава.
3. Колку ти е важно децата со кои работиш како тренер да се успешни во спорт и кои се резулатите кои сонуваш да ги постигнеш како тренер?
Дијана Неделковска: Искрено пред се ми е многу повеќе важно децата со кои работам да се добри и чесни луѓе и како такви да чекорат низ животот. Целта ми е да ги направам силни луѓе, да се изборат со секој предизвик кој ќе им го наметне животот и никогаш да не се откажат од своите соништа.
Во спортот како и во животот постои и пораз и победа, и секогаш ќе го доживеат и едното и другото, подготвени се на тоа, а лекцијата која ќе научат и од двете е онаа која ќе им остане до крај.
Верувам во нив и тие знаат дека секогаш ќе им бидам многу важен дел во нивните животи.
Како тренер имам доста неостварени желби на професионален план. Со оглед на тоа дека сум ќерка на таткото на Кик боксот и на човекот кој е „виновен“ за тоа што денес сите ние тука тренираме Кик бокс, тежината е голема. А каде ќе е врвот на мојата кариера искрено не знам но знам дека само небото ми е граница.
Во принцип сум човек кој прво скока во животот па вика „оп”, некако така сум задоена, па така ќе оставам плановите еден по еден полека да ги остварувам.
4. Дали е потешко да ги совладаш боречките спортови или да ги пренесеш? Дали ти е полесна твојата лична спортска приказна или тренерството?
Дијана Неделковска: Знаете како, за да бидеш добар тренер пред се треба да си бил добар натпреварувач. Тренер не се станува преку ноќ а истото важи и за натпреварувач. Процесот на напредок и развивање и како натпреварувач и како тренер е доста долг и тежок, ако зборуваме за квалитет нормално. Ги има и оние познати и поприлично популарни „инстант” тренери и натпреварувачи но тие согоруваат на принципот на прскалица ефект. Забавно им е но „славата” кратко им трае.
А со оглед на тоа дека во светот на боречките вештини сум од мојата 4та година, а сега веќе ги имам полни 40 години, мислам дека сум доволно компетентна да зборувам за истите.
Кога ги изучуваш боречките вештини, борбата пред се е сам со себе, од тебе зависи колку си силен да се избориш и да не се откажеш и каде се гледаш во иднина, а кога истите ги пренесуваш одговорноста е дупло поголема.
Да се изгради една фамилија и како таква да се носи цврсто на грб и не е мала работа.
5. Колку денеска е важен боречкиот спорт и каде се може да се примени? На пример многу организации сметаат дека техниките на боречките вештини може да се применат во успешна самоодбрана и метод на справување со семејно насилство или насилство на јавен простор?
Дијана Неделковска: При првиот ден од кога членовите ќе започнат со тренинг во нашата академија, строго им е забрането боречките вештини кои ги изучуваат да ги употребуваат надвор од академијата. Се знае каде и како се употребуваат истите.
Инстиктивната самоодбрана е онаа која кај нас се изучува за самоодбрана и самозаштита од било каков вид на насилство. Искрено сум ЗА секој од нас да има познавање од боречките вештини без разлика на пол и години, но сум против за злоупотреба на истите.
Кик боксот е спорт кој во светот се цени премногу и истиот го вежбаат и млади и стари, додека ние малку доцниме со тоа и искрено ми е жал поради тоа.
6. Спортот како семејно наследство. Поголема ли е одговорноста кога треба да ги оправдаш своите успеси како ќерка на познат македонски спортист и на некој начин да ја оправдаш неговата доверба и се што вложил во тебе со својата упорна работа?
Дијана Неделковска: Како што кажав и претходно, да си ќерка на толку голем мајстор на кој и светот му се поклонуваше е навистина тешко. Со оглед на тоа дека мојот брат и не е по спортот, јас сум единствениот наследник кој треба да се избори со сите предизвици и да го носи на грб сето она што тој го оставил по себе.
Поврзаноста помеѓу мене и мојот татко беше преголема а тоа го знаат сите кои не познаваа и двајцата, но на крајот од денот имам голема поддршка од луѓето кои ми се важни во мојот живот и тоа е мојот столб.
А додека секој негов збор и негова критика ќе останат длабоко врежани во мојата главата и тие се оние кои ќе ме водат низ животот.
Во рингот наречен живот ме чекаат уште многу борби, ќе играм мудро и трпеливо, како и мојот татко.
Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ