Максим Илковски е млад македонски режисер, кој има долгогодишно искуство во телевизиската продукција, во видео продукцијата, а се појавува и како асистент – режисер на филмската серија „Бистра вода“.
Своето образование го посветува на филмската режија, а во интервјуто за Мој збор открива како режисерот го обликува ликот, како ликот треба да биде перципиран од публиката во комерцијалниот филм, за критериумите на комерцијализација на една филмска тематика и проблематика, но и за критериумот за оргиналност на режисерот.
1. Кога режисерот „раѓа“ еден лик, по кои параметри се води? Ликот треба да биде репрезентативен, универзален, просечен, посебен, авангарден? Каков е главниот јунак во еден комерцијален филм?
Илковски: Во игран филм и серијал, сценаристот е тој кој „раѓа“ ликови, меѓутоа често режисерите се наоѓаат во улога на создавање сценарио а со тоа и ликовите. Вообичаено ликот кој најмногу се развива е протагонистот, лицето кое е најчесто на екранот, и преку него се одвива и раскажува приказната. Развивањето на ликот ја вклучува неговата позадина и збирот на сите негови особини, претставени директно или индиректно во приказната. Постојат неколку проверени формули врз кои сценаристите ја поставуваат патеката на својата приказна и протагонистот. Еден упростен пример е:
- Поставување на темата и светот во кој главниот лик живее.
- Појавување на каталистот кој изнесува теза која главниот лик има тешкотии да ја прифати.
- Дебата или отпор кон тезата.
- Влез во „новиот свет“ кој тезата го нуди, истражување и игри.
- Злото „навалува“.
- Сѐ е загубено. Интроспекција и преиспитување на главниот лик.
- Собирање на тимот, надежта се враќа, план за спасување, борба за доброто.
- Последниот предизвик на кое треба да се изнедри решение.
- Триумф и пролог.
По самата структура гледаме дека важни се и останатите ликови. Колку повеќе се развиени и тие, нивните меѓусебни односи и имаат прогрес во личноста, толку подобро за приказната. Тоа ги вклучува особено и антагонистот (негативецот) со оние кои го поддржуваат, како и пријателите на главниот лик, и останатите понеутрални ликови.
Најчесто главниот јунак е носителот на добрите вредности. Дел од промените на оштествениот проблем во приказната. Така е поставено за најголемиот дел од публиката да може да се идентификува со истиот, да навива за него, да сочуствува со неговите болки и радува на неговите победи. Решенијата и добрите особини вообичаено ги стекнува или зацврстува во вториот дел од приказната.
Ликот јасно од почеток се претставува дали е просечен, исклучителен или авангарден, од низок или висок социјален сталеж, неговата струка, образование, хоби, и бројни особини. Овие нешта ќе влијаат на таргет публиката, но доколку набројаните не се драстично на гласени и тема на приказната, пошироката публика ќе може да се пронајде во интерната и екстерната авантура на ликот, одошто неговата позадина.
Секако дел од публиката нема проблем да се осмели да „оди во чевлите“ на ликот со кој нема речиси никаква допирна точка надворешно. Затоа внатрешниот аспект на човекот, неговото соочување со предизвици, однос со другите и карактерно созревање, сите можат да го препознаат.
Комерцијалните дела укажуваат дека публиката сака среќни краеви. Доколку на крајот од филмот или серијата главниот лик останува со внатрешен немир, лош кон другите, нечесен, циничен, ниту имал развој во некоја од овие области, тогаш е несреќен крај, или слатко-горчлив, доколку само надворешно завршил она што наумил.
2. Дали од сценарио по книга на Маркиз де Сад или биографски филм од животот на Хитлер може да биде комерцијално дело и како треба да се прикаже да ги задоволи критериумите на етиката?
Илковски: Со комерцијален успех може да испливаат неконвенцијални филмски дела, иако не толку често. И критичарите имаат лични вкусеви, така и различни таргет публики постојат во светот, како и специјализирани фестивали каде што едно дело се слави а на друг се прекорува. Некои филмови го прикажуваат триумфот на злото за да можеме да почнеме јасно да го разграничуваме од доброто, и целосно да се оттргнеме од него.
Дефиницијата за прошка гласи: надминување на негативните емоции како незадоволството од престапот и желбата сторителот да биде повреден или претрпи било каква загуба или штета. Прошката не значи дозволување, оправдување, заборавање, охрабрување, помилување или повторно реставрирање доверба во лицето. Може да се прости или не, а безразлика да биде проследена казна или надомест. Простувањето е секогаш заради себе, а не за сторителот.
Некои луѓе, поради злото во општеството и неодговорноста на системот, стануваат ете, како Хитлер. Меѓутоа такви личности се јавувале и од прекрасни семејства, со сета пружена грижа, љубов и нега.
Дефиницијата за храброст вели: одлучност да се опстане во доблеста и покрај сиот напор, стрес, притисок, закана, настан, информација и околност.
Кога некој се загубил себе си во злото, како родител за своето дете, сочувствуваме и жалиме за неговиот неспокој. Би биле најсреќни кога тој би се вратил на себе. Доколку ревнуваме во нечие казнување, тогаш не сме ништо подобри, и го шириме истиот отров.
Комерцијален продукт не значи дека не смее да се бави со тешки теми и грозоморни дела. Меѓутоа режисерот има избор како ќе го долови тоа, во зависност од неговиот стил и целна публика. Едната опција, да биде брутално директен со примена на директните визуелни елементи и звучно засилување, не би го освоила ударниот термин ниту „family friendly” категоријата. Додека втората опција е индиректна.
Партнерите влегуваат и вратата од спалната се затвара се доволно податоци за констатирање романтична сцена. Жената тагува, нејзиниот маж не се вратил од служба како приказ дека во војната нема победници. Човек со качулка проследува богат пар во сенките на темна уличка. Од зад аголот слушаме пукот и врескање. Примерите и решенијата се неограничени. Ниту помалку сочувствуваме со ликовите поради овој пристап, ниту помалку ја разбираме тежината на делата. Само прашање на стил и вкус. Меѓутоа првиот пристап, може одлично да се применува за комично акцентирање.
3. Кога еден режисер ја има остварено својата мисија? Кога кон ликот ќе имаме чувство на емпатија и сожалување или чувство на мотивираност и сатисфакција поради победата која ја издвојувал со злото?
Илковски: Двете. Често приказната ќе го доведе во позиција на ранливост со која ќе сочувствуваме, одреденост и план за кој ќе навиваме, и триумф кон ќе ни донесе задволство. Имајќи го тоа во сценариото, режисерот работи со актерите да им го долови тој внатрешен свет покрај дејствието, за актерското поведение да биде уверливо. Уверливоста значи поистоветување од страна на публиката. Тоа не е процес каде режисерот го учи актерот како да биде уверлив, туку хранење на актерот од страна на режисерот со сите информации со кои располага во и надвор од сценариото. Секако се случува режисерот да одигра сегмент за полесно да долови одредени дејствија и описи.
Мисијата е реализација на визијата конципирана за доловување на приказната. Тоа ги вклучува сите суштински бисери во сценариото, а во исто време да биде забавно и гледлив. Покрај главниот алат за остварување на истото, актерскиот сегмент за кого зборевме, режисерот е одговорен во таа цел да ги примени сите останати сектори: камера, осветлување, сценографија, реквизити, костим, шминка, звук, монтажа и музика.
А за нивното беспрекорно одвивање обравотува книга и план на снимање и негува креативна работна атмосфера. Секако за сето тоа таму е неговиот тим. Колку е поголема продукцијата, односно поголем буџетот, толку сите набројани сегменти имаат дополнителни микро алати за кои режисерот може да одбие или прифати примена. Доколку режисерот го направил најдоброто во своето знаење и вештини со дадените услови, тогаш мисијата е успешна, без разлика на приемот на конечниот продукт.
4. Каква е релацијата на филмот со времето? Колкав дел од филмот е посветен на нашето бивање во модусот на временска современост гледајќи го филмот, а колку тој ни служи како временска машина и наша техника на продолжени можности да патуваме во светови кои уште не се достижни?
Илковски: Човекот раскажува приказни од како знае за себе. Усно пренесени, запишани, одиграни на бина, и денес присутни и на визуелниот медиум, вклучувајќи ги сите негови подкатегории како филм, телевизија, видео игри, YouTube, итн.
Тоа се приказни од минатото за наше сведоштво, кои сме и од каде потекнуваме. Поради достапноста на податоци, филмот денес може подобро да долови период од историјата одошто поединечните дела од тоа време. Може да бидат и фиктивни приказни поставени во денешно или идно време кои се вид на колективна контемплација.
Често вклучуваат момент на поука, „кое семе каков плод носи“ и момент кои ги прави интересни и остава впечаток, дали тоа било нивната форма низ кој се пеел текстот, или комичните елементи во претставата. Меѓутоа ние од истите и се описменуваме, осознаваме концепти, и споделуваме практично знаење од научен аспект.
Приказните се централна точка на нашите животи, без разлика дали ги доживуваме преку филмот, театарот или книгите. Тие го возвишуваат интелектот и духот на човекот и се клучен елемент на нашата култура. Го прикажуваат фолклорот на народот, го дефинираат и опфаќаат духот, расположението, состојбата, идеите и верувањата на времето или историскиот период на човештвото во кои се создадени.
5. Дали иднината на режисерската улога е загрозена со ВИ (вештачка интелигенција)? Кој е критериумот по кој препознаваме дека еден филм е создаден од човек, а не од „паметен софтвер“?
Илковски: Денешните филмови се хибрид од човечко творештво и паметен софтвер. За визуелни ефекти користиме паметен софтвер кому даваме одредени насоки и тој препознава патерни, лица, алфа канали, раздвојува бои од позадина и површина, создава перцепција за тридемензионалниот простор, анимира врз база на неколку дадени параметри, создава маски и бројни други можности.
Меѓутоа филмот од почеток е тесно врзан со технологијата, камерата која отсликува дваесет и четири фотографии во секунда, дигиталните рекордери на звук, машина за монтажа, од кои денес сите се дигитализирани. Меѓутоа и таа вештачка интелегенција, повторно е од човек создадена.
Како се развива технологијата гледаме дека таа е повеќе застапена во секојдневниот живот на човекот. Како и за сѐ друго, нејзината злоупотреба е штетна, самата по себе е неутрална, а работиме да ја применуваме за добро. Некои исцртуваат силна дистинкција меѓу технологијата и „природното“, меѓутоа технологијата е само екстензија на човековата природа.
Информатиката е природна наука. Вештачка интелегенција теоретски би можела, со посветен развој, хранење на формули и примероци од страна на луѓе, еден ден да создаде самостојно анимиран филм. За да создаде игран филм, ќе треба да има роботи или андроиди, сите со засебна улога, камерман, тонец, актер.
Филмот ќе се познава дека не е од човек, затоа што лицето на актерот нема да го има тој природен сјај, како што гледаме како денешните анимациии не успеваат целосно да го доловат зрачењето на еден човек како појава, биохемијата која пумпа под неговите вени. Доколку се постигне комплетно биохемиско реплицирање и дополнително ако една интелегенција, дури и во тело, се оспособи со спектарот на вештини потребни за еден актер или режисер, тогаш тоа е веќе човек а не ВИ.
Така, во таа теорија режисерот би можел да биде загрозен само од друг режисер, но за наша среќа, идеите и имагинацијата не се ограничен природен ресурс, и затоа тоа нема никогаш да претставува проблем.
Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ
Можеби ќе ве интересира: