Германскиот класичен филозоф Имануел Кант, прави т.н. „помирување на емпиризмот и рационализмот“ како два главни правци во разбирање на епистемолошките прашања во рамките на нововековната филозофија.

Клучното прашање околу кое Кант смета дека треба да се направи мост или обединување на емпиризмот и рационализмот е како се создава можност за релациско поврзување на поединечниот објекти на спознание.

Имануел Кант, германски класичен филозоф 1724-1804

Главната критика која Кант му ја упатува на епмпиризмот е дека, емпиристичкото разбирање на потеклото на спознанието не може да одговори на прашањата како се перципираат сложени односи помеѓу поединечните објекти на спознание. Критиката која Кант му ја упатува на рационализмот, пак, е дека рационализмот не може да даде одговор на прашањето како се формираат впечатоците за поединечните објекти како дел од „надворешноста“.

Затоа Кант, смета дека комплексот од познавателните содржини има потекло и во искуството, но и во разумот. Тој дури воведува и трет нов слој во одредување на потеклото на познавателните содржини, а тоа е умот кој е „одговорен“ за идеите, како што е идеа за Бог, вечност и сл.

Времето и просторот според Кант се a priori форми на сетилноста и тие учествуваат во формирање на познавателните содржини кои имаат потекло во сетилноста.

На пример, кога гледаме врата и до вратата маса со столица за седење, ние овие три поединечни објекти ги гледаме како објекти кои се едно-до-друго во просторот и ги перципираме едно-по-друго во временска смисла. На пример при влез во собата прво ќе ја забележиме вратата, па потоа масата и на крај столчето. Таа разлика во забележување на поединечните предмети ја обезбедува времето како a priori форма на серилноста.

Во таа смисла, сетилното формирање на впечатоците поминува низ два процеса. Едниот процес е обезбедување на материјалот или содржината од сетилата, а другиот процес е формирање или организирање на материјалот преку формите на сетилноста – времето и просторот.

Како Кант дошол до идејата да ги третира времето и просторот како нужни познавателни процеси во формирање на сетилните познавателни содржини? Како што и погоре споменав за тоа е заслужен Хјум. Хјум го критикува законот за каузалитет велејќи дека ние само создаваме привид дека А е причина за придвижување на Б.

Во суштина кога гледаме две билјард топчиња ние на рамниште на сетилноста гледаме само два поединечни објекти во рамки на една табла. Кога гледаме дека топчето А се движи кон топчето Б го удира и го предизвикува неговото движење, во суштина ние само гледаме дека топчето А се движи до една точка, а потоа забележуваме дека топчето Б како поединечен предмет почнува да се движи од една до друга точка. Од нашиот увид, ние не можеме да изведеме заклучок дека топчето А е причина за придвижување на топчето Б, затоа закон за каузалитет не може да се докаже преку емпириска опсервација на појавите, смета Хјум.

Но за Кант, овој одговор не е задоволителен, Кант е свесен дека ние го перципираме движењето на топчето Б како последица од движењето на топчето А. Но од каде потекнува и каде се заснова можноста за согледување на каузалитетот? На оваа прашање Кант одговорил со внесување на времето и просторот како форми на сетилноста. Движењето на топчето А низ просторот и придвижувањето на топчето Б при судир всушност се резултат на перцепцијата на поединечните објекти како едно-до-друго, а особено едно-по-друго.

Времето и просторот се комплементарни во обликување на сетилните содржини, што го прави Кант предвесник на уште една голема промена во науката во контекст на разбирањето на времето и просторот и засновање на теоријата на релативноста кај Ајнштајн.

Автор: Магдалена Стојмановиќ