Се повеќе се стеснува границата на делови од телото кои се интимни, се повеќе се експонира голо добро издефинирано и спортски конструирано тело. Инстаграм профилите се место каде што можете да видите исклутелно убави и згодни луѓе кои гордо ги покажуваат своите голи тела, а тие објави наидуваат на голема поддршка од страна на публиката.
Новата професија од која голем број млади луѓе заработуваат се нарекува „инфлуенсерство“. По спроведување на кратка анализа и набљудување на типот на профили на социјалните мрежи кои имаат најголем број на следбеници, може да се заклучи дека најголем дел од нив се профили во кои експлицитно се покажува голо тело, луксуз во кој младиот човек ужива и убавината која е резултат на употреба на апликации за разубавување и подобрување на квалитетот на фотографиите.
Со еден збор на Инстаграм профилите на инфлуенсерите го гледате сето она што инаку не би можеле да го видите при обична прошетка на кеј, посета на спортски или културен настан или набавка на намирници во маркет. Просто такви луѓе во реалниот живот скоро и да не се среќаваат. Тие се производ на нечија имагинација која за разлика од минатото кога единствено можела да се изрази на платно денеска се повеќе добива дигитални изрази.
За разлика од машкото тело чија голотија никогаш не претставувала табу во нашата култура, женското тело често било мистифицирано. Ретко кој реагира доколку во свое блиско опкружување во текот на летото забележи средовечен маж кој не носи маица и е потполно гол во горниот дел на телото, но многу често се реагира доколку во блиското опкружување забележите средовечна жена со длабоко деколте, кратка маица или исклучително кратко здолниште. Таа глетка барем ќе ве натера да се чувствувате несекојдневно и чудно, колку и да сте ослободени од предрасудите.
Женското телото во претставата на луѓето крие многу повеќе интима одошто машкото тело. И тоа во секојдневниот реален живот се уште е така. Но не и на социјалните мрежи, во естрадните магазини или естрадните ток шоуа во кои често можете да забележите полуголо женско тело или барем жена која открива многу од своето тело. Обично, жените од естрадата или инфлуенсерките на социјалните мрежи се сметаат за жени кои се борат со предрасудите и кои ги унапредуваат состојбите на женските права.
Ваквиот третман на општеството кон тие жени, кои се омилени помеѓу публиката и наградени со внимание и поддршка, доволно го открива амбивалентниот и лицемерен однос на општеството кон женското тело.
Во суштина ретко која жена има проблем поради тоа што е фотографирана гола, напротив нејзината фотографија и акт ќе биде награден со голем број реакции на социјалните мрежи и поддршка, но доколку истата жена се обиде да го каже својот став и да ја покаже и својата интелигибилна природа, тогаш се соочува со целосна суровост.
Или ќе наиде на целосно игнорирање од страна на другите, или во намера да биде дискредитирана нејзината изјава и аргумент, опонентите ќе алудираат на секусална конотација, ќе алудираат на нејзините врски, бракови, претходни, следни, идни…
Ако жената е сингл, таа е асексуална што е смртно лошо за неа. Тоа значи дека е толку непожелна што ниту еден маж не може да го поднесе нејзиното присуство, едноставно има стигма на чело која се пренесува на секој потенцијално заинтересиран за неа. Ако е во среќен брак, тогаш е производ на својот сопруг и нема никаква заслуга, ако е доволно независна и почитувана во рамките на бракот, тогаш сигурно има некој трет или четврт во нивниот однос и нејзиниот брак е фарса. Ако е разведена, таа веќе има минато и како да и е одземено правото да има иднина.
Едноставно луѓето ќе се послужат со било кој од наведените аргументи доколку сакаат да ве дискредитираат поради вашите ставови, тврдења, поради својата интелигибилна страна, кога сте жена, иако сите овие компоненти се апсолутно ирелевантни за тоа што го тврдите и на ниту еден начин не го побиваат вашето тврдење, тие немаат за цел да го побијат вашето тврдење, туку да ви испратат порака дека никогаш веќе не би смееле да се осудите јасно и гласно да го кажете вашиот став или да изнесете тврдење.
Тоа доволно говори дека жените се уште примарно се третираат низ призма на нивната сексуалност, а не низ призма на нивниот мислечки профил. Затоа, овој Осми март апелирам да не поминува во рамки на борба на женските права во контекст и во заедништво со борба за права на ЛГБТ популација, права на сексуални работнички или права на жените гордо да ги покажуваат своите гради без градник на протести за женски права, туку да се борат повеќе општеството да ги препознае како мислечки субејкти и да им се дозволи на жените право да МИСЛАТ и да бидат третирани како рамноправни ИНТЕЛИГЕНТНИ СУШТЕСТВА!
Автор: Магдалена Стојмановиќ