Секојдневно по медиуми сме бомбардирани со фрази како прогресивни сили, обединување на прогресот наспроти злото, обединување на прогресивни сили во насока на задржување на правецот кон евроатланска иднина, сојуз на прогресивни и демократски слили итн. Но што се тоа прогресивци? Kои се тие прогресивци, што прават во политичкото секојдневие и зошто го прават? Тоа се прашањата кои се тема на ова писание. Па да почнеме со ред.
Кои се прогресивците? На тоа прашање лесно се дава одговор, само треба на Гугл да се откуца прогресивни сили и веднаш ќе се наредат наслови како „Груби: Голема победа на прогресивните сили, владејачкото мнозинство од утре е посилно”, „Битиќи вели дека СДСМ и прогресивните сили (ДУИ) имаат мнозинство…”, „Николовски на ТВ 21: Најважно сега е да се обдини демократското мнозинство во Собранието”, а истиот ќе додаде дека најбитно во моментот е СДСМ и сите прогресивни сили да се фокусираат на примарната цел, мнозинството да се обедини и окрупни во Собрание, „Заев: Прогресот се обединува бидејќи злото се заканува” и „Заев: Многу се разликуваме од политичките противници – ние сме прогесивни, тие се заглавени во минатото”.
Одговорот е очигледен. Ако Артан Груби од ДУИ, ако Фатмир Битиќи, Љупчо Николовски и Заев од СДС на нашата земја себеси се опишуваат како прогресивни сили, тогаш јасно е кои се прогресивците. Прогресивците се владеачките структури кои првенствно доаѓаат од СДС на Нашата Земја и ДУИ и нивните мегафони.
Што прават овие прогресивни сили? Прогесивците користат поими кои по природа се различни и одделни, користат поими во нов контекст со што им даваат ново значање, создаваат една деформирана слика за реалноста и сите кои не ја прифаќаат таа нивна слика ги етикетираат и демонизираат како небањати, затуцани, регресивни, а по најново и како сили на злото. Деформираните поими кои ги користат се национализам, евроатлански интерграции, европски вредности, левица и десница итн. Да одиме со ред.
– Национализам во основа значи да се идентификуваш со одредена нација и да сакаш таа да се самоуправува на сопствената територија без мешање од надвор, а соработката со другите нации да биде заснована на почит кон нив како еднакви, притоа почитувајќи ја нивната самоопределба. Ова сфаќање доведе до устоличување на правото на самоопределување како база на меѓународниот поредок. Истото е застапено во Повелбата на Обединетите нации, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права кои се базични меѓународни акти. Спротивното од ова е сфаќањето дека твојата нација е побитна од другите нации и затоа има право да им се меша и да ги потчинува. Ова се вика шовинизам. Шовинизмот е крајно проблематичен затоа што е база на империјализмот (господарење и експлоатација над други народи). Прогресивците го користат поимот национализам со значењето на зборот шовинизам. Сите кои си ја сакаат сопствената нација и не сакаат никој од надвор да им се меша ги нарекуваат националисти ама со значење на шовинисти. Така ако некој не сака по диктат од надвор да му се менува државно име или учебници, тие го нарекуваат националист притоа мислејќи на шовинист. Инаку на прогресивците воопшто не им пречи тоа што друга држава сака да диктира какво ќе ни биде името, што ќе ни пишува во учебници и не им смета тоа што САД се меша во избори на туѓи земји, ги бомбардира, поробува и експлоатира. Таму не гледаат ниту шовинизам ниту империјализам иако по дефиниција тоа е. Но за нив тоа е прогрес.
– Друг поим е поимот евроатлански интерграции. Прво, не постои такво нешто како евроатлански интеграции. Постојат европски и постојат атлански интеграции. Малта, Австрија, Ирска, Шведска и Финска се дел од ЕУ ама не се дел од НАТО. Норвешка, Исланд и Британија пак се дел од НАТО ама не се дел од ЕУ. Британија излезе од ЕУ и тоа автоматски не ја извади од НАТО. Второ, кога викаат европски интеграции наметнуваат слика дека станува збор само за интеграција во ЕУ. А на пример постои нешто што се вика Совет на Европа и има 47 земји од кои 27 земји членки на ЕУ. Но што сакаат да постигнат прогресивците со поимот евроатлански интеграции кога такво нешто не постои. Тие сакаат да создадат слика дека надвор од ЕУ и НАТО нема живот. Без ЕУ и НАТО потоп. А само еден поглед на табелата од дваесетте најгомели економии според БДП вика друго. Таму од дваесет, единаесет не се ниту во ЕУ, ниту во НАТО.
– Нареден поим е поимот европски вредности. Овој поим се надоврзвуа на поимот евроатлански интеграции и секогаш се користи во негов контекст. Целта им е да создадат слика дека во ЕУ и НАТО се живее според европски вредности, а се што е надвор е без вредности, нецивилизирано и нормално ако сака да се цивилизира неопходни му се тие фамозни евроатлански интеграции. Прв проблем е тоа што европските вредности не се ограничуваат само на границите на земјите на ЕУ и НАТО. Европски вредности се и глаголицата, кирилицата, Конески, Рацин, Андриќ, Достоевски, Чајковски итн. Дополнително, Европа, кога се мисли на Западот, не произведе само вредности. Западни европски производи се и шовинизмот, империјализмот, расизмот, фашизмот и нацизмот. Ко за споредба помеѓу нас нецивилизираните и оние од Западот, кои живеат со европски вредности, добро е да се спомне 1958 година. Тогаш во Белгија има човечка зоолошка во која имало изложено околу 600 црнци, од кои 200 деца, донесени од Конго на кои овие со европските вредности им се исмевале и им фрлале банани.
Во истата година, дур во Америка црнците се борат со сегрегацијата, кај нас нецивилизираните, во Југославија, има околу 250 студенти од Африка кои студираат на југословенските универзитети. За европските вредности на НАТО како империјален воен сојуз не вреди ни да се зборува. Империјализам и вредности ни на сон не одат заедно, но еве ко за пример доволно е да се каже дека ја прекршија Резолуцијата на ОН за зона на забранет лет над Либија во 2011. Со Резолуцијата беше договорено да се спречи либиската авијација да полета, борбите да се одвиваат само на копно, а НАТО силите спротивно на тоа ја бомбардираа Либија. Резултатот е што Либија, која беше социјално и економски стабилна земја, ја вратија во робовладетелство со документирани случаи на ропство. Од европските вредности на ЕУ најголема „вредност” е хипокризијата. Референдумот за независност во Каталонија на кој имаше 43% излезеност, ЕУ не го призна. Референдумот во Македонија на кој имаше 36,9% , ЕУ го призна. Сите лидери од земји членки на ЕУ дојдоа да не убедуваат да гласаме на референдумот за сега да ни стават еден куп вета. На референдумот во Грција, кој беше успешен по сите стандарди, Грците се изјаснија дека сакаат да си го платат долгот, но не со земање нови кредити за да се платат старите. Што направи ЕУ? Им го сопре дотокот на пари. Поради тоа што Грција нема своја централна банка, државата ја клекнаа на колена без разлика на резултатите од референдумот.
Кога рускиот гас требаше да помине низ Бугарија, од Брисел на Софија не и дозволија. Арно ама во исто време во изградба беше Северен ток кој беше завршен годинава и кој ја снабдува Германија со руски гас. По европските вредности за Бугарија не бива, за Германија бива.
– И на крај поимите политичка левица и десница. Левица и десница се во суштина економски концепти. Целта на левицата е претпријатијата да бидат поседувани и управувани од работниците како истите не би биле експлоатирани од газдите и целта е јавните добра и услуги да не се приватизираат и да не се стопанисува со нив со profit based логика со цел истите да бидат достапни за сите (социјална држава). Целта на десницата е спротивното. Претпријатијата да бидат поседувани и управувани од мал број газди како овие би можеле да си го присвојат најголемиот дел од профитот (експлоатација на работниците) и јавните добра и услуги да се приватизираат со цел газдите да профитираат од нив. Тие се два спротивни економски и филосовски концепти. Целта на левицата е попријатен живот. Целта на десницата е профит. Ова што го живееме последните триесет години е по терк на политичката десница. Арно ама прогресивците ќе ви кажат дека десница е таа што се бави со национални прашања, а левицата е анационална. Ќе ви кажат дека оние од левицата не се бават со национални прашања, дека не признаваат нации и дека за да престанат непријателствата помеѓу нациите и експлоатацијата на една нација од друга (империјализмот), ако сме левичари, треба да се откажеме од сопствената нација.
Ова не може да биде подалеку од реалноста. Еве што на тоа викаат Маркс и Енгелс во Глава II од Манифестот на комунистичката партија:
–Со оглед на тоа дека пролетеријатот пред се мора да извојува политичко господарство, да се издигне како водечка класа на нацијата, самиот да се конституира како нација, тој е и национален, но не во буржоаска смисла… Во онаа мера во која ќе биде укината експлоатацијата на една индивидуа од друга, ќе биде укината и експлоатацијата на една нација од друга. Со падот на спротивставеноста на класите внатре во нацијата паѓа и непријателскиот став меѓу нациите.
На ова Енгелс во предговорот на полското издание на Манифестот ќе додаде:
–Искрена интернационална соработка на еревропските нации е возможна само ако секоја од овие нации е целосно автономна во сопствениот двор.
А автономија во сопствениот двор е возможна само ако пролетеријатот се издигне како водечка класа на нацијата. Тоа што го викаат Маркс и Енгелс не е да се откажеме од нацијата, да негираме постоење на нација, да не се бавиме со национални прашања за да престанат непријателствата помеѓу нациите и империјализмот, ами вика дека пролетеријатот и неговата борба се национално прашање број еден. Од тука и паролата од Кубанската револуција „татковина или смрт”. Од тука паролата во кампањата на Аљенде „Народот обединет нема да биде победен”. Од тука паролата на македонските партизани „Смрт на фашизмот, слобода на народот”. Само обединет народ, кај кој пролетеријатот ја има власта, кај кој нема експлоатација на една индивидуа од друга, е лек за империјализмот и странските замешателства. Само такви народи може да имаат искрена интернационална соработка. Тоа што го викаат прогресивците за левицата е сосем обратното и тврдејќи дека доброволно треба да се откажеме од нациите, како да е тоа прашање на негирање или не, и да не се занимаваме со национални прашања, дека треба да дојде камшикар за да не оправи, напротив го парализира сопствениот народ и му даве ветер во грб на империјалнизмот.
Затоа во татковците на македонската нација, Илинденците, има социјалисти како Делчев и Карев. Затоа организаторите на Народоослободителната борба на македонскиот народ беа комунисти и затоа во Службен весник бр.1 од 1944 стои дека АСНОМ се формира врз основа на правото на самоопределување на македонскиот народ.
Но зошто северните прогресивци го прават сето ова? Ако си помисли некој дека сето ова е нивен ѓаволски план, тогаш многу ќе ги прецени. Не се они способни ни една стотинка од ова да смислат. Сето ова е зготвено во западните империјални кујни. Уште во деведесттите двете најголеми партии ја лапнаа оваа манџа ко локумче и од тогаш до сега само мантраат за евроатлански вредности и интеграции. Двете долго време беа две страни на иста паричка. НАТО и ЕУ беа и уште им се светињи, континуирано спроведуваат десничарски политики и цело време беа „патриотски” настроени, СДС понекогаш и шовинистички. Да не беше така Али сеа немаше да има можност денес да глуми зелен прогресивец и миротворец, ами ќе беше во затвор. Доказ за шовинизмот на СДС на Нашата земја е книгата „Преговори за постигнување на Охридски договор” во која стои дека Фрчковски предложил да се намали употребата на албанскиот јазик и бројот на Албанци во полиција што за малку ќе доведело до пропаѓање на преговорите, за истиот сега да релативизира како Законот за двојазичност е одличен и согласно Уставот.
Исто така уште е свеж текстот на ФБ на Заев од 2013 упатена кон бугарската партија Атака, кога им порача дека Струмица може да ја гледаат само на разгледница оти таму живеат Македонци кои зборуваат македонски, стојат простум на македонската химна и на крај напиша поздрав од МАКЕДОНИЈА. И од тоа се префрли на заедничка историја и брусење на споменици од НОБ на кои стои бугарски фашисти. Што се случи? Тоа што се случи е што ДПМНЕ почна да доминира во областа патриотизам. Не само што го злоупотребуваа акронимот ВМРО со приказната дека ДПМНЕ е континуитет на МРО и дека ако не си со нив си предавник, туку почнаа успешно да ја возат и приказната за Античка Македонија и тоа им носеше нови гласови.
СДС по прашање на патриотизам се најде сред обрана нива и реши да ја смени тактиката. Така Заев во 2014 на тв емисија си кажа дека пробале да играат на политики на патриотизам и дека изгубиле и дека менат тактика. Што беше новата тактика? Ако овие играат на патриотизам (на славното минатото), они почнаа да викаат дека тоа е контрапродуктивно, назадно затуцано и дека треба да се гледа само во иднината. Кој гледа во иднината? Прогресивците. Каде е иднината? Во евроатланските интеграции и европските вредности. Резултатите ги знаеме. За полесно да се сфати ова треба да се разбере нивната природа која има две карактеристики. Едната е политичката релативност. Денес се патриоти, утре биршат се македонско. Денес се паркобрани, утре сечат дрво оти не им се гледа билбордорт. Првава карактеристика зависи од втората, а тоа е тоа што нивниот политички ангажман зависи правопропорционално од личната материјална корист. За нив (и двете) патриотизмот, Републиката, ЕУ и НАТО се само берзанска шпекулација која носи гласови, кои пак носат власт, која пак носи пари. Ете затоа го прават сето ова. Утре да се сменат драстично меѓународните односи истите овие европски и натофундаменталисти ќе станат поголеми Руси од Русите и најголеми мрзачи на Западот само да си ги зачуват фотелјите.
Кога сето ова се има предвид, може да се даде одговор на тоа што се тоа прогресивци. Прогресивци се структури од и блиски на СДС на Нашата земја, а по ново и на ДУИ, кои користат деформирани поими и создаваат искривена слика за реалноста, кои ја користат таа искривена слика да ги демонизираат сите кои не мислат како нив, кои денес плукаат на нешто, а утре истото го лижат и сето тоа го прават оти од тоа имаат директна материјална корист притоа цело време одработувајќи и потхранувајќи го империјализмот. Кога ова е расчистено, на прогресивците може да им се испрати еден интернационален левичарски поздрав. Прогресивци од целиот свет, ИЗГУБЕТЕ СЕ!
Автор: Саше Јанчев