Европската комисија денеска предложи дигиталните ковид-сертификати да важат девет месеци по добивањето на препорачаните дози на вакцината против ковид-19.

Комисијата го претстави предлогот за препораки за безбедно патување во рамките на ЕУ, кои треба да важат од 10 јануари следната година.

Комисијата ги повикува земјите-членки веднаш да ги преземат неопходните чекори за да обезбедат пристап до вакцината за оние за кои наскоро ќе минат девет месеци од последната препорачана доза што ја примиле.

Во однос на дополнителните, бустер дози, од Комисијата велат дека во моментот нема студии за ефективноста на бустер дозите во поглед на преносот на вирусот и затоа не е можно да се утврди периодот на важност на сертификатите, по вакцинацијата.

Сепак, имајќи ги предвид податоците што се појавуваат, може да се очекува заштитата од бустер дозата да трае подолго од заштитата од првата серија вакцини – наведува Комисијата.

Од Комисијата додаваат дека внимателно ќе ги следат новите научни докази и доколку е потребно, ќе предложи соодветен период во кој дигиталните сертификати би важеле по добивањето на бустер доза.