Парада на гордоста не е показател на либералната и демократска зрелост на една држава. Напротив таа го вади сиот примитивизам на „гордите“ кои сакаат да покажат некаква различност и оние кои сакаат да се прикажат како толерантни на различности.
Немам ништо против хомосексуалци, ама имам против паради и секој друг тип на јавно прикажување на сексуалноста како критериум за разликување со другите.
Не ми е јасна потребата луѓето да ја манифестираат својата различност преку сексуалниот идентитет и имаат протерба да ја пренагласуваат сексуалноста.
Слободно искажување на сексуалноста значи и поголема слобода, но зошто сите мора да знаат што вие правите во своите четири ѕида?
Постои право на јавен настап и право на говор, но постои и право на ПРИВАТНОСТ.
Сексуалноста е пренагласена, не само во парадите на гордоста, туку општо.
Како што имам проблем со „Паради на гордоста“ имам проблем и со мажи кои за репер на својот маскулинитет и мачоизам ја земаат својата дон жуанска способност со жени и со тоа се фалат наоколу.
Имам проблем и со жени кои преку својата сексуалност сакаат да постигнат поголеми животни достигнувања. Па сега секс симболи не се жени со харизма, шарм и интелигенција, туку жени што од себе прават карикатури бидејќи женственоста ја гледаат во пренагласени сексуални атрибути – огромен задник, паткина уста или огромни гради како на пластична кукла.
Имам проблем со луѓе што парадираат со својата сексуалност без разлика дали се хомосексуалци или хетеросексуалци. Оти потребата сексуалноста да биде основен критериум по кој другите ќе те препознаваат значи чист примитивизам.
Гордите парадирачи не покажаа ниту едно цивилизациско ниво повеќе од хетеросексуален влакнест маж кој носи рамбовка, физички ја малтретира жена му и својата доминација ја покажува со зголемување на бројот на љубовници.
Ниту се демократски стадиум повисоко од жени кои користат секс како орудје за преживување.
Не се работи за тоа да бидеме подемократични, се работи за тоа да бидеме поразумни. Само разумот може да не обедини, сите отстапувања се причина Македонија да биде уште поподелено општество одошто сега е.
Автор: Магдалена Стојмановиќ