Постои анегдота за несреќен случај во кој животот го изгубиле скоро 100 луѓе поради кивање. Имено Сталин држел говор пред аудиториум од илјадници луѓе, во акмето на своето владеење. Додека сите биле во занес и исклучиво фокусирани на она што Сталин го говори, на еден човек од публиката му се испуштило да кивне. Екот што го предизвикало кивањето го прекинал говорот на Сталин и наеднаш цела публика се згрчила од страв.

Сталин набргу прашал: „Кој кивна?“ а сите исплашени – мудро молчеле. Оној што кивнал немал храброст да признае затоа што мислел дека направил огромно злосторство и дека заслужува најригорозна казна. Бидејќи сите молчеле, Сталин уште повеќе се изреволтирал, прашал повторно: „Кој кивна?“ и повторно публиката била нема од страв, а особено човекот што кивнал и ја предизвикал таа ситуација. Сталин бил упорен да го најде виновникот, па одлучил да почне да стрела по редови. Наредил да се стрела јавно првиот ред. Повторно им дал прилика да кажат кој кивнал – никој не се јавил се уште.

Наредил да се стрела вториот ред. Труповите на стотици луѓе го населувале партерот. Најпосле еден мал и исплашен човек од последните редови кренал рака и го признал своето дело, сакајќи да спречи масакарот да се шири. Кога Сталин најпосле дошол до признанието изјавил: „Оооо па така кажи, нека ти е НА ЗДРАВЈЕ!“

Ова анегдота не ја покажува само суровоста на Сталин, туку го исмева човечкиот страв од туѓата суровост која доаѓа како претпоставка. Ако човекот кој кивнал, не претпоставувал дека Сталин ќе го казни оти тој смета дека тоа е злосторство, ако добро знаел разлика помеѓу злосторство и незлосторство и ако немал страв да ја зборува вистината, ќе спасел стотици животи и веднаш ќе го добиел учтивото обраќање на Сталин со изреката „На здравје“.

Радознала комшивка

Во едно соседство имало многу радознали жени кои по цел ден виселе на своите прозорци, загледувале во туѓи дворови и буквално знаеле се за секого. Да биле во античко грчко време, веројатно таквите денунцијанти ќе биле дел од јавната управа на системот, но во ова време тие се само длабоко несреќни луѓе со недостаток од информација која секако е природна потреба и го храни духот, само што постојат секако – корисни и беневолентни информации и сосема непотребни и деструктивни.

Во тоа соседство се случило кивање. Радозналата соседка мислела дека нејзината друга соседка е во среде сексуален акт и го разбрала звукот како стенкање, а не како кивање. Сакајќи да се доближи до нејзиниот прозорец, таа со огромен фокус и брзина се движела кон прозорецот без да види дека пред нејзиниот нос е ископана длабока дупка за поправање на цевка од канализација. Во целото тоа избезумено движење, радозналата жена паднала во длабока дупка и се убила. Соседката која кивнала, прва го слушнала падот и излегла да помогне, но веќе било доцна.

Дидактичката страна на приказната е дека радозналоста особено ако е малодушна и неправилно насочена може да не уби. Ситното кодошење, игра, интрига и местенка е смрт за оние кои таквата игра ја играт. Ако не се натпреварувате со нив во нивната игра остануваат сами и бидејќи не може да убијат никој, а убиство мора да има, се убиваат самите себе или како што вели народната – Кој на друг дупка копа, сам во неа паѓа.

Кивање во време на епидемија

Во време на епидемија предизвикана од КОВИД19 под сомнение дека некој е извор на зараза се покажува преку кивање и кашлање, бидејќи инфекцијата е белодробна. Целата ситуација со епидемиолошките анкети, кластерите и целокупната методологија за детектирање на болни и потенцијално заразени наликува на лов на злосторници.

Таа стигма брзо се шири и помеѓу оние кои немаат никаква врска со епидемиологијата, ама имаат потреба да осудуваат. Па така, се случило во парк човек да кивне. Наместо кивањето да сигнализира дека другите треба да се одалечат од него како дел од протокол за здравствена заштита, тие се доближиле до него за да ја продолжат истрагата дали тој има и други симптоми на КОВИД19 и доколу има да го спроведат на казна.

За несреќа човекот навистина бил заболен со КОВИД19 во почетна фаза, секој што се доближил преблиску за да истражува дали тој има КОВИД19 се заразил и починал, преживеал само оној кој кивнал и тоа на огромна оддалеченост од другите. Услов да преживеале сите останати е да останеле на местата каде што се наоѓаат, односно на безбедна дистанца.

Ова трета ситуација покажува дека потребата да се искодоши другиот и да се фати во некакво злосторство е поголема од здравиот разум да се остане здравствено заштитен. За жал, кодошењето не може да донесе нитшо друго освен одземање на животи, сите кои се занимаваат со тоа порано или покасно ќе мора да дојдат пред мечот кои сами го создале, а со кој завладеал некој друг во хиерархијата за борба за власт и моќ.

Злосторство и казна

Во култниот роман на Достоевски со наслов „Злосторство и казна“ Раскољников прави злосторство убивајќи лихварка. Но замислата за казната која е поголема казна од реалната казна и од реалното злосторство е најголема.

Вистинските казни се случуваат само во нашите мисли, а нашите мисли се нашиот нож што не прави „Раскољников“. Решение е ослободување од стравот за соочување со имагинарна казна и замката што ја носат речениците „Ако – тогаш“.

Секоја акција има реакција, ама и секоја реакија предизвикува нова акција, зависи колку сме подготвени да се надоврзуваме во ланецот на борбата.

Разлика – истражување, разознавање, испит од демонстрација на сила, влевање на страв и моќ

Постојат институции кои се надлежни да водат истрага, спроведуваат истражувања, разузнаваат, доаѓаат до информации. Секоја информација има своја релевантност и примена во различен контекст. Важно е да се знае разликата каде се одговара на прашања и кои прашања некој има право да ги посатави, а кои прашања имаат сосема друга намена.

Истражувањето на антрополог на примордијалното племе „Шерпаси“ покажало дека во рамките на заедница не е важно дали некој нешто знае или не за другиот, тој секако ќе му постави прашање со кое ќе влее страв и ќе се постави од позиција на моќ. Така на пример сите од заедницата ќе забележат дека едно дете краде и крие храна, но наместо да преземат конкретни акти и да го сменат однесувањето на дететето, ресоцијализирајќи го во духот на нивната заедница, сите поставуваат прашања со кои влеваат страв кај детето за да стане свесно дека направило злосторсто, што реално не е никакво посебно злосторство за кое заканата од казна е толку голема.

Реалните злосторства се докажуваат и за тоа постои правен систем. Комшивка, квази институции, непрофесионални полицајци, секојдневни денунцијанти не се инстанцата која го докажува вашето злосторство и пред кои треба да давате одговори, макар не вистинити. Секој човек има свои должности, но и свои права и слободи за кои треба да се бори, посветено, разумно, мудро и правдољубиво.

Ако некој се обиде да ве убеди дека кивањето е грев, покажете му дека манипулацијата, денунцијанството и претераната блискост може да е самоубиство.

Автор: Магдалена Стојмановиќ