Денис Бојаров е автор на книгата „Нека играат децата“. И покрај тоа што книгата скоро излезе од печат таа е една од најкоментираните книги помеѓу читателските групи, а добива и бројни позитивни препораки.

Во разговорот со Денис Бојаров ви откриваме што се наоѓа помеѓу редовите на текстот, неговиот авторски однос кон делото и неговото искуство со писателскиот ангажман.

Нека играат децата by Денис Бојаров

Во продолжение интегралното интервју со Денис Бојаров:

  1. Пред почетокот на летото на македонската читателска публика ѝ беше приредено ново четиво со наслов „Нека играат децата“, чиј автор си ти. Која тема ја обработува книгата и која порака сакаш да ја пренесеш?

-„Нека играат децата“ е книга со мултитематска разнообразност, од кои како најчести можат да се одвојат социолошките, филозофските и психолошките теми поврзани со децата, со родителите, со семејството, но воопшто и со човекот како едно свесно и разумно создание, но и како битие што има способност да прими информации и да го прошири својот светоглед. Обработува и теми за растенијата и животните и дава податоци во раскажувачки стил на приказна, која најчесто на крај завршува со некоја поука за размислување. Пораките што сакам да ги пренесам се, исто така, многу на број, но расказите од книгата тие пораки и поуки ги сервираат како еден готов производ на книжевната маса на читателот и му отвора низа прашања поврзани со расказот што го чита. На еден начин, тој пред себе има готова вечера, меѓутоа садовите треба да ги измие сам.

2. За која читателска група ја препорачуваш книгата (пол, возраст, читателско искуство)?

-Книгата можат да ја читаат сите што се над 10-годишна возраст, бидејќи е напишана на лесен, едноставен и чист македонски јазик, а темите се разбирливи за сите бидејќи тоа се раскази инспирирани од секојдневниот живот на обичниот човек. Затоа и читателот многупати се пронаоѓа во главниот протагонист и дејствува како него, и токму тоа е, можеби, силната страна на оваа книга, што читателот може да се идентификува со ликовите и настаните од книгата. Оваа книга е ослободена од стегите на полот и читачкото искуство и е наменета за општа читателска, па и нечитателска публика. Имаше и такви што биле заинтересирани за книгата и што ја прочитале поради препораките од нивни блиски луѓе, а пред тоа последна прочитана книга им била во основно училиште. Ова го знам затоа што ми го пишале во приватна приватна порака на социјалните медиуми. Јас сум отворен за дискусија со читателите, затоа и во книгата имам оставено мој мејл за да може некој доколку сака да напише критика за книгата или да праша нешто во врска со неа, да можам да бидам достапен да ги читам нивните мислења и да одговарам на прашањата.

3. Книгата е издание на издавачкиот центар „Антолог“. Колку е значајно за младите македонски автори да добиваат поддршка од издавачките куќи и кој е уделот на издавачките куќи во однос на откривање и презентирање на делото пред читателите?

-Како автор, да, млад сум, би можело да се каже дека сум во цутот на младоста и пред мене допрва претстои период за писателско созревање, бидејќи ова е моја прва издадена книга досега, иако јас по професија сум книжевник и книжевниот свет не ми е непознато поле. Се радувам на големиот интерес за книгата. Пред некој ден од издавачката куќа Антолог ме известија дека „Нека играат децата“ е една од најпродаваните книги во месец јуни во книжарниците на Антолог, и покрај тоа што книгата во печатено издание излезе во средината на месец мај, кога поголем дел од книжарниците беа затворени, а исто така и ние граѓаните бевме во карантин и избегнуваме да излегуваме надвор. Многу сум задоволен од продажбата, затоа што тиражот од 500 примероци е веќе при крај за толку краток период на автор-дебитант во книжевниот свет. Антолог тоа го препознаа во мене и ми пружија стонастотна поддршка за издавањето на оваа книга. Им благодарам што веруваа во книгата и што ѝ дадоа шанса да биде достапна до сите, затоа што книгата во моментов може да се купи во над 20 града низ Македонија.

4. Писателите се обично и големи љубители на читањето. Може ли да ни издвоиш 3 твои омилени книги, кои субјективно сакаш да ги читаш, но и кои ги препорачуваш на другите?

-Да, обично сме и читатели, а некои од нас се страсни. Јас сум од овие вториве, па затоа можеби ќе ми биде исклучително тешко да одвојам три наслови кога јас имам над сто омилени книги. Би се задржал на книгите што ги имам прочитано во последната година, па затоа и би дал џиш препорака за нив, а тоа се: „Да се убие птицата подбивница“ од Харпер Ли, „Пророкот“ од Халил Џибран и „Моби Дик или китот“ од Херман Мелвил. Како бонус би ги додал и „Моите изуми“ од Никола Тесла и „Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска. Имам уште пет-шест книги што заслужуваат место во топ-3.

5. Каква промена ќе донесе кај читателите „Нека играат децата“ и што ќе заклучиме и научиме по нејзиното читање?

-Интересно е тоа што кај секој читател носи некаква позитивна промена. Луѓето се одушевени од расказите и јас, верувајте, секој ден сум бомбардиран од пораки на социјалните медиуми. Им се радувам на сите коментари и му враќам на секој читател, без разлика дали тоа ќе биде со задоцнување од еден ден. Понекогаш имам над 20 пораки дневно, а некои од нив се навистина долги, но јас уживам да ги читам впечатоците на читателите на „Нека играат децата“. Веќе неколкумина од нив јавно објавија дека книгата треба да биде задолжителна во основно, но и во средно образование, како дел од лектирните изданија во училиштата. Овие коментари можеби најмногу ме израдуваа, затоа што преку нив сфатив какви промени носи книгата кај читателите и се радувам што ефектите се толку силни. Што можете да заклучите по нејзиното читање? Ќе ми кажете што сте заклучиле откако ќе ја прочитате, а јас ќе продолжам да ги читам вашите впечатоци, какви и да се, и да се радувам на вашите заклучоци. Вашите заклучоци се и мои заклучоци. Интеракцијата меѓу нас е нераскинлива, и тоа е нешто на кое би се радувал секој писател. Горд сум на „Нека играат децата“ и се радувам што имам горди читатели што веќе ја препрочитале или планираат во иднина повторно да ја читаат. Тука ќе ви се заблагодарам за довербата и изборот и се радувам што книгата ви носи позитивен исход. Отворен сум за коментари и ве охрабрувам слободно да ми пишете критика доколку сметате дека тоа е потребно. Пријатно лето на сите!

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ