… битно ноктите на нозете ни се исечени.
Врне врне и главниот град на државата се претвора во град на езерата. Ги има насекаде и фино ни ги мократ чорапите. На мокра чорапа, корона не фаќа. Ја прочитавте ли последната теорија на заговор? Короната ја најавиле уште во 2012 г, на Олимпискиот стадион во Лондон. Осум години подоцна тие со „отворените очи“ ни објаснија како стојат работите.
Короната сега и не е приоритет, а дали некогаш била? Да беше, фирмите што не ги исплатија парите од нашите даноци за плати на своите вработени, сега ќе се расправаа со судските органи. Некој ќе и побараше одговорност на родилката од „угледна фамилија“ која пред речиси два месеци дискретно заборави да ги информира лекарите дека има член на семејството, кој е позитивен на Ковид-19. Лажната изјава на „угледната родилка“ е украдена, нема доказ, а МВР презема мерки…
Додека ја чекаме новата влада, чекаме да се појави јунак, чија фирма ќе се пријави за да ја сруши дивоградбата кај „Мавровка“. Засега никој не се нафаќа со гол г’з еж да гмечи. Инвеститорот кој е незнаен јунак за институциите, најверојатно и е добро познат на чаршијата, токму затоа и нема мераклии да му ја срушат зградата. Султанска работа. Најголемото востание во Македонија против Високата порта е кренато повеќе од 500 години по паѓањето на овие територии под османска власт. Потребни биле 500 години да се најдат јунаци кои да ја пецнат Империјата. Јас силно се надевам дека нема да бидат потребни повеќе од неколку месеци за да се најде фирма што ќе ја заврши црната работа околу „Мавровка“. А можеби се чека и новата влада… Можеби се чека една една прејадена со власт партија конечно да замине во опозиција?
Вчера д-р Ненад Лазаров преку социјалната мрежа facebook го покрена прашањето за 14-тонската цистерна со токсичен отпад која веќе подолго време се наоѓа во дворот на „Охис“. Инспириран од трагедијата во Бејрут, д-р Лазаров предупреди што може да ни се случи, ако цистерната фати да грмне. Откако постот на Лазаров стана вирален и беше преземен од повеќе медиуми, стигна и смирувањето од страна на Министерството за животна средина и компанијата која го добила тендерот за дислокација на хемикалијата, дека токсичниот материјал не може да експлоадира. Значи се е во ред. Чим не грми ок е, слободно нека си испарува и да труе. Ќе го дислоцираат, ама треба прво да се создадат услови за тоа. Короната пуста да остане…
Кичерајската сала во која се одржа конститутивната седница на македонското собрание е прекрасна локација за Горен дом на парламентот. Над народните избраници избрани според принципот „никој да не се лути“ ќе биде само куполата и небото. Видов и куќи во преродбенички стил. Бензинска и патарина за собирање фискални за патни трошоци, не видов. Штета.
Целата колумна на Атанас Величков за Трибуна може да ја прочитате тука