Предизборната кампања е во тек, нема да имаме мир неколку дена, ќе не бркаат со пиштол на информации, ќе ни сервираат секаква пропаганда, ќе ни доаѓаат на врата, ќе ни буткаат флаери и пенкала во поштенски сандачиња, ќе ни ѕвонат по телефони теткици со секси гласчиња и љубезно ќе ја спроведуваат анкетата за тоа кој ќе биде победникот на изборите.


Единствениот аболициран криминалец кој стана премиер на една модерна држава и кој се прослави со фразата „евро за Вицето и евро за црквата“ ќе ни објаснува дека во правна држава не се толерира рекеташтво;


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе ни понуди кафани и теретани што ќе работат 24/7 и ќе не убедува дека жртвите на корона вирусот биле манипулација на досега владејачката партија;


Бишевац како искусен фрактурист ќе создаде своја армија од „Бишевци“ составена од цели 2 члена и ќе создаде внатрепартиска фрактура во ВМРО-ДПМНЕ;


Максо сите бисти на Тито во Куманово ќе ги замени со бисти на Гоце Делчев и Куманово ќе го направи столбоносен град за македонскиот идентитет;


Рашела Мизрахи ќе не научи што е тоа патриотизам, бидејќи ќе биде пратеничка во чии говори најчесто повторуван збор ќе биде „патриот“ и „гордост“;


Спасовски ќе прозбори и на санскрит, ама ќе избегне да ја употребува придавката „македонски“ за именување на јазикот што му е мајчин;

Гога Сорос ќе стане најпрофи политичарка после професорската кариера и ќе му го земе приматот на Ферид Мухиќ;

Дурловски после политичката кариера ќе почне да пее по кафани пошто вмровското друштво посебно неговиот лидер Мицкоски преферираат кафана амбиент;


-Сања Лукаревска ќе зборува како треба да местите „куртон“ за да се заштитите од СПИ бидејќи успешно ја почна кампањата за заштита на јавното здравје од КОВИД19 иако меѓу првите се зарази со вирусот и делеше флаери по Куманово;


-Елоквентниот пристап на Влатко Ѓорчев ќе биде заменет со „харизматичниот, стабилен и убедлив“ говор на Игор Јанушев;

Венко Филипче ќе оди на редовна масажа кај Лиде Лиде за сузбивање на стресот низ кој помина;

Николовски ќе се дупне од појавување на тв АЛФА посебно во „Запиј ако можеш“ а Момировац ќе му поставува прашања од типот: Како успевате да сте толку успешен во тоа што го работите“;


-Нина Ангеловска ќе се расправа со новинари и ќе им одржи лекција како треба да си ја вршат својата работи оти таа делела групер куртони, упс оваа – купони за сите што сакале да бидат новинари од типот на Саше Политико;

Ахмети ќе сака албанец да биде премиер, ама не тој оти премиер треба да знае барем уште еден друг јазик покрај мајчиниот;

Тачи ќе искористи уште еден мандат да се спреми за во пензија;

Стоиљковиќ ќе работи на зближување на ДПМНЕ со Србија и конечно ќе се запише на курс по српски јазик;

Димче Апасиев конечно ќе сфати што е „левичарство“.


А ние?


Ние драги мои, ќе работиме за минимална плата што редовно доцни;
Ќе ги испраќаме нашите деца по аеродроми да си ја бараат среќата и достоинството подалеку од ова хаварија;
Ќе ги имаме најскандалозните избори за ректори и декани на факултети и дипломи кои значат НЕКАДАРНОСТ;
Ќе се радуваме на картички од по 3000 денари со кои можеме да купиме тоалетна хартија за цел месец;
Ќе работиме цела година за да приуштиме одмор до Грција на кој ќе се утепаме од јадење паштети, пиперки и патлиџани купени на зелено пазарче кај нас;
Ќе ни биде газено достоинството и навредувана интелигенцијата секојдневно;
Ќе одиме по институции кои мирисаат на влага, болест и смрт и ќе се фрапираме од полуписмени службеници;
Ќе слушаме на пресови млади продуховени девојчиња кои преку пермутирани псалмови од Библијата ни кажуваат: „Кој е кој и кој е вистински“;
Ќе слушаме тетки, стрини, баби и комшивки кој е рецептот за успех за животот да ви биде еднакво несреќен и очаен како нивниот;
Сеуште мажењето ќе биде животно достигнување;
Мажи со едиплов комплекс и мамини волчиња ќе бидат мнозинство;
Жени чија просечна концентрација трае онолку колку едно шишање на фризер и лакирани нокти;
Луѓе кои се фураат на патриотизам а не прочитале една историска книга, ниту биографија;
Оние на кој омилен автор им е „Толстоевски“, а омилен филм „Солзите на една Џејла“ ќе бидат главни гласноговорници на сите дружби.

И уште многу други работи ќе се сменат и нема да се сменат по изборите …

Автор: Магдалена Стојмановиќ