Секој однос има почеток и крај. Некои односи остануваат недовршени и тие се огледуваат во бесконечноста. Само односи кои не се започнати остануваат недовршени. Се што започнува со голема буква, завршува со мала или голема точка.

Понекогаш односите помеѓу луѓето се толку комплексни, да е тешко да се говори за среќа. Постои среќен однос пред да биде крај и среќен крај на односот. Ние сме суштества осудени на конечност, на пропаѓање, на старост и конечно на смрт. Животното патување на човекот е декадентно, и колку повеќе навлегува мудроста и искуството, толку повеќе излегува животниот елан.

Секое утро правиме избори, да бидеме жртви или херои. Да избереме да бидеме некому на терет, или да избереме да го носиме теретот на другите луѓе. Оние кои се жртви се постојано несреќни, оние кои се херои се несреќни со додавка уморни.

Но во голема мера сме себични, повеќе сакаме да земаме одошто да дадеме, да го напавиме потег за другиот затоа што треба да го врземе за себе, да го натераме на благодарност или на репроцитет. Искреноста во постапките е многу мала, а дури и кога човек е спососбен да го љуби најдлабоко другиот, тој го прави тоа поради сопствено уживање.

Нас ни е убаво кога ќе се заљубиме во нашиот објект, тој не смее да служи на никој друг, не смее дури ни да излезе од своите рамки и да прекине да ми го прави мечтателското задоволство. Не му дозволуваме на објектот на љубовта да не разочара и да биде поразличен од тоа што е во нашата замисла. Бидејќи ако е така, подрага ни е трагата од објектот, одошто неговото присуство.

Го заклучуваме во минатото и го мумифицираме споменот на објектот на љубовта. Тој не е ништо друго, туку НАШ, потполно затворен во историското припаѓање.

Човечката љубов е благородна само доколку не сме дозволиле животот да ни го убие оптимизмот. На површината, таа е себична, љубоморна, посесивна, репроцитетна, понекогаш и сосема деструктивна по нас и нашиот објект.

Љубовта ја ослабува нашата личност и нашата суштина, таа ги брише границите на нашиот идентитет и не прави потполно врзани и сервилни за нечији очекувања и желби. Љубовта не прави послаби, бидејќи ја одзема моќта од злото. Таму каде што љубовта настапува, злото ги пакува куферите!

Автор: Магдалена Стојмановиќ