Кога станува збор за сликарството на уметникот Киро Урдин ( роден 1945 во Струмица) се има предвид педантно, мурално и грижливо создавано дело, кое пленува со својата интензивна обоеност, арабескност и апстрактност.

Како резултат на неговото долгогодишно творење низ многу земји во светот, најчесто овој уметник работи во големи формати работени во техника масло на платно, акварели, фотографии, филозофски размисли и афоризми.

Препознатлива е една плодна творечка работа која открива изразито активен уметнички темперамент што води во интересна авантура постојано присутна во чинот на создавање на делото.

Низ својата ликовна ризница Киро Урдин ни ги предочува традиционалните својства на современото сликарство:

Kласична урамнотеженост, чувство за мерка и педантност; тоа се дела на хармонија и рационално вкомпонирани елементи кои дозволуваат повеќе асоцијации на современи стилски струења во ликовната уметност. Потаму, во нив се среќаваат одблесоци на кубизмот, апстрактниот експресионизам, асоцијативно-фигуративното сликарство, но и со помош на спонтаниот потег со четката го доловува моментот на тн акционото сликарство.

Фигуративното што преовладува во неговите слики е разлеано во тонски и колористички целини, градејќи една сликарска арабеска и структура која на спонтан начин го транспонира појавното.

Покрај експресивните и рустикално повлечени потези, авторот останува доследен на својот енергичен замав, кој донесува напластени површини со потенцирани валери на сино и црвено.

Што се однесува до идејната филозофија, при набљудување на делото се добива впечаток на тенденција кон издигање на фигуративното во сфери на симболичен тотемизам, којшто се надоврзува на универзалните праисконски импулси во создавањето.

Своевремено, во една од неговите многубројни изложби се издвојува мултимедијалната инсталација (слика и филм) со наслов „Планетариум”, со која всушност започнуваат мартовските денови на Франкофонијата, е јасен показ за современ уметник кој смело ги апсорбира современите изразни средства, интимно сврзан со модерното сфаќање на уметноста.

Во уметниковото демонстрирање она што е видливо за окото е контурната прецизност на разместени форми, неправилни форми кои самата природа ги создава и кои се нераскинлива карика на духовната мисла на Киро Урдин.

Имено, мотивската преодреденост за креирањето на големи платна во природата е резултат на неговата спонтаност во изразот која е во колерација со тн акционо сликарство, каде телото претставува сликарски инструмент при изразувањето на моментните чувства и субјективните метаморфози на платното.

Ваквото трансцедентално и метафизичко препуштање, ослободување на инвентивната енергија и филтрација на емоциите го отсликуваат транспарентниот уметников универзум. Во уметничкиот свет на Урдин постои една перфекција на прикажаната целина која нема почеток и крај, која продолжува во недоглед и која ја иницира авторската вечна преокупација – флората и фауната.

Навидум постоењето на реален предмет и водењето кон сферата на апстрактното себепронаоѓање, може да се појасни со искажаната мислата на ренесансниот мајстор Леонардо да Винчи:

Сликарството е поезија која се гледа и секоја слика е една песна. Како што сликата треба да биде речита, така и поезијата треба да биде сликовита.

Имагинативната сила на Киро Урдин произлегува од палетата на бои, особено на црвената и сината, кои сликата ја доловуваат како финален производ со исклучително моќна сензација.

Во овој случај настанува двоен ефект: длабоко сината боја го привлекува набљудувачот кон бесконечното, кон копнеж за чистото и натприродното, додека пак, црвеното укажува на еден страствен и внатрешен топол свет без граници.

Таквиот сплет на бои ја презентира личноста на Киро Урдин кој е докажан како уметник во светски рамки со автентичен карактер на креирани творби кои со својата актуелност го привлекуваат нашето внимание.

Имено, во Антверпен, Белгија во галеријата „Црниот пантер” во тек е неговата изложба во која централно место има сликата со наслов „Табула раза” изработена во техника масло на платно, и е со димензии 10 метри должина и 3 метри ширина.

Оваа поставка која ќе трае до 10 април 2022 година, изложени се уште околу 150 негови дела, од кои повеќето се работени во маслена техника и мал формат, а останатите во техника акварел и среден формат. Овие дела Киро Урдин ги работел во време на изолација наметната од пандемијата со коронавирусот низ кои ја искажува својата почит кон загинатите луѓе и тешките моменти во справување со кризата.

Автор: Марија Стојческа