Спонтано или со царски рез – изборот на начинот на породување сè почесто станува тема на јавна и стручна дебата, особено во контекст на растечката стапка на породувања со царски рез. Во новото издание на емисијата Мој збор, ова прашање се разгледува низ медицинска и општествена призма, со фокус на причините, ризиците и предизвиците поврзани со современото акушерство.

Гостинка во емисијата е д-р Весна Чибишева, која зборува за факторите што придонесуваат кон зголемувањето на бројот на царски резови – од медицински индикации и возраста на родилките, до психолошките причини и стравот од компликации при природно породување. Таа се осврнува и на улогата на здравствениот систем, информираноста на пациентките и влијанието на современиот начин на живот.

Емисијата отвора простор за подобро разбирање на дилемите со кои се соочуваат идните мајки, но и за потребата од балансиран пристап, во кој здравјето на мајката и бебето секогаш е на прво место.