дома прашуваме други колумна Што има ново?

Што има ново?

Како ќе одговорите на ова прашање?

403
0
Едно од најфолклорните прашања во нашите меѓусебни разговори е прашањето „Што има ново?“. Ова прашање и покрај тоа што на прва делува како прашање кое ги определува т.н. „слаби социјални врски“ (термин на Марк Грановетер), во својата латентна функција е присутно и во комуникацијата помеѓу луѓе кои се среќаваат на секојдневно ниво. Првата здраворазумска претпоставка што човек ја има кога ќе го слушне прашањето „Што има ново?“ помеѓу двајца соговорници, е дека тие не одржуваат редовни контакти, не се во состојба често да ги ажурираат податоците за своите искуства или дека станува збор за средба која се случила по долго време. Но оваа прашање и покрај тоа што е фолклорно прашање, се провлекува низ многу облици на меѓусебното комуницирање.

Денеска „Што има ново?“ можете да прашате и некој што прв пат го гледате, како на пример што има ново во твојот град, или што има ново на уметничка сцена, што има ново на рафтовите од маркетите и сл. Но оваа прашање може да се сретне и во комуникација помеѓу луѓе што се секојдневно заедно, членови на семејството, колеги на работа или факултет, соседи и сл. Суштината на прашањето „Што има ново?“ во контекст на силните социјални врски што ги карактеризира секојдневното комуницирање е да се провери дали има прогрес во однос на некоја тема со која соговорниците се запознаени или претставува иницијално искажување на љубопитност што се случувало во мал временски интервал додека соговорниците не биле во директна комуникација.

Интересно е спортивно на здраворазумското очекување е дека оваа прашање дава информативен напредок кога станува збор за комуникација типична за силните врски (честа директна комуникација). Но, со луѓето со кои секојдневно комуницираме и се среќаваме имаме помали шанси да дојдеме до информативен напредок од дрстични размери, одошто во комуникација со луѓе со кои ретко се среќаваме, или дури не се познаваме. Разликата е во тоа што, силните врски се изградени на редундантен капитал, односно секојдневно ажурирање на искуствата на соговорниците и постои конзистенстност во следење на состојбите и нивна кохерентност. Дури понекогаш прашањето „Што има ново?“ со блиските луѓе со кои секојдневно сме во контакт, го поставуваме само да потврдиме дека нема ништо ново, односно дека работите се стабилни и се онакви какви што ги знаеме.

Слабите врски, или комуникацијата со луѓето со кои ретко се среќаваме, може да го експлоатираат прашањето „Што има ново?“ како куртоазно обраќање, или задоволување на форма, од кое прашање не се очекува некој долг и опсежен одговор, но можеме и да добиеме информација која е целосна новина, која прави одреден скок во сознанијата или прагматички ја менува нашата реалност. Затоа што кога ќе дознаете нешто што е „НОВО“ од комплетен странец или човек кој е скоро па странец за вас, тоа ново е навистина некоја новина која не можете да ја поврзете со претходното искуство. Додека кога ќе добиете информација од луѓе со кои одржувате силни социјални врски и контакти, тогаш тој податок има само навидум привидно придвижување на настаните, а во суштина само претставува одржување и стабилизирање на веќе добровоспоставена динамика и облик на комуницирање.

Прашањето „Што има ново?“ во денешен информациски свет, комплетно ја губи својата смисла и функција. Во трка по нови информации, сознанија, вести и во време кога под силата на социјалните мрежи без никаков филтер и уредувачка политика „сѐ може да стане вест“ (она што ја интересира јавноста, но не е јавен интерес) комотно можеме да одговориме „нема ништо ново“. Писателот Ерих Марија Ремарк свој роман за војната го има наречено „На запад ништо ново“, во смисла дека и работите кои се најмонструозни и шокантни за човечкото искуство во негативна смисла, веќе не се неочекувани поради појавата и вниманието кое им го даваме на тие појави. Затоа една група на новинари и јавни личности цврсто стои на стојалиштето дека експлицитни сцени или вести кои содржат насилство и се вознемирувачки за јавност треба да бидат што е можно пократки и понеинформативни. Прво затоа што доколку нешто е присутно во голем размер, може да се нормализира и да се стави под оправданието „па тоа е нешто што се случува, не е ништо ново“ или затоа што може да изроди херострати, што бараат внимание дури и на неадекватни начини, со чинење на монстуозни дела доаѓаат до слава.

Макијавелистичкиот принцип „Целта ги определува средствата“ донесе комуникација, на микро ниво, но масовни медиуми, која воопшто нема за цел да каже ништо ново, туку да потврди дека единствената работа која што е константна е промената. Кого човек се навикнува на брзи транзиции и е „силуван“ од разни информации и ловци на внимание кои ги имаме на билборди, големи светкави екрани, каталози, социјални мрежи, разни понуди кои буквално не прогонуваат и ни ја обликуваат свеста, единствено нешто што му е познато е дека се е ново, а кога информацијата е толку општа и присутна тогаш таа не носи ништо значајно поразлично, само е различно тоа што овој пат новото е помалку ново од претходното ново. Просто факторот на адаптација кој го опшишува Дарвин на долго и на широко, потврдува дека човечката способност да се навикне и адаптира е толку силна што може да се навикне дури и на константна промена.

Денеска да прашањето „Што има ново?“ е тешко да се даде одговор, затоа што во исто време се е ново и ништо не е ново. Да се има толку многу нови работи, значи да се нема вештина како тие нови работи да се прагматизираат и ставаат во употреба и затоа приклонувањето кон традицијата денеска е најавангардното нешто. Затоа што во океанот на промените кои се сеприсутни околу нас, традицијата е најегзотичното нешто.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов