Во книгата Политички говори и јавни настапи покрај тематиката што ја третира наведена во самиот наслов, прво што се забележува е дека пред се делото е поучно и дидактично. Авторот Магдалена Стојмановиќ е посветена на нејзините благородни намери да подучува и на по се изгледа на нејзината природна определеност и интерес а тоа е општествената корисност и практичноста во овој аспект.

Стојмановиќ е посветена на општествено корисни теми и секако на користа и придобивките на човекот од нив. Тоа е и одговор на прашањето што можеби оправдано се поставува затоа – што ја натера да посвети толку внимание на политички говори и јавни настапи на толку во денешно време презрените и секако можеби не сосем искрено ама и величените политичари.

Ова прашање повеќе може да се постави и заради нејзината младост, на нејзини години може да пие во кафана наместо да се занимава со толку сериозни теми кои и при самото нивно спомнување ствараат одбој. Но авторот изгледа е од оние луѓе што се фаќа во костец со предизвиците. Инаку книгата колку повеќе напредувате станува поинтересна, нека не плаши темата и воведите.

Разноликоста на теми и опсервации е толку голема што насловот би рекол дека е оскуден, тешко дека тоа може да го долови и навести иако комплексноста на темите гравитира окулу насловот и тематиката која што ја означува. Покрај главно теоретскиот пристап, (за што може и да и се замери дека текстот е доста теориски со оглед дека книгата е наменета за јавна и широка употреба сепак низ теорискиот сувопарен текст), изобилува и со филозофски, етички размислувања, забележливи се примери од согледби и животни искуства раскажани во поинаков јазик, отскокнуваат како да се отпечатоци од животот и светот врз се уште младата душа.

Занимливостите од филозофијата се релативно присутни ама и етички расправи како што е разгледувањето на односот помеѓу целите и средствата, опсервација која добива поширока и подлабока димензија од појавувањето во политиката. Ова колку за илустрација на тоа дека насловот не е во можност да ја сугерира или да го навести целото богатство што се наоѓа во книгата.

Политичарите и политичките ситуации, моменти, говори и др што се анализираат во книгата се од целиот свет. Се спомнуваат американските претседатели и нивни говори и карактеристики што ги разликуваат, во однос на нашата политичка сцена се јавува и со своевиден опис на шарената револуција, секако во контекст на темата. Се пренесуваат најславните политички говори во историјата, се прават и се пренесуваат психолошки анализи и вивисекции и др.

Во книгата се вели дека политичарите, особено денешните не се идеалисти како на пример Мартин Лутер Кинг ама мора да се забележи дека самата оваа книга сведочи за идеализмот на авторот и за нејзината верба во промени и подобрувања иманентни на човечката природа, независно од конкретните слабости на кои сме сведоци и кои дел во политиката се третирани во ова книга.

Стојмановиќ се занимава и ја разгледува политиката како што тоа го правеле Платон и Аристотел, како наука и само во однос на општеството, ги разгледува нејзините релации и ефектите и последиците, придобивките од нејзината улога и се обидува да ги истакне и поправи аномалиите во нејзините манифестации, улогата на човекот и неговите индивидуални карактеристики како се одразуваат врз севкупниот политички и општествен живот, се добива впечаток дека за авторот, расипан политичар е како расипан алат, средство кое треба да се поправи за да профункционира системот исто како што ги разгледува и современите комуникациски текови и ги нагласува предностите ама и злоупотребите на истите

Ако како што кажа самиот автор на промоцијата на оваа книга, сите рецензенти се јавиле со различни рецензии и интерпретации на делото, тогаш очигледно е дека книгата заради нејзината хетерогеност, севкупност и комплексност на темите и аспектите што се третираат го овозможува тоа, секој може да си мези кај сака, почнувајќи од човечкото во политиката т.е политичарот и неговите корелати од народ како публика или електорат па опоненти и други чинители присутни пред се по социјалните мрежи и др, понатака се занимава со идеали, цели и средства, комуникација, семантика и значење, со типови на говор и реторика итн, (очигледно потсетува на античките филозофи, нели).

Скромно мора да се признае дека авторот е млад брилијантен ум, за тоа има многу докази во книгата. Неверојатно е богата со знаења кое штедро го расфрла.

Автор: Сотир Ристо