Богата по обем и раскошна по својот основен впечаток, ретроспективната изложба на академскиот сликар, професор и критичар Димитар Кондовски (роден во Прилеп 1927-1993) е јасна индикација за неговиот феноменален дострел во обликувањето на формата и минуциозната техничка обработка на деталите.

Оваа изложба дава сеопфатен преглед на Кондовски, таа прикажува нешто старо, кое им претходи на неговите нови интенции, но кое во многу ги задржува основните специфики на своето индивидуално дело. Како еден од основачите на уметничко-графичката дејност во Македонија, тој е автор на многубројни илустрации и сценографии за телевизиски емисии, театарски, оперски и балетски претстави.

Во својот основен ликовен дискурс негува таква концепција на графичка уметност, која може да се означи како современо чувствување на уметниковите внатрешни потреби на духовен ритуал и естетика во изразувањето, вклопувајќи ги во симболична целина на медитативно и трансцедентално поимање на светот.

Со своевидна студиозност во обработката на фрагментот, Кондовски во неговата најкарактеристична апстрактно-геометриска фаза прави синхронизација на дијалогот помеѓу македонската средновековна и византиска народна традиција. Во делата под наслов „Триптих”, „Полиптих”, „Црвениот политпих”, „Портален полиптих”, „Златен триптих”, „Полиптих II” и слично,  најчесто користи комбинација на темпера и злато на панел со фреско загасити тонови, суптилна линија и рафинирана боја, во кои е јасна тенденцијата кон попрочистена симболика на секогаш присутно јадро околу кое се се врти и формира, а тоа е кружниот симбол-дискот, подигнувајќи го на едно општочовечко рамниште и порака.

Со помош на своето математичко и прецизно компонирање на делото, тој совршено успева да ја долови универзалната космичка сила, експонирана низ перфектната симетрија на знакот и симболот. Имено, тука авторот главно внимание му посветува на обработка на орнаментот кој е во колерација со македонскиот фолкор, приопштувајќи мистериозност или осовременување на изразот преку разни идеограмски претстави, доведувајќи го до ниво на тн тотемистички или божествени култни облици кои се поврзуваат со архетиповите од древните цивилизации ( „Невести”, „Невеста во бело”, „Минати времиња”, „Залез”, „Ритмувани парцели”, „Долг тажен ден”, „Мал свет”, „Големиот цвет на јужниот крај”, „Четири годишни времиња” и др.).

Живиот творечки и разновиден дух Кондовски го потврдува со неговиот фасцинантен спектар на ликовни стилски насочености во маслата на платно. Во нив тој се одликува со техничко мајсторство и сигурност во постапувањето на аристократски изведените портрети, мртви природи, автопортрети, теми од секојдневието и сл. Во овие дела авторот покажува дека најсигурно се движи во доменот на фигуративното, појавното, како и концентрирајќи го сето внимание на облагородување на бојата, напластувајќи ја со треперливо и темелно исликување.

Нивниот интензитет го одредува уметниковиот имагинативен свет на светлина, прекршена форма, фантазија и експресивност, кои стилски се блиски на Пикасовиот кубизам, експресионизмот на 20-тиот век и Модиљаниевите портрети со издолжени лица и врат и бадемова форма на очи без емоции, кои во шематскиот приказ повеќе наликуваат на ритуални тотеми („Автопортрет со аждер”, „Портрет на артистот Петре Прличко”, „Портрет на артистот Кирил Ќартошев”, „Жонглер”, „Балкон”, „Прозорец”, „Продавачка на цвеќе”, „Автопортрет”, „Веднаш се враќам”, „Сеирџии”, „Портрет на оперската примадона Ана Липша Тофовиќ”, „Млада жена” и сл.).

Од една страна, овие дела на Кондовски се тонски, тој ги нијансира пастелните тонови комплементарни во едно топло и тивко созвучје каде пулсира неговата вечна преокупација за човековата психологија, а од друга страна пак, во геометриската фаза од неговото творештво тој е изразито рационален и крајно редуциран во изразните средства, кои се ослободени од секакво присуство на хумана содржина.

Феноменот на егзактното математичко и апстрактно создавање може да се согледа и толкува преку неговата појавна симболична страна, како резултат на одреден вид предиспонирана креација, но и феноменот на фигуративното и појавното, може да се протолкува како едно прелеано созвучје на оригиналноста на овој уметник.

Всушност, тоа се две неделиви компоненти, два аспекта на една интегрална целина: психолошко-феноменолошки и ликовно-естетски. Воедно, во Националната галерија Даут Пашин Амам во Скопје во тек е ретроспективната изложба на Димитар Кондовски, изложба која несомнено ги постави темелите на насочување на способностите кај новите и постоечките генерации креативци кон промена на клишеата и стереотипните погледи кон уметноста, декодирајќи и отворајќи нов свет на имагинација и слободен ликовен израз.

Автор: Марија Стојческа