Неодамна во Националната галерија Даут Пашин Амам во Скопје се одбележа ликовен настан што значи нешто за нашата традиција и културна клима. Станува збор за суптилно прикажување на длабока и таинствена реминисценција на далечното, исконско суштествување на еден народ извајано во скулптурите на Анета Светиева (родена 1944 во Битола). Отворањето на оваа ретроспективна изложба со големиот одзив од пошироката публика беше јасен показ за функционалноста на скулптурата.
Самата техника и визуелен впечаток од неа е опиплив и сетилен, со што комуникацијата на делото со гледачот е директна и непосредна. Со извлекувањето и потенцирањето на цртите од лицето, авторката постигнува извесна транспозиција, но секогаш задржувајќи ја конекцијата со фигуративното.
Овие нејзини творби изведени со страст и осет ја доведуваат до висина на симболично значење, достигнувајќи на моменти нешто магично, желба за навлегување во таинственото. На тој начин се добива извесна патина на времето и скриено значење на фолклорни елементи, но и присутен е извесен романтизам при извлекувањето на некои шематизирани форми како одраз на уметниковата состојба на занес и сон.
Обусловена од просторот скулптурата е умешно обликувана под инвенцијата на авторката во евокативно-симболична форма, така што набљудувачот може да ја набљудува од сите страни, оправдувајќи ја нејзината функционална и ликовно-естетска страна. Анета Светиева во повеќето свои дела внесува елементи на нешто што е архаично и енигматично, на контурни индикации што произлегуваат од пластичната или пиктуралната декорација.
Во тие инвентивни решенија на анатомско истражување и меко втиснување со прсти кулминира експресивен гест, ставајќи акцент на духовната енергија на тотемистички претстави кои во својот надворешен дискурс пулсираат со една здрвена и замрзната форма. Масивните правоаголни облици како основна форма-јадро во нејзината скулптура ја содржат симболиката и експресијата на еден традиционален истовремено и современ сензибилитет. Таа го затвора празниот простор со надворешна маса, решена како робустна контура за ненадејно да ја продолжи човечката силуета во стилот на различните варијации од египетските, архаичните и примитивните обредни скулптури кои повеќе се асоцијативни отколку реалистични.
Анета Светиева мошне брзо ја пронајде својата главна преокупација која се содржи во вајањето на портрети и на фигури со посебна наклонетост за поедноставена, стилизирана и плошно решавана форма, акцентирајќи ја продуховеноста и формалната чистота. Таа на еден дискретен и пластично-асоцијативен начин ги изразува своите замисли, допирајќи до извесни состојби на духот и сензации во слоеви на колективно несвесното, отсликувајќи ги човечките траги во времето и просторот.
Импресионирана од конкретната реалистичка стварност и безбројните животни ситуации во кои се наоѓа денешниот човек, авторката создава фигура или група на фигури како дел од животната реалност, некаде пренагласувајќи некои елементи, а некаде недостаток на елементи, оставајќи му на гледачот да си го замисли останатиот дел на фигурата, средината или амбиентот во кој се наоѓа. Со ваквиот приод делото на Анета Светиева спаѓа во реалистично-асоцијативна современа уметност. Таа е уметник, чиј живот и дело не можат да се одделат и кај повеќе генерации македонски уметници, пренесувајќи го и до денешен ден своето богато вајарско искуство.
Историчар на уметност: Марија Стојческа