Во време кога „духовниот индивидуализам“ стана модерен, многу луѓе веруваат дека врските треба да течат лесно, без напор, без искушенија, без предизвици. Поп културата ги промовира слободата и самољубовта како апсолутни цели , но физиката и теоријата на системи покажуваат дека тоа е невозможно. Митовите, како приказната за Ева и Лилит, всушност ја илустрираат истата вистина што науката ја формализира: сложените системи бараат енергија, баланс и интеракција за да опстанат.
Во физиката, како што покажува Пригожин (Order Out of Chaos), системите се поделени на затворени и отворени. Затворените системи тежнеат кон стабилност преку минимизирање на интеракции со околината. Отворените системи разменуваат енергија со околината и затоа можат да создаваат нов ред но се подложни на нестабилност. Лилит ја претставува затворената состојба: автономија, минимална зависност, контрола. Таа не се распаѓа, но не создава нова комплексност. Ева, пак, ја симболизира отворената состојба: интеракција, ризик, триење, загуба на енергија кои се неопходни за развој, но носат загуби и нестабилност. Современите врски често пропаѓаат затоа што партнерите не се во иста „системска фаза“.
Едниот функционира како затворен систем односно минимизира губиток на енергија при што неминовно избегнува длабока врска и поврзаност. Другиот систем е отворен, подготвен да ja трансформира интеракцијата. Како што Берталанфи покажува (General System Theory), асиметричните системи постепено сами себе се деградираат и гушат. Тоа не е конфликт или вина, туку физичка последица на несовпаѓање и неосцилирање на иста фреквенција.
Квантната механика додава уште една појава. Спрегнатоста (entanglement), опишана во парадоксот на Ајнштајн–Подолски–Розен и формализирана од Џон Бел, покажува дека корелацијата помеѓу системите не значи нивно спојување. Во врските, ова ја објаснува разликата помеѓу длабоката интеракција и поседувањето: обидот да се „замрзне“ врската го колабира системот и ја губи комплексноста и тие врски пропаѓаат.
Идејата за „души близнаци“ е слична. Во физички термини, тоа се системи што потекнуваат од исто почетно поле и покажуваат висока корелација. Но, како што забележува Шон Керол (Something Deeply Hidden), висока корелација не гарантира трајна кохерентност.
Судбината на односот зависи од тоа дали системот може да ја апсорбира енергијата без да се распадне..
Секој однос е подложен на раст на ентропијата. Без постојано вложување енергија, внимание, време, емоционална работа, хаосот расте. Популарниот духовен наратив дека „вистинската љубов не бара напор и болка“ во физичка смисла е потполно неточен.
Напротив, ниту еден сложен систем од жив организам до екосистем не може да опстои без проток на енергија. Решението не е враќање кон апсолутна автономија ниту целосно предавање. Физиката го познава поимот на динамичка стабилност: систем што постојано се менува, но останува кохерентен. Во човечки односи тоа значи баланс: слобода што не ја прекинува интеракцијата и љубов што не го поништува своето Јас.
Ева и Лилит не се спротивности што треба да се изберат, туку параметри што мора да се усогласат. Современите врски нема да успеат ако не се разбере ова. Науката и митот заедно укажуваат на една единствена вистина: стабилноста не е отсуство на промена, туку способност да се апсорбира промена без распад. Ако не ја научиме оваа лекција, повторно ќе ја живееме истата приказна, само со нови имиња и во нови тела!
Автор: Гоце Кузески
*Авторот е професор по физика и колумнист 















