Политичките лидери во историјата биле воедно и војсководци и први оделе на фронт предводејќи ја својата војска. Со професионализација на војската и одделување на воената и политичката функција, денеска имаме салонски тип на лидери, кои удобно седат во своите топли канцеларии издавајќи команди колку млади животи денеска треба да згаснат за да ја достигнат потврдата на нивната моќ.

Млади луѓе на фронтови со секој дел од своето тело треперат за својот живот и убиваат луѓе од спротивната страна за кои знаат дека ништо не им погрешиле и не сакаат да ги убијат, дури имаат и повеќе солидарност со изморени и исплашени војници од другата страна одошто со командантите кои издаваат наредби за војување. Ама тие се убиваат меѓусебно инстинктивно, не поради некоја претходна одлука.

Да бевме и малку нормални како што не сме, од голем дел од политичките лидери немаше да правиме споменици и лик на монетите, туку поголема ќе беше листата на оние кои ја делат судбината со Чаушеску.

Од една страна медиумска митологизација на воен лидер во кој е концентрирана целата моќ на планетава – Путин, од друга страна жртвување на целта руска нација и се руско.
Културни санкции од типот – не се свири Чајковски, не се чита Достоевски, не се јаде руска салата, се брише името на Кандински од историјата на уметноста се навистина срамотни одлуки на западот.

Каква врска имаат овие генијални луѓе од историјата со болештината на умот на современиот лидер на Русија? Зошто Путин е повеќе репрезентатив на Русија одошто еден Чајковски? И зошто луѓе од историјата кои се заслужни за цивилизациски напредок треба да бидат озлогласени само поради тоа што делат иста национална одредба со Путин?

Веќе не се знае кој е поболен, волјата за моќ на Путин, западниот ксенофобизам, или ние кои ги величаме едните или другите додека чекаме да видиме дали конфликтот ќе ескалира и нашите животи драстично ќе се сменат.

Се е конечно, само човечкиот примитивизам е вечен.