Протестот за колективни права на Македонците, како ретка глетка во македонскиот политички театар и покрај големиот број на неправди кои системски се прават врз овој народ, на површина ги извади меѓуетничките тензии.

Политичките партии од албанскиот блок немаат намера да се солидаризираат со Македонците и за нив е важно само „Северна Македонија да биде дел од ЕУ“ без разлика на тоа што мнозинството од народот ќе го изгуби својот национален идентитет.

Ни другите народности и малцинства не се за пофалба, но фокусот како и секогаш е на Албанците. Да беа албанските политичари паметни, многу добро ќе знаеа дека доколку се обвистини федерализацијата на Македонија и станеме периферија на управа од Тирана и од Софија нема да се баш „домаќини“ во своја земја како што се сега.

Наместо да ја чуваат својата земја заедно со своите сограѓани Македонци, за жал тие прифатија да учествуваат во негирање на македонскиот народ и што е пострашно македонската држава.

Можеби ќе го одработат сонот за Голема Албанија, но ако во таа нивна ветена Албанија било толку убаво, сега ќе биле во Тирана, а не во Скопје. Можеби треба да се прашаат кој и што би биле во Голема Албанија? Обични политичарчиња кои се лево сметало на централата од Тирана? Нема албанските политичари да ја имаат таа привилегија да се прашуваат буквално за СЕ во Македонија и бидат конститутивен дел од секоја власт. Едноставно, албанските политичари ИГРААТ ЗА ДА ИЗГУБИМЕ НИЕ, НО И ДА ИЗГУБАТ ТИЕ!

Особено ми е жал што оваа политичко милје на размислување, добива примена кај дел од албанското население во Македонија. Но ме радува и фактот што дел од луѓето „не ја пијат политиката на албанските политичари“ како што и дел од Македонците останале нормални, па можат да одредат до каде е границата на политиката, а каде започнува реалниот живот.

Во реалниот живот, ние со Албанците сме жители на една иста дражава и за сите важажт истите услови. Имаме исти проблеми, маки и страдања. Затоа и можеме да имаме многу повеќе заедничко со еден обичен и чесен Албанец одошто со еден апаш од политичар – Македонец. Вредностите кои ги делиме со обичниот народ се многу слични. Јас досега не сум сретнала чесен Албанец кој ме одбил за било каква помош.

Единствено што прави раздор помеѓу нас е политиката. Политичарите се оние кои прават поделби на идеолошко ниво, на политичко ниво, на национално, верско и какво уште не. Буквално секоја власт се раководи по добропознатата максима „Раздели па владеј“. Нивната цел е да не бидеме заедно и обединети со луѓе со кои имаме многу повеќе заедничко одошто различно.

А и што да очекувате од политичарите друго. Тие прават поделби секаде, служат за да делат, даваат, продаваат, распродаваат. Дури и на личносно ниво се разделени. Како другачије, освен со шизофренија може да се оправда тоа што една личност која носи толкава одговорност по функција еден ден кажува едно, штом пукне следното утро, ја менува изјавата. Пас реко, пас пореко.

Сега не е време за поделби, туку време за обединето дејствување и РАЗУМ пред се. Македонците имаат чувства кон францускиот предлог и нивните реакции се водени од чувства, но другите малцинства и покрај тоа што немаат чувства имаат РАЗУМ. Нека си го слушаат разумот и тој ќе ги доведе на истото место каде што ќе бидеме и ние, денеска на протест пред Собранието во 12ч.

Автор: Магдалена Стојмановиќ