Проф. д-р Владимир Трајковски е редовен професор на Институт за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет во Скопје. Добитник е на наградата за најдобар научник од областа на медицинските и здравствените науки на УКИМ за 2017 год.

Професорот Трајковски повеќе од 2 деценции интензивно работи на едукација на нови кадри за работа со деца од аутистичниот спектар и е претседател на едно од најпрестижните научни здруженија за аутизам во Македонија, имено Македонското научно здружение за аутизам.

Член е на разни меѓународни асоцијации како што се: Меѓународната асоцијација за научни студии на интелектуалните нарушувања, Европската асоцијација на сервис провајдери на лица со пречки во развојот, Аутизам Европа и други. Главен и одговорен уредник е на меѓународното списание со седиште во Холандија Journal for ReAttach Therapy and Developmental Diversities.

  • Често на социјалните мрежи може да се забележат повици за учество на вебинари на теми поврзани со аутизмот, во кои се наведува дека услов за учество на вебинарот или онлајн настанот е плаќање на одредена сума на пари, а за возврат се нудат потврди за учество. Но, забележително е дека има и малку податоци за компетентноста на обучувачите на вебинарот и предвидувања за начин на примена на добиената диплома за учество. Каков образовен и стручен профил може единствено да држи такви вебинари и дали постои надлежно регулаторно тело кое ја проверува правилната применливост на дипломите за учество на таквите вебинари?

Проф. д-р Владимир Трајковски: Да, одлично сте забележале дека има чести повици за организација на вебинари за аутизмот и тоа од лица кои немаат никаква допирна точка со аутизмологијата.

На пример, имате здруженија – приватни фирми составени од 2-3 членови (најчесто во семејни односи) кои ниту се професионалци за аутизмот, ниту имаат дете со аутизам се дрзнуваат да организираат вебинари за аутизмот.

Што е уште пострашно и потрагично, по завршувањето на вебинарот, онлајн се нудат сертификати за лица кои не присуствувале на вебинарот за одредени пари (како да е ова продажба и купување на „Зелен пазар“).

За жал има млади колешки и колеги кои наседнуваат и за десетина евра добиваат некакви „сертификати“. Според мене таквите сертификати немаат никаква стручна и научна вредност. Во едно нормално општество тоа е недозволиво.

Во Македонија постојат и здруженија со еден член регистирани на домашна адреса кои исто така сакаат да продаваат „знаење“. Потоа имате скоро завршени специјални едукатори и рехабилитатори или логопеди кои со 1-2 години работно искуство се дрзнуваат да организраат обуки, работилници или вебинари.

Ниту се магистри, уште помалку доктори на науки. Многу е јасно дека сите тоа го прават за профит. За жал државата нема контролни механизми, ниту пак желба да ги санкционира ваквите појави.

Во Србија која е наш сосед и исто така не е член на ЕУ, многу подобро се решени ваквите обуки. Не може кој како сака да организира вебинари и обуки. Мора ресорно министерство да ја лиценцира таа обука.

Кај нас само во здравството, Лекарската комора и Македонското лекарско друштво водат некаква грижа кому и под кои услови ќе му доделат лиценца да организира стручно-научен собир. Да биде пародоксот поголем, ние минатата година во август организиравме онлајн конференција со повеќе од 10-тина врвни гости од странство и немаше кој да ни ја лиценцира конференцијата.

Ми се јавија колеги од Хрвтаска и Комората на специјални едукатори и рехабилитатори ја лиценцираше и сертифицираше таа конференција.

Овде би замолил и би апелирал до Минситерството за образование и наука, да воведе поостри контролни мерки и санкции за сите оние кои се мешаат во тоа што не им е нивна основна дејност. Овој образовен криминал мора да престане!

  • Кои се посебните услови за членство и работа на проекти за едукација за аутизмот во Македонско научно здружение за аутизам?

Проф. д-р Владимир Трајковски: Македонското научно здружение за аутизам постои скоро 22 години и има сериозни професионалци во неговите редови. Составено е исклучително од стручни лица доктори по медицина, специјални едукатори и рехабилитатори, психолози, социјални работници, магистри и доктори на науки и универзитетски професори.

Многу од нив имаат најмалку десетина години стручна работа, а има и доста членови со над 20 годишно работно искуство во полето на образованието и науката.

Се разбира дека имаме и млади членови кои скоро излегле од институтите на Филозофскиот факултет во Скопје, но тие прво го „печат занаетот“ од повозрасните колеги и колешки.

За да се работи на проект прво треба да имаат високо образование стекнато од областа, потоа емпатија за работа со деца и лица со аутизам, да ги знаат основните вештини за едукација и рехабилитација на оваа популација, или да се запишани на насоката Интелектуална попреченост и аутизам при Институтот за специјална едукација и рехабилитација, да знаат добро англиски јазик бидејќи најмногу од проектите ни се реализиираат во комуникација со странци, да знаат добро компјутерски вештини, бидејќи често пати нашата работа се одвива и на интернет.

Кој е основниот критериум и карактеристиките по кои МНЗА се разликува од другите здруженија?

Порф. д-р Владимир Трајковски: Не би сакал да звучам нескромно, но како сакаат нека ме сфатат вашите читатели. МНЗА се разликува прво по стручноста од другите здруженија во областа.

Никое од нив нема толку членови со академски титули и на позиции во високото образование. Ние постоиме и опстојуваме најдолго време во Македонија и даваме сесрдна помош на родителите и семејствата на деца со АСН.

Честопати сме организирале хуманитарни акции. Веќе една година организираме бесплатни вебинари со навистина светски експерти од областа на аутизмологијата.

Овде би ги потенцирал проф. д-р Фред Волкмар од САД, главен и одговорен уредник на списанието Journal of Autism and Developmental Disorders, кој е цитиран околу 66.000 пати во базата на податоци Google Scholar.

За споредба за да видите какви научни големини сме донеле во Македонија, еден од нашите најпознати академици (кого исклучително го почитувам) има нешто над 18.000 цитираности во истата база.

Други гости кои поминаа во минатата година и пренесоа несебично дел од своето знаење беа проф. д-р Тони Чермен од Лондон, проф. д-р Свен Болте од Каролинска институтот во Шведска, проф. д-р Мануел Казанова и проф. д-р Мохамед Газиудин од САД и многу други кои дадоа значителен имапкт врз нашите млади колешки и колеги и секако родителите на децата со АСН.

Сите овие гости главно доаѓаат од првите 100 универзитети на Шангајската листа. Сето ова и тие како гости и ние како организатори го работиме без материјална надомест.

Трета разлика е љубовта и искрениот пристап со кои ние членовите на МНЗА се вложуваме во работата со оваа најранлива категорија на граѓани во Македонија. Во првите десетина години од своето постоење речиси и да немавме проекти и сето што го сработивме беше на волонтерска основа.

Исто така наши членови знаат да дадат совети и консултации на родителите на децата со АСН без никаква наплата на услугите. Ние несебично и непрофиталбилно ја споделуваме науката во Македонија.

Нас не нѐ интересираат сертификати, туку наука во вистинска смисла на зборот.

Нашите вебинари стојат како трајна вредност на официјлниот Јутјуб канал на МНЗА и можат да се следат post festum на следниот ЛИНК. Сигурно има и други разлики кои нѐ одвојуваат од другите здруженија, но едноставно просторот не ми дозволува да ги наведувам сите.

  • Како луѓето да препознаат образовен криминал и чисто лукративни интереси кај мноштвото од граѓански здруженија или организации кои работат на едукација за аутизам?

Проф. д-р Владимир Трајковски: Ова ви е многу оригинално прашање и многу ми се допадна. Луѓето прво треба да видат дали тој што организира вебинар за аутизам има некаква научна позадина во полето, или се занимава со некоја друга попреченост или друга дејност.

Потоа, убаво да ја видат биографијата и позадината на предавачите стручњаци кои се нудат. Сме имале пример кога ни се носеле од Србија некои практичари да предаваат за аутизам, а нивната позадина била сосема друго поле.

Апелирам до младите луѓе да не се залетуваат да плаќаат по 600, 700, или 1000 денари за сертификат, зошто не знам кој тоа ќе им го вреднува при вработување.

Ќе бидам малку груб сега и ќе речам дека за мене тие сертификати се како парче тоалетна хартија. Да сум некој фактор во власта на државава најригорозно би го санкционирал секој образовен криминал, така што не би им текнало повеќе да се занимваат со оваа дејност.

Едноставно мора да има поригорнозни механизми за акредитација и сертификација на семинари, симпозиуми, вебинари, конференции и сл.

  • Што мислите за инклузивно образование? Дали секој може да пристапи и работи со лицата со аутизам, или сепак за тоа е потребна поголема стручност и едукација за правилен пристап и работа со овие лица?

Проф. д-р Владимир Трајковски: Ах, што мислам? Па, не е поставено на здрава основа. Не смее и не може секој да може да пристапи да работи со деца и лица со аутизам.

Секако дека е потребна многу поголема стручност, многу едукации и вистински дипломи и сертификати. Во високоразвиените земји постојат и посебни специјализации за работа со овие деца.

Кај нас има случаи кога на штотуку излезени од студентски клупи им се даваат најтешките случаи со аутизам. Потоа тие млади стручнањци не можат да одговорат на задачите соодветно и на крај се јавуваат незадоволни родители кои со право го критикуваат системот.

Во Македонија многу се импровизира и затоа потоа имате незадоволни, фрустрирани родители кои се мачат од ден на ден како да го едуцираат своето дете или како да дојдат до квалитетна здравствена заштита, како да добијат подобра социјална заштита и како да имаат поквалитетен и подостоен живот, бидејќи и тие како невротипичната популација имаат ПРАВО на вистински квалитетен живот.

*Интервјуто со проф. д-р Владимир Трајковски го спроведе Магдалена Стојмановиќ