Во новото издание на „Мој збор“ разговараме со Жане Николовска за една уметност што повторно го освојува просторот меѓу традицијата и современиот дизајн – плетењето како моден израз и културен белег на Македонија. Во време на брза мода и масовно производство, рачно изработените парчиња облека носат приказна, идентитет и личен печат што ја издвојува нашата модна сцена.

Со Николовска отвораме прашање: може ли токму плетивото да стане темел врз кој ќе се гради препознатлива, автентична македонска мода? Зборуваме за процесот на создавање – од првата инспирација и изборот на материјали, преку дизајнот и техниката, до финалната реализација на едно уникатно парче. Колку време, знаење и љубов се вложуваат во секој бод?

Во емисијата посебно внимание посветуваме и на одржливоста – на важноста од рециклирање и преправање на стари материјали, како и на преплетување на постоечко плетиво во нови форми. Дали токму враќањето кон рачната изработка и одговорната употреба на материјалите може да биде одговор на современите еколошки предизвици?