Науката е професија. Актерите во науката се научници кои поминуваат низ образовни филтри и се стекнуваат со стручност и компетенција за работа во научно поле, но и тие поминуваат фаза на социјализација.

При фазата на социјализација ги прифаќаат карактеристиките на улогата „научник“ кои се видливи преку надворешни индикатори како што се на пример – облека (лекар носи бел мантил и ракавици), додека внатрешните индикатори се вредностите во кои припадниците на улогата (научник) веруваат (на пример – објективност, проверливост, вистинитост).

Науката исто така е институција бидејќи во рамки на научна заедница важат правила до кои учесниците треба да се придржуваат. Внатре во институцијата исто така има улоги и хиерархија. На пример „генерален директор на СЗО“ е хиераркисха поставеност во рамки на управата на институцијата, а секој од членовите на СЗО има звање и улога во административниот систем.

Исто така, науката претставува општествен потсистем кој постојано реагира и предизвикува реакција кај другите потсистеми во општеството. Науката го менува начинот на живот дури и на индивидуално ниво, но го менува и начинот на општествена и групна организација. Науката, пак, подлежи на влијанија од страна на другите општествени сфери, како што се медиуми, политика, економија, образование, технологија и сл.

Што се однесува до конкретниот однос на науката со етиката, факт е дека прогресот на науката и научниот тек во голема мера зависи од етичките стандарди присутни во науката. Исто така, етиката станува потолерантна кон науката бидејќи и таа на некој начин се сциентифицира.

Уште од времето на Џорџ Едвард Мур (1903) и неговите обиди да и даде систематски основи на етиката почнува нејзината сцентизација. Научниот карактер на етиката докажува и како научната парадигма пробива низ филозофските дисциплини и го менува нивниот јазик, метод, терминологија, логика, параметри и сл.

Исто така, политиката ја „инструментализира“ науката преку финансирање на научната дејност. Кога развојот на науката не би зависел од фондови и финансии, научниците би биле слободни.

Тие не би морале да работат на ангажирани истражувања, но во тој случај и не би морале да даваат извештај на јавноста. На тој начино можно е науката да се претвори во затворен круг, академија со апсолутно слободни аристократии чии езотерични истражувања немаат никаков импакт врз животот на секојдневниот човек.

Откако науката се професионализирала таа покажува многу поголем прогрес од порано, токму бидејќи движечката сила на научниците е директно менување на општеството и човекот и уживање на општествените привилегии.

Автор: Магдалена Стојмановиќ