Хранарина во висина од 2400 денари за секој студент во превод значи „Не им треба образование, еве им леб и игри“.

Состојбата со високото образование во Македонија не мора да се коментира, погледнете ги само рангирањата на УКИМ како најпрестижен универзитет кај нас во споредба со другите од светот, ма многу е светот, од регионот.

Во целата маса од проблеми кои го демнеат високото образование, МОН виде проблем во „неухранетоста“ на идните студенти.

Општоприфатен е фактот дека без храна нема живот, ама еден од најголемите просветителски умови Жан Жак Русо вели:

„Не давајте им риба, научете ги како да ловат“.

Ако еднаш им дадете риба, тие нема да бидат гладни некое време, ако ги научите сами да ловат риба, нема да бидат гладни никогаш.

Обидот на МОН да направи добро дело кон студентите , се карактеризира како „добра случка во погрешно време, на погрешно место“.

Поголем предизвик на МОН во овој момент би требало да биде – зошто студенти кои се школувале на буџет масовно заминуваат од Македонија?

Се потврдува ли изреката дека држава со ваква младина нема потреба да се грижи за иднината на Германија?

Кој е мотивот на студентите да се квалификуваат, ако платите на неквалификуваните и платите на квалификуваните се изедначени?

Кој е потребата за високо образование, ако не се отвораат работни места, туку расте стапката на невработеност додека паралелно со тоа се увезува работна сила?

Што ќе му кажете на еден млад, амбициозен човек, полн со надежи и верба дека дипломата која ќе ја добие како потврда за неговото образование нема да му значи ништо во Македонија, но и надвор од неа.

А ако има знаење, нема да има каде да го употреби бидејќи знаењето не е тоа што просперира во корумпиран систем?

Како ќе ги лажеме децата дека ќе станат академски граѓани? Ќе им креираме слика на сериозни лица со актовки кои внатре се празни – нема пари, нема ни идеали?

Ќе им ја кажете ли вистината дека е подобро да бидат студенти кои ќе живеат зависни од буџет даден во вид на хранарина, позајмен од ММФ, наместо да се водат (помалку достоинствено) како корисници на социјална помош или невработени лица, кои на крај ќе ги обвините дека е нивна вина што не се квалификувале навреме?!

За што ќе го прогласите образованието во Македонија, за несреќна случка или волја на Господ за да не мора никој да одгвара?!

Пу, пу, не се важи, дајте друго дете, се додека лажги со опашки опстојуваат?!

Дајте им на студентите храна и малку игрички, ни случајно немојте да им направите саглам преводи, да им направите читални, да им ги опремите библиотеките и лабораториите, да им ја зголемите платата на професорите и да им го вратите достоинството!

Обезбедете си гласови на родители на кои им е голема помош да им ги нахраните децата што за многу кратко време по студиите ќе ги испраќаат на аеродромите раштркани по бел свет!

Магдалена Стојмановиќ