Во брак бев 20 години. Од бракот со мојот сопруг имам син. Поминавме многу време заедно, во добро и во лошо. Но во последните неколку години јас престанав да му обрнувам внимание. Се посветив на синот, а откако тој порасна и на себе.

Сметав дека не сум направила доволно во животот за себе, па решив да се свртам малку кон своите успеси. Во суштина бев љубоморна колку мојот маж е способен и сакав да се наметнам како важна фигура во семејството и јас.

Сакав мојот син и мене да ми се восхитува и мојата околина и на мене да гледа на ист начин како на него, бидејќи за жал мојот животен успех го гледаа само како мајка и негова сопруга.

Моето занемарување кон сопругот траеше долго и мојот натпревар со него. Се додека еден ден не дојде и ми соопшти дека сака да се разведеме затоа што е лудо вљубен во својата партнерка, односно во тој момент негова љубовница.

На почетокот сакав да останам ладна и достоинствена и да не и покажам значење на неговата љубовница. Иако бев многу љубовморна на нејзиниот изглед, успеси, интелигенција, години, не сакав да го покажам тоа отворено.

По некое време сфатив дека врската помеѓу нив е сериозна и дека сега е доцна да се борам да го задржам својот сопруг. Се обидов на сите начини да му ги вратам емоциите кон мене и да ја тргнам неа од нашиот брак, но не успеав. Уште повеќе ме повредуваше тоа што тој ја земаше нејзината страна, ја штитеше од мене, а мене ме понижуваше и одвраќаше од себе.

Така поразена, одлучив да се разведам од него и да задржам и тоа малку достоинство што ми остана. Иако денеска живеам во удобство и имам други партнери, многу ми е жал што дозволив бракот да ми се распадне.

Не е виновна љубовницата, туку мојот ладен однос кон него. Тој е само човек кој сака да биде од некој уважен. Таа не е подобра мајка од мене, не е ниту поубава, ниту попаметна, ниту попосветена на семејството и домаќинството. Едноставно таа му даде важење, кога тој се почувствува заборавено и обезвреднето од моја страна. 

Никогаш не сум му кажала „благодарам“ за се што правиш за мене и никогаш не сум била свесна колку е тој важен за мене и нашето семејство. Сега знам, ама сега е доцна.

Затоа ве советувам да ги сакате и почитувате вашите сопрузи, бидејќи кога друга ќе го цени и сака повеќе од вас, веќе ќе ви биде доцна!!!

*Текстот што го добивме по инсистирање на читателката останува анонимен