Мила Тодоровска од Дом за стари и изнемоштени лица „Сончев Дом“ секојдневно води грижа за старите лица. Нејзината желба да им помогне на старите лица и да работи со оваа категорија на луѓе, ја однела на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што ги усовршува своите знаења што и се потребни за пружање на стручна помош на старите лица. 

Мила Тодоровска е успешен студент на Медицинскиот факултет во Скопје и секојдневно е посветена на процесот на социјализација, нега и интеграција на старите лица во општеството и е една од ретките млади луѓе кои покажуваат амбиција да се занимаваат токму со старите лица.

Во интервју за Мој збор Тодоровска откри, што сè се подразбира под секојдневна грижа и нега на стари лица, што можеме да направиме за поголема интеграција на старите лица во општеството, ни помогна да разбереме со кои проблеми се соочуваат старите лица и како тие може да придонесат во општеството.

1. Кое лице се смета за старо лице? 

Мила Тодоровска: Старо лице е секое лице со навршување на 60тата година од животот. Најчеста категорија на луѓе кои што се сместуваат во нашата установа се над 70тата годишна возраст и главни причини за сместувањето се 24 часовната грижа и нега (медицинска грижа, хигиена, топол оброк, социјализација преку разни индивидуални и групни активности).

2. Кои се правата на старите лица? Што се подрзазбира грижата за стари и изнемоштени лица?

Мила Тодоровска: Старите лица се еден важен дел од нашето општество на кoj треба да им се посвети големо внимание и грижа. Тие се темел за нашето постоење. Нашата установа на старите лица се труди да им се пружи поквалитетен и подстоинствен живот.

Како што нагласив на претходното прашање нашата установа нуди: 24 часовна грижа и нега, одржување на хиегиена на старите лица (пресоблекување, бањање, секојднево средување), како и давање на терапија препишана од доктор, нивна социјализација.

Старите лица имаат различни права во нашата држава во зависнот од нивната здравствена состојба, на пример: паричен надомест за помош и нега од друго лице, право на мобилност, право на слепило, право на глувост, право на користење на ортопедско помагало, право на користење на пелени и сл.

3. Дали домовите за стари и изнемоштени лица се подобра варијанта за старите лица одошто да живеат во средина каде се изолирани од семејството, не се води за нив доволна грижа или живеат сами?

Мила Тодоровска: Од моја гледна точка како лице кое секојдневно сум опкружена со постари и ранливи лица сметам дека установата за стари лица е подобра варијанта не само за изнемоштените лица кои нема кој да им посветува доволно време и внимание од своето семејство туку и за старите лица кои се во добра здравствена состојба. Во нашата установа му се посветува на секое лице посебна очит, љубов и внимание.

4. Со кои прихолошки проблеми се соочуваат старите лица? Дали се чувствуваат помалку вредни, непожелни за општеството, дека се вишок за општеството, можеби се чувствуваат изолирани?

Мила Тодоровска: Во изминатиов период се соочуваме со голем проблем кој психолошки влијаеше врз нашите корисници – станува збор за пандемијата од Ковид 19 кој го промени светот.

Кај корисниците најмногу се појави период на депресија, изолираност бидејќи не можеа да бидат долг период во директен контакт со нивносто семејство како најкритична категорија.

На одреден дел од старите лица не можевме да им ја доловиме новонастанатата состојба од Ковид 19 и кај нив се појави чувство дека се непожелни од нивните најблиски, дека не доаѓаат да ги посетуваат поради тоа што ги заборавиле.

5. Како старите лица може да придонесат во општеството и како да ги интегрираме повеќе?

Мила Тодоровска: Старите лица одсекогаш играле значајна улога во општеството како водичи, заштитници и чувари на традицијата.

Постојат разни здруженија, организации каде што старите лица после нивното пензионирање може да се вклучуваат, во разни активности со цел да им се пополни нивносто слободно време и да се чувствуваат корисни во општеството.

На пример: да им помагаат на своите деца во чувањето на внуците, изработка на ракотворби од кои можат да имаат заработка од истите, хортикултура, одгледување на разни домашни животни, обработка на земјиште и сл.

Интервјуто со Мила Тодоровска го реализираше: Магдалена Стојмановиќ