Љубовната врска е во основа иста со врската која ја имаме со најдобриот другар. И со партенерот, како и со другарот, ги делиме соништата и стравовите, тагата и радоста, маките и предностите. Единствената разлика е во тоа што со партнерот го делиме и креветот. Арно ама живееме во време кога е се потешко да се воспостави здрава и трајна љубовна врска, а за тоа си има неколку основни причини.

Првата причина е што, како и за се друго, прво забораваме дека животот е еден, а потоа и дека е многу краток. Работата е што веќе е прекасно, како во песната „Enjoy yourself (it’s later than you think)”. Кажано во стилот на Бил Хикс, животот е како возење со луда железница. Си има свои искачувања и падови, кружења и кружења, возбудувања и смрзнувања, многу светли бои, галама, а и забавно е, ама сето тоа e за кратко и во еден правец. Поради сета таа живописност ние забораваме дека возењето е кратко и со карта во еден правец. Па така себеизлажани дека возењето ќе трае до бескрај или дека после ова ќе има ново возење, си мислиме дека имаме време да ја одложиме љубовта за некои подобри времиња. Или пак ако веќе сме во врска, наместо да уживаме, решаваме она малку време што останало да го арчиме на непотребни проблеми, на суети и површни материјални „потреби” (желби). А последново пак не носи на наредната причина.

Втората причина е што потполно ја баталивме скромноста. Скромноста не е промоција на сиромаштијата. Скромноста е способност да се прави разлика помеѓу вистински потреби и површни материјални „потреби” или поточно желби. Разликата е во тоа што вистинските потреби ни се малку, а желбите безброј. Кажано во стилот на Хозе Мукиха, ние создадовме планина од такви површни „потреби”. Наместо здрав живот, топол дом, сигурност, здрави врски со фамилија и пријатели, побитни ни станаа скапите автомобили, алишта, ресторани, хотели. Џим Кери вика дека може ќе ви дојде како шок, но и по остварување на сето тоа, дури и повеќе од тоа, пак може да бидете несреќни, оти побогу, не е во тоа работата. А трчањето по површните потреби, по желбите, е гаранција за несреќа. Тоа е така затоа што, како што објаснува Мухика, ние тие работи не ги купуваме со пари. Тие работи ги купуваме со време потрошено од нашиот живот да ги заработиме тие пари. А животот не се купува со пари, тој станува само пократок и пократок. Трагедијата е во тоа што за површни потреби, го трампаме животот. За еден стек колиме цела крава. И кога на крај ќе се свестиме за тоа, фрустрацијата и несреќата се неизбежни. Така и во љубовните врски, наместо вземната почит помеѓу партнерите, побитни ни станаa скапите поклони. Наместо верност и посветеност, побитни ни станаа скапите вечери во егзотични ресторани. Наместо со кој сме, побитно ни стана кај сме. Достоевски вика дека човек кој е посветен на задоволување на тие површни потреби не е слободен човек. Тој е роб. Ние толку многу им робуваме на овие површни потреби што ја трампаме љубовта за нив. Се најдовме во ситуација кога воопшто не ни започнуваме врска оти немаме за скапи поклони. Ако пак веќе сме во врска, се наоѓаме во ситуација да ја растураме врската оти не сме во можност да одиме во скап ресторан или во некој егзотичен хотел. Во крајна линија се најдовме во ситуација кога сме во скап хотел со пет ѕвездички, на некој егзотичен остров, ама изневерени, понижени, мизерни, но со “совршена” заедничка слика на Инстаграм со илјадници допаѓања на која глумиме среќа. Станавме тажни и осамени генерации со среќни слики. А може да биде и обратно. Наместо хотел со пет ѕвезди, може да биде хотел со милијарда ѕвездички. Летна ноќ во шатор во најблиското планинско село и тоа верни, почитувани и вистински среќни, притоа без никој да знае. Но не, толку и робуваме на таа замислено, „совршена” површност што без неа не можеме да се трпиме, што пак не носи на наредната причина.

Третата причина е што не сме толерантни. Во таа „идеална”, замислена, „совршена” површност границите се строго и тесно поставени. Скап подарок, луксузен ресторан, егзотична храна, „совршена” слика… Нема таму место за толеранција. Или има, или нема. А проблемот со идејното, замисленото, совршеното, дури и кога не станува збор за оваа површна, забегана „совршеност” е тоа што таа реално не постои. Таа постои само во нашите глави. Особено е тоа точно кога се во прашање луѓето. Не постојат совршени луѓе на начин како што ние си ги замислуваме. Секој си има по некоја мана. Има една психијатриска анегдота која вика дека не постојат нормални луѓе, ами само непрегледани. Трикот за успешна врска, без разлика дали е тоа деловна, фамилијарна, пријателска, е да ги толерирамe туѓите мани исто како што другите ги толерираат нашите. Само во таква ситуација врските може да траат. Нормално толерантноста си има свои граници. Има една граница која е универзална за сите видови врски и по некоја дополнителна и специфична за секој вид врска. Онаа универзалната е социјалната функционалност. Додека човек е „самоодржлив” во општеството, додека функционира во заедницата, сите мани може слободно да се толерираат. А онаа дополнителната граница која е специфична само за љубовните врски не носи на наредната и последна причина.

Последната причина е неверноста. Неверноста за љубовната врска е тоа што за другарската врска е предавството. Причината поради која предавството е убиствено не се евентуалните материјални последици. Напротив, причината е душевната траума. Помислата дека сте пострадале од некој за кого сте влегувале во оган. Од некој чиј товар, чија мака, чиј стравови сте ги носеле и на ваш грб. Тоа е она што не се премостува. Така и кај неверството. Физички на партнерот, ниту пак на вас, ништо не ви фали, како во онаа излишана изрека, не е сапун да се потроши, арно ама душевната лузна е голема. И таа периодично пече ко кај стара скршеница при промена на време, чисто да ве потсети. А што се добива со неверството? Што ново се открива? Некоја нова техника во креветот? Баш денес кога буквално ништо не се крие? Кога се е видено и испробано? Или можеби задоволство од помислата дека можеме да смениме сексуален партнер? Но тоа не е ново открите. Цел животински свет е способен да менува. И така се ставаме во ситуација да трампаме некоја нова техника во кревет, која тешко дека ќе биде нова, и по милијардити пат да докажеме дека секој со секој може да има однос, со партнер на кој секогаш и во се можеме да се потпреме. Чудна некоја математика.

Затоа не одложувајте и не арчете време непотребно. It’s later then you think. Сакајте се. Сакајте се сега, сакајте се несовршено, сакајте се со скромност, толеранција и верност.

Автор: Саше Јанчев