Почетокот на дваесетиот век, време кога македонската уметност доживува значаен подем се појавуваат одделни творци кои се навраќаат на минатото, уметници кои со својата креативна интенција не конвергираат кон прифаќањето на новини од сликарска природа особено не кога е во прашање експериментот, туку остануваат доследни на својот автентичен ликовен дискурс. Токму во таа констелација на современите текови во македонското сликарство во својата стилска определба не отстапува темпераментот на уметникот Петар Мазев (роден во Кавадарци 1927-1993) чија главна преокупација е апстрактната и асоцијативно-експресионистичка нота, но мошне голема флексибилност изразил и во прифаќање на разни особености од други ликовни правци во уметноста. Всушност тоа претставува одраз на една специфична естетика и сликарски јазик кои наизглед непостојани го објаснуваат темепраментниот и немирниот дух на сликарот.

Станува збор за уметник чиј ликовен курикулум е априори содржан со добро познатиот стилски правец на апстрактен експресионизам, но во лавиринтите на неговото истражување има отскокнувања кон иновативни решенија во нефигуративен и апстрактен јазик во тн неговата „бела сакрална фаза” во која до израз доаѓа продуховеноста и спонтаноста за својата медитативна опсесија. Имено, творечката енергија во овој опус е во колерација со изборот на несликарски и сликарски материјали, но е и израз на една мисловна димензија изразена со помош на белата боја во корист на естетиката помеѓу тривијалната обвивка и внатрешното жарење. Поимот на белото во оваа фаза треба да се толкува како метафора, просветлување и осветлување кое не само што е некаков експеримент со краток рок на траење, туку во текот на неколку децении од експеримент се инфилтрира во парадигма. Во тој контекст е неговата изјава:

Сакам сликата да ја доближам до иконата, ѕидот, вратата. Да ја доловам патината на времето што оставило свој белег. Белото кај мене не е сосема бело. Има нечистотија каква што има на тие предмети.

Всушност, белината како извор на светлина му помогна да ја разоткрие интимноста на неговите чувства, вербата во некаква моќ што ќе го запре пустошењето на времето и природните феномени, но и незаборавната белина на неговото детство поврзано со родниот град Кавадарци.

Во творештвото на Петар Мазев мошне впечатлива е слободната палета на интензивни бои,на чисти хроматски површини со кои се добива експресија на нервозно разградување и кршење на формата со извесно асоцијативно дејство. Неретко, целото платно го покрива со мрежа на широки ленти црна боја кои се резултат и израз на неговата насоченост односно на уметник на потсвеста, моментот и инспирацијата.

Страста ја оживува со користење на полно хроматски бои кои често директно ги нанесува на платното, и на тој начин создава една суптилна приказна поврзана со пра-културите која добива нов ликовен израз во сегашноста. Сето тоа укажува на формирање на постојано пулсирачка и грчевита арабеска во која е вткаено сето она што Мазев сака да го претстави. Воден од внатрешен имуплс, тој бојата ја избира спонтано примајќи ги надворешните сензации на еден современ начин и не губејќи ја врската со перцептивниот свет во една симболична форма. Покрај енформелните апстрактни созвучја во неговите дела видливи се и директни асоцијации на средновековната култура и на исконскиот македонски пејзаж во кои ја достигнува својата контемплативна моќ во минималистичкото користење на бојата, во мотивите како што се на пример: магијата на манастирите, старите порти, конаците, црвоточното дрво на иконите и сл.

Може да се заклучи дека Петар Мазев е доајен на македонското сликарско милје длабоко поврзан со рефлексите на своето поднебје, енергија која е сконцентрирана во транспарентно длабоко отсликување на своето битие и тоа не само во фигуративниот немирен експресионистички кодекс, туку и во апстрактната смиреност на белата боја, нејзините варијации и комбинации со разни материјали.

 

Автор: Марија Стојческа