Искра Донева е македонска писателка и поетеса со инспиративна животна приказна. Нејзиното име, натуралистички го отсликува нејзиниот карактер и нејзиното битие.

Таа е искра на животот која и покрај личната борба со церебрална парализа што со години достоинствено ја води, им помага и на лицата со пореченост во унапредување на нивните права и стандарди.

Искра е автор на неколку поетски збирки меѓу кои „Говорот на срцето“, авторка на хаику поезија „Небеска раскрсница“, „Лазарополски хаикуа“, „Татко“, како и многу други.

Со своето творештво и општествено дејствување Искра испраќа јасна и длабока порака која никого не може да остави рамнодушен, особено не во поглед на разбирањето на убавината на животот.

Искра е борец кој секогаш ја гледа и пренесува во комуникацискиот етер „светлата страна на животот“.

 

  • Што гледаш кога носиш „розови“ очила, што кога носиш „сиви“, а што кога не носиш очила? И која перспектива ја пренесуваш во своето творештво и ја потенцираш во својот живот?

Донева: Јас сум родена со искри во очите, борец и за себе често знам да кажам дека сум реален оптимист.

Големината на моите соништа е она што ме мотивира да ги надминам сите препреки. Така што, оптимизмот е во основата на мојата личност.

Јас сум како спортист кој уште на самиот старт ја гледа целата патека пред себе што треба да ја изоди и таа глетка е она што ме мотивира.

Со „розевите очила“ ја гледам целата величина која ми е определена со самото раѓање, а тоа е да бидам со факел во раката, да бидам роден победник во сите околности, да ги осветлувам животите на другите луѓе и да ги менувам, да ги исполнувам другите луѓе и да ги натерам да ја најдат и својата смисла. 

Едноставно верувам дека се е возможно ако се сака искрено и од срце!

Сивите очила, пак ми ја покажуваат сета апсурдност на времето и местото во кое живееме, сите неправди на кои сведочиме. 

Ме болат неправдите и тоа што моралните вредности, барем според кои сум јас воспитувана, се сосема пресвртени.

Најмногу од се ме повредува тоа што оние што се трудат и вредат не се доволно ценети, да не кажам дури се потценети, но сепак верувам дека доблеста, знаењето, емотивната интелигенција и љубовта, сепак на крајот ќе победат.

Кога не носам очила,кога нема никаква диоптрија, тогаш е се како една празна страница во која сепак се зависи од нас самите да си ги испишеме и активностите и она што го оставаме како личности зад себе и она што го посакуваме, но сепак сметам дека треба повеќе да му подариме на овој свет за тој да може да ни возврати.

  • Дали твоите творби се „обраќање“ кон читателот и разговор со имагинарниот пријател од аспект на другост или запишуваш мисли и чувства – ја оставаш душата да води разговор со самата себе?

Донева: Во творештвото ја имплементирам онаа оптимистичка верзија и визија во која најискрено верувам и таа ми е водилка која едноставно ме мотивира да досегнам до најпосакуваните височини.

Во моето творештво водам разговор со „внатрешното јас“, со сопствената душа, со сето она што значи живот, љубов, копнежи и оптимизам. Верувам дека секој еден човек поминува низ истите емоции токму затоа се многу привлечни и за останатите читатели.

Ако се работи, пак, за љубовна поезија, таа е посветена само за ЕДЕН читател.

  • Колку разликите помеѓу луѓето се привидни и постојат само во умот на луѓето? Доколку можеш да дадеш универзална дефиниција за „човек“ како ќе го дефинираш?

Донева: Има убавина во тоа што секој човек е различен. Колку што има луѓе, толку има и различни битија од кои веднаш ќе научиме да ги почитуваме тие разлики и да се почитуваме меѓусебе.

Ако направиме предност од тие разлики, тогаш навистина го сфаќаме огромното богатство што тие ги носат.

Јас од најрано детство сум се научила да ги жнеам тие убавини, да им се радувам, да ги надоградувам и се што правам креативно да правам врз основа на таа различност, да се гордеам и со мојата различност и во тоа да ја гледам уникатноста на секој еден мој здив, на секој еден мој збор, на секој еден мој гест на споделување и ширење љубов.

  • Наброј ми неколку реални причини според тебе поради кои човек треба да биде горд во животот?

Донева: Човекот, јас мислам дека е најсовршеното суштество на кое му ја има дадено планетата Земја привилегијата да живее, тука на неа и самата можност дека ние сме се родиле.

Самото тоа што шансата ни е 1:200 милиони сперматозоиди покажува дека животот и човекот е совршен подарок кој не би требало да го отфрламе и би требало да го живееме во полна смисла на зборот.

Според мене човекот е создаден за труд, за креативна работа, за исполнување, за уживање во природата и во сето она што го создал, само ако успее да си ги победи негативните и мрачните сили во себе. Верувам дека секој тоа го може!

Човек може да биде горд на себе, ако е искрен со себе, ако се познава себе доволно за да може да владее со себе си, ако се бори со намера да се надограува и надминува себе си секој ден, секој еден миг, во секој нов подвиг.

Мислам дека човек треба постојано да работи на себе и да биде свесен за своите можности, да ги поместува своите граници затоа што тој е производ на креација кое и тоа како заслужува да биде покажана на светот.

Може да биде горд и ако оставил нешто за друго битие и за целото човештво. Поради тоа ги почитувам големите умови како што се физичарите: Ајнштајн, Њутн, Тесла и сите такви научници кои со своите изуми придонеле да живеме онака како што живееме денеска. 

Во најмала рака, ако не можеме да го промениме светот, можеме да го промениме сопствениот или светот макар на една личност. Еднаш е доволна и една насмевка тоа да се случи. Честопати сум била сведок на нејзината моќ.

Човек може да биде горд и на своето потомство и своите деца. Начинот на кој ги воспитува или им помага да тргнат по својот пат затоа што тоа е исконски запишано во нас да си го продолжиме генетскиот код.

  • Издвој ми неколку стихови од твоите песни, кои според тебе се најмногу автобиографски?

Копнеж 

Ти што седиш на клупата во паркот,

не биди замислен и тажен,

не биди тажен, само за тоа што

сите те гледаат како да си некое

светско чудо и те исмеваат.

 

Остави ги, тие не знаат како е,

како е да бидеш како птица затворена

в кафез, која тажно пее и надежно

копнее по својата слобода.

 

Не тагувај, можеби и меѓу нив

има некој што те разбира и ќе ја подели

твојата мака со тебе.

 

И ти вредиш нешто, ако си инвалид,

затоа не давај никој да ти ги скрши

самодовербата и надежта што ги имаш во себе,

затоа што тие се основоположници на

твојот живот.

 

Биди храбар и бори се докрај,

само со тоа ќе докажеш дека си еднаков

со другите и во ништо не се разликуваш од нив.

 

Којзнае можеби еден ден и тебе ќе ти се

насмее среќата и ќе те облее со грзд топлина,

можеби ќе се ослободиш од цврстите окови

на ѓаволот и злото,

и ќе ја видиш светлината на животот по која цел живот толку копнееш.

 

Не губи надеж, зошто таа трпеливо те очекува,

а кога ќе ја добиеш никој не ќе може

да ти ја одземе.

 

Заборави ги мислите што те мачат и ти создаваат

само бол и рани кои бескрајно те печат,

затоа остави го и заборави го твоето

болно минато,

моли се на Семоќниот Господ Бог и надевај се

дека тој ќе ги чуе твоите молби и ќе ти помогне.

 

Затоа биди храбар, избриши ги солзите и речи си:

МОРАМ ДА ПОИТАМ, МЕНЕ МЕ ЧЕКААТ

СРЕЌАТА И СВЕТЛИНАТА НА ЖИВОТОТ!

 

Галебот

 

Се е мирно,

мислите залутале,

но галебот во мене не мирува,

тој се вивнува во височините

за неотповикливо да ги освои

со својот возвишен лет.

 

И како само крилјата ги шири,

и замавнува со нив,

заграбувајќи дел по дел

од бескрајната небесна шир,

ко виртуоз што со занес плени.

 

Ветрој му пркосат,

слобода мила и живот безгрижен

во вртлози да сомелат,

но тој е безстрашен в таа шир

што за него живот значи.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ