Во мултумедијалниот центар, стамбен објект и симбол на бруталистичката архитектура за култура и уметност Барбикан во Лондон, Англија во тек е изложбата на иранската уметница Сохеила Соканвари (родена во Иран, но живее и работи во Англија) под наслов „Ребел Ребел”, имено наслов од познатата песна на поп музичарот, артист и актер Дејвид Боуви, кој оваа уметница го користи во поинаков контекст.

Од концепциски аспект, станува збор за една специфична современа 3Д инсталација-виртуелна реалност на искршени парчиња стакло во кои видливата реалност ја претставува низ калиграфско-компјутерски генерирани слики.  Основниот мотив којшто го предочува е комеморацијата на икони од феминизмот во Иран од предреволуционерниот период, на контрадикторното живеење на овие жени во еден експлозивен период меѓу либерализам и репресија, во постојана потрага по слобода и бунтовност.

Авторката прави обид моделот што е пред неа да го долови во сета негова природност и опуштеност, секако со претензии за што подлабоко навлегување во карактерот на личноста, што претставува една од основните квалитети што воопшто може да ги поседува еден портрет. Покрај тенденцијата за фотографска реалистичност во приказот на овие личности, забележлива е одредена магична атмосфера низ прецизната контурна и чиста линија на фигурата.

Меѓу другото, треба да се истакне дека основниот белег на овие творби е богатото чувство за боја. Веднаш паѓа во очи чистиот и заситен колорит, кој во компактни партии ја ткае целата површина на платното. Поетичната и симболичната вокација што се огледа во орнаменталната декорирана позадина, која потсетува на калиграфски симболи, ја потенцира ведрината и расположливоста на ликовите судирајќи се со скулптуралниот, како со туш, изведен цртеж на женските фигури кои знаат за свое изолирано постоење.

Покрај магичниот реализам и симболизам, тука мошне е впечатлива и една поп-артистична нота, особено, во иконографскиот дискурс и идеал на бунтовен дух кој е за восхит и кој пулсира од овие портрети изведени во временска рамка за подобра иднина.

Сето ова ја отсликува идејата на Соканвари за утопистичката визија за еден поинаков Иран, каде жените живеат слободно, неврзано, а нивната индивидуалност е неодолива.

Орнаментирањето и интимната поетска содржина во сликите ја доловува со употребата на традиционална техника на темпера од јајца поставена на телешки калап и со мелење на пигменти во боја, што ќе и даде вредност на ниво на модерните илуминации или украсно цртање. Оваа збирка е составена од 31 минијатурни портрети како симбол на љубовен труд во персиската уметност, како и медитативен, длабок почувствуван и внимателен обид да го воскресне изгубениот свет на силна и слободна иранска жена.

Потаму, овие дела се прикажани без имиња и биографски информации, повеќе како симболи поставени во темни рамки наспроти зелен мурал со испреплетени геометриски кристали. Она што е уште посензационално е златното осветлување и гласовите на ирански пејачки кои помагаат да се создаде атмосфера слична на транс, со цел да го разоружа гледачот и да овозможи подлабоко размислување за приказните на овие жени.

Всушност, во тој мирен и и занесен амбиент на Персиските џамии со современ ликовен третман ги отсликува црно-белите портрети како пресечени од стари фотографии и вметнати на платното, но и интензивното црвено и зелено на деталите во сликата ја симболизираат уметноста на тапетите и персискиот килим од 70-те години на минатиот век. Почитта на Соканвари кон иранските феминистки се темели на нераскажаната историја, која е фундаментална во сегашноста и претставува поттик за обликувањето на нивна подобра иднина, како што ќе изјави, цитирам:

Го гледам проектот како клучен во приказната за иранската култура. Почувствував дека овие жени брзо стануваат заборавени и од суштинско значење беше за мене тие да бидат овековечени, за да се обезбеди алтернативен наратив на Иранките за нова публика.

Извонредно пријатниот впечаток од оваа изложба, посебната свеченост за окото, се должи на осведочените напори на Сохеила Соканвари да ја отслика иранската жена како модерна, но и како релевантен потсетник за тешките и фатални последици со кои се соочуваат Иранките во потрагата по сопствената автономија со децении.

Автор: Марија Стојческа