Имаме ли воопшто право да се шокираме од неагилниот однос на инситутуциите во пожарот? Ние на кои ни е нормално да гледаме уморни работници кои работат за мизерна плата, без определен број на денови за одмор по закон, над 40 часа неделно без никаков надомест, саботи, недели, празници и делници.

На нас на кои ни е нормално да ги гледаме македонсите газди како богови на земјата затоа што возат скапи коли на пропаднати улици и кои на работниците со години не им дале никаков покачување, а да не зборуваме дека им исплатиле К15.

Нам ни е нормално криминалците да ни бидат на управувачки позиции, да се местат тендери, познанствата и социјалниот капитал да ни вредат повеќе од кое било образоваание и вештина. Имаме ли право да ни е чудно нешто ако со години веќе партиската книшка вреди многу повеќе од индекс?

Криминалот во Македонија е секојдневие, од глава до опашка.

Ситен или крупен, се едно е, каде има криминал, таму нема сила законот. Газдите ги крадат работниците, работниците ги крадат газдите, се оправдува се со борба за преживување, уште владеат фамилији иако во Македонија никогаш немало аристократија и ништо друго освен селани повлечени во планина.

Имаме ли право да се чудиме кога немо гледавме егзодус од државата преку одлив на мозоци, сега се шокираме што деца генијалци не ни добиваат награди од МОН, а си го премолчевме студирањето на ќерка му на Димитров.

Што очекуваме кога единствен начин да се побуниме на неправдата ни е твитер профил зад кој немаме храброст да застанеме со име и презиме оти си го премолчуваме и тоа дека има јавна репресија и дека еден коментар на социјални мрежи засекогаш те обележува како државен непријател.

Навистина не ни требаат нам ниту државни непријатели, ниту соседите, да ја изгубиме државноста, за нацијата е веќе доцна и да размислуваме.

Сами ќе се укинеме, ќе изгориме во некој пожар и ќе не однесе некоја поплава. Тогаш ќе бидеме вистински пример на библиска земја во која Господ пратил поплава да се исчистат сите гадинки.