Кога станува збор за сиромаштијата, сеедно дали акцентот се става на глобално, национално или локално ниво, не треба да се заборави, барем на неколку работи. Имено како прво може да се каже дека сиромаштијата има своја историска димензија. Со појавата на нееднаквоста и диференцијацијата на заедницата на слоеви, класи итн. се јавува и сиромаштијата и еве таа останува и опстојува до ден денешен. Вториот момент е дека овој феномен не е специфика, односно карактеристика само на неразвиените, средно-развиените земји, туку и за развиените и високоразвиените индустриски и постиндустриски општества.

И, третата (намерно не се навлегува во елаборација на многу други особености), сиромаштијата на пониско ниво на психосоцијален план кај одредени граѓани, групи, слоеви и цели заедници, претставува своевиден систем на блокада, сопирачка поради што тие не можат да се ослободат од неа! Напротив, тонат се подлабоко и таа само се проширува и продлабочува. Имено, сиромаштијата на индивидуален план (покрај другото) на пример, претставува затворен круг во кој многу лесно се влегува но, за жал никако или сосема инцидентно – ретко се излегува. Затоа што сиромаштијата поради ограничените или отсутните можности за заработка предизвикува, покрај останатото и слабо здравје.

Натаму ги ограничува или во целост го блокира стекнувањето на соодветно образование, кое е еден од најбитните услови за вработување и следствено-адекватна заработувачка. Исто така, предизвикува ниска мобилност во општествената структура која, пак, понатаму претставува основа за проширување на кругот на сиромашните и на сиромаштијата воопшто. И во овој контекст, таа постепено кај новоосиромашените и веќе традиционално кај сиромашните слоеви, создава и еден посебен вид култура, на посебни обрасци на културно однесување.

Поради недостиг на редовни и на релативно пристојни приходи кај сиромашното население, нема, ниту може да има соодветни цивилизациски стандарди за стекнување соодветно образование, хигиена, исхрана, култура итн. Тие се затвараат во себе, во своето семејство, околина, населби, формирајќи посебни субстандардни населби, гета. Најчесто кај истата категорија на луѓе се јавува страв од животот, од утрешниот ден… Има уште еден особено интересен момент од феноменот на сиромаштија, имено, тие сиромашните, од веќе познатите причини се изразито фрагментирани, немоќни, во било кој апсект на животот.

Кај нив не се забележува а се чини ќе треба уште многу време да се почне со нивна политичка структурализација. Тие и самите можеме да видиме, до сега се појавуваа на политичката сцена само како гласачи. Не се, а и неизвесно е времето кога ќе бидат во состојба да се формулираат како слој, класа, интересна група или како своевидна институција. И, затоа постојниот статус на сиромашното и уште повеќе бедното население, сега за сега, освен во некои западноевропски земји (скандинавските) е чист индивидуален ризик, приватен проблем, лична несреќа. За воља на вистината иако сиромаштијата зафатила значителен дел од македонското население, иако прпорционално поголемиот дел од ова неселение е жртва на структуралното-економско и политичко преструктурирање од 90-тите години наваму.

Во натамошниот текст ќе укажам на уште два фактора кои по мене и моето скромно мислење ми наликуваат дека имаат универзален карактер. Од еден извештај на Азискиот институт за развој, во кој се анализира порастот на бруто националниот доход, гледаме многу интересни тенденции не само во развојот на овие азиски земји, туку и на феноменот на сиромаштијата. Имено, таму се презентира телеграфски речено, како земји кои постигнаа спектакуларно економско ниво на развој (Сингапур, Тајван, Јужна Кореја, Малезија), покрај другите мерки, пред се, од економски карактер, нови технологии, либерализација на пазарот на работна сила итн., авторитарниот начин на владеење и управување со земјата, во согласност со традиционалната култура, направиле најголем напредок во сузбивањето на феноменот на сиромаштијата. Овие земји на „економски чуда “ имале многу помала регулатива (значи во суштина биле недемократски) за слободниот пазар отколку модерните демократии. А тој недостиг на регулативи го компензирале со флексибилност.

Очигледно, „предозираната” демократија при преминот од еден во друг систем, дала исклучително позитивни резултати во сузбивањето на сиромаштијата. Не знам дали грешам но сепак ми се чини дека и ние со „наеднаш” внесената демократија во сеуште доминантниот самоуправен, авторитарен систем на размислување и практика, не даде добри резултати на овој план. Затоа што во текот на ткн. транзиција, преминот во цивилно општетсво во развој, процедурите и процесот на политички консултации (кога секој граѓанин има сопствено посебно мислење за се и сешто) на изготвување, предлагање, усвојување и реализација на одредени програми и проекции, се доби нешто спротивно од очекуваното.

Имено, во таа демократска процедура, особено во контекст на преструктурирањето имаше премногу губење време, процедурални формалности и нивна злоупотреба. Се покажа дека е точно дека кај нас предностите на плурализмот и демократијата, во минатите години ги попречуваа или, имаше случаи и на очигледни избегнувања, да се усвојат и да се реализираат програми за намалување или стагнација на сиромаштијата.

СИРОМАШТИЈАТА НА ИНДИВИДУАЛЕН ПЛАН, ПОКРАЈ ДРУГОТО, ПРЕТСТАВУВА ЗАТВОРЕН КРУГ ВО КОЈ МНОГУ ЛЕСНО СЕ ВЛЕГУВА НО, ЗА ЖАЛ, НИКАКО, ИЛИ СОСЕМА ИНЦИДЕНТНО И РЕТКО СЕ ИЗЛЕГУВА!

П.с. Би сакал да изразам голема благодарност до г-дин Јордан Јовановски (пензиониран Социолог) кој долги години работеше во социјалната сфера и даваше огромен придонес кон унапредување на истата, па така даде придонес со сугестии и за оваа колумна!!!

Автор: Душко Миновски